Паскал Гилевски. „Зоја“ ПРОЛОГ (Од дневникот на војводата Васил Чакаларов) Сабота, 17 мај 1903. Брезницка Планина. Уште взори со Пандо Кљашев и Дичо Андонов слеговме во селото Брезница и влеговме во куќата на Стерка каде што ги повикавме сиромасите и цел ден им дававме расписки за да можат да земат по малку брашно или жито од селата Габреш, Косинец и Д'мбени. Мнозина смрдешани нè нападнаа и викаа против нас и нè обвинуваа дека поради нас било изгорувањето на Смрдеш. Ние поднесувавме сè, но почнаа да нè напаѓаат и оние на кои ништо не им изгоре. Најмногу викаше и пцуеше Илија Озорлиев кој немаше куќа и живееше кај Ването Прешленков, чија куќа не изгоре. Па дури си дозволил да кажува најбезобразни приказни на пазарот во Билишта, за што ме известија Косинци. А сега кога научил дека им даваме помош на бедните и тој ја пратил жена си. Јас ѝ реков дека ќе им дадам, но ако дојде сам Иљо, а тој за да не го пропушти случајот, стигна моментално. Откако го испитавме, му удривме еден добар ќотек и го пуштивме да оди да им раскаже на Турците... Вторник, 20 мај 1903. Лисец. В зори нè известија дека пристигнаа војводите Иван Попов, Митре Влаот, Стерјо Ташков, Кољо Добрилски и Биолчев, со дружините, потоа дојдоа Циљо Какалчев со осум-девет д'мбенци и Лазо Киселинчев со Колето Шиндев од Косинци; се поздравивме сите, бевме околу сто и петнаесет души. Цел ден кроевме план како ќе влеземе во селата Псодери и Желево и како ќе постапиме, па дојдовме до следното решение: утре, уште взори, ќе влеземе во овие две села, ќе ги заземеме црквите и таму ќе ги уловиме виновниците. Во Псодери ќе го фатиме младиот поп Ставре и грчкиот учител (роден во Горенци, а името не му го знам) и двајцата ќе ги осудиме на смрт. Поп Ставре се обвинуваше како предавник, а и како донесувач на грчките владици во Битола, Лерин и Костур, и како најблизок човек на грчкиот конзул во Битола. Сета кореспонденција и усните општења меѓу Коте, конзулот и грчките владици се вршат преку поп Ставре, а учителот се осудува на смрт како предавник, тој го предаде Тимјането Марков од Вишени (на друго место во дневникот треба да сум забележал), а во Желево да се осудат Никола Бодур, како предавник за време на Ивановата афера и како непоправлив човек, Стојан Лупчов, осуден уште од Гоце Делчев како посредник и пренесувач на писма од грчкиот владика Каравангелис во Костур и како деморализиран човек и другар на Коте; Наум Ендриув да се истепа зашто не се јави кога беше повикан. Сите по ред споменати лица се поддржувачи на грцизмот. За исполнување на овие решенија, се разделивме во две групи. Јас и Пандо Кљашев, со половината четници, заминуваме да ја извршиме операција во Псодери, а Лазо Поп Трајков и Розов заминуваат со другата половина во Желево... Вторник, 24 јуни 1903. Шестеово. Иван Попов стигна до Шестеовските лозја и од него дознав дека Лазо Поп Трајков и Пандо Кљашев биле во Жупаништа. Уште в зори шестевени ни соопштија дека Шестеовската Бука е полна со аскер; останавме сами и не знаевме на каде да фатиме и да излеземе од селото. Домаќинките на куќите почнаа да плачат и да нè молат да излеземе, но јас не дозволив излегување зашто ќе бидеме забележани од аскерот на Кондороби. Погледнав низ биноклот кон височината и видов Турчин караулец со бела качулка на глава. Не можеме да излеземе, реков, ќе нè здогледа Турчинот караулец, бидејќи постојано ја вртеше главата ваму-таму и ми се виде дека има и бинокл в раце. Ги дадовме своите торби и сите книги и пари на Ристовица Јанчова и се подготвивме јуначки да се сретнеме со смртта. Дојдоа и другите селани и ни рекоа дека аскерот ја претражил шумата при што некои селани најдени таму биле претепани до смрт откако ги соблекле. Напишав писмо за Лазо и Пандо за положбата и токму при затворањето на писмото забележав дека Турчинот караулец со бела качулка на глава е всушност огромен белоглав орел кој во тој момент замавта со крилата. Тоа бил неговиот клун што мене ми изгледаше дека е бинокл. Нејсе, удривме да се смееме. Најпосле бевме известени дека се работело само за десетина луѓе аскер, кои дошле да трескаат на бачилото и соблекле неколку селани. Пратив писмо до Пандо и Лазо во кое ги канам што е можно поскоро да дојдат да се сретнеме во Апоскеп. Но писмоносецот се врати вечерта и ми кажа дека не ги нашол во Жупаништа и дека заминале во Мањак. Ние заминавме за Апоскеп, а Иван Попов со четата остана во планината. Четврток, 26 јуни 1903. Габрешка Планина. Овде спокојно престојувавме преку целиот ден, а вечерта кога си појдовме, поминавме и низ Локвата и ги посетивме гробовите на паднатите јунаци во судирот од 31 мај. Оттаму заминавме за Смрдеш каде ја посетивме ранетата Гавровица Митрушка, која нè пречека со особена радост. Откако ѝ дадов една лира како помош на оваа бедна и оголена страдалница, отидовме кај Гаковица Чакаларова, кај која се лекуваше Стерјо Стерјовски, ранет на четири места во битката од 31 мај. Тој јунак кога нè виде летна од радост; му дадовме церови за раните (левата рака уште не му е заздравена). Потоа заминавме за В'мбел, каде што нè чекаа двајца селани за да нè одведат на местото определено за средба со Штабот (со Груев и Сарафов). Но не се сретнавме, зашто им било соопштено дека ги предале во Билишта, и откако ни оставиле писменце кај најблискиот овчар, заминале за Бесвинската Планина. Веднаш тргнавме и кај нив пристигнавме взори. Петок, 27 јуни 1903. Бесвинската Планина (Бинорово). Заедно со Груев и Сарафов беше и Кокарев со четата. Со нетрпение чекавме да ги слушнеме новините од Штабот, за евентуалната помош за настраданите Смрдешани и воопшто за цело Костурско, но попусто. Груев зборуваше едно, а Сарафов друго. Од кажувањата на Груев се подразбираше дека востанието одвај ќе може да биде оваа година, а Сарафов ни рече дека најдоцна до 15 јули ќе имаме востание или во спротивен случај тој ќе се повлече од Штабот и ќе работи како што ќе знае. Груев многу ладно се претстави, посебно пред костурчани, од единствената причина зашто сакавме востанието да биде што е можно поскоро. Зборувавме за многу прашања и тие вечерта заминаа за Преспа, а ние кај В'мбелската Планина. Сабота, 28 јуни 1903. Б'мбелска Планина. Овде ги донесовме следниве решенија: да се изгорат куќите на предавниците за предавството од 21 јуни. Да се убие Стојан Жајков од Брезница, зашто стана одметник и зашто заедно со Коте ја нападна куќата во Брезовица за да ме убие мене и Кљашев; сега тој се прибрал во селото и заедно со некои гркомани од Смрдеш прават тефтери што сакаат да им ги предадат на грчкиот владика. Од селото Смрдеш да се осудат неколку души зашто вршеле претрес за да го најдат ранетиот Стерјо Стерјовски и да им го предадат на Турците, а и затоа што јавно викале и го пцуеле Комитетот. Гичовци и Каранџовци сите станале предавници и дејствуваат со грчкиот владика, за да го подноват грцизмот. Костурскиот владика отпуштал 100 лири, што им ги предаде на Каранџовци за да ги раздадат само на гркоманите. Го задолживме војводата Крашков да ги изврши овие пресуди, а ние заминавме низ Костенаријата за Нестрам за да ги уништиме мудирот и предавниците, а со писмо ги известивме Иван Попов и Митре Влаот да се сретнеме во Жупаништа. Заминавме за Смрдеш. Вторник, 1 јули 1903. Жупаништа. Овде не најдовме ниту еден од војводите и затоа им напишавме да дојдат што е можно поскоро. Решивме двајца од нас да заминат за Костенаријата, а двајца за Пополе. Денес добивме повеќе писма со различна содржина. Кај мене дојде Кирјако Трповски огорчен донемајкаде! Кирјако им се пожали на Лазар Поп Трајков и на Пандо Кљашев и побарал казна за виновницата. ПопТрајков, како началник на Костурско, ги толерира безобразностите на сестра си Грозда, а Кирјако поради тоа се тревожи страшно, а има и право, зашто ние таквите ги казнуваме, а кога луѓето ја гледаат таквата неправда, сестрата на еден од началниците да остане неказнета, како тогаш тоа население да не негодува! Кирјако си замина со тага на срцето. Среда, 2 јули 1903. Мањатскиот Орман. Овој честак е прекрасен за криење на комитите. Вечерта очекувавме да пристигне и Иван Попов; требаше да направиме распоред за нашето движење и да се разбереме со Лазар и Манол. Меѓу другото, јас отворено му реков на Лазар Поп Трајков за сестра му Грозда, дека тоа не можеме да го толерираме и дека ни го урнува авторитетот пред населението кое знае колку е таа расипана, а ние тоа го трпиме. Лазар малку се навреди и се забележуваше возбуда во неговата душа, а ми одговори дека таа треба да биде убиена, но не сега, туку кога ќе се вратам од Пополе. Таа беше осудена уште порано, а покојниот Москов велеше: "Ќе ја обесиме на сретсело на врбата". Тоа решение не беше исполнето тогаш, зашто чекавме да се ослободат од затвор Имбето и Доне Шекеров, но Лазар Поп Трајков, кој во тоа време беше в затвор, беше ослободен побргу, и таа работа му ја оставивме нему. Вторник, 8 јули 1903. Одре Планина. Кога видовме дека селаните од Сничени нема да ни донесат леб, пративме седум-осум момци во Амиз-беговата Одре Планина да земат седум-осум овни или кози од Власите (од Грчка Блаца) и да ги испечиме. По два-три часа момците се вратиле и донесле седум јарци заедно со влашкиот овчар, а го довеле и турскиот полјак на Амиз-бег, прочуен ѕвер по тие села! Дојде Кљашев и ми кажува: "Момците не само што донесоа јарци, ами го уловија и турскиот полјак". Јас бев изненаден. Токму тоа размислував вчера и им реков на момците да одат да го чекаат во заседа полјакот, па ако помине да го фатат. А ете, го фатиле без заседа! Отидов да го видам и што ќе видам! Триесетгодишен човек, со раце до под колена, грбав, со еден збор, вистински орангутан. Ту-ту! Бре! реков, зар од овој трепереле сите! Но тој, макар и таков, пак ја покажа својата дрскост. Сите се собраа околу него и секој имаше голема желба да го удри и да го мачи. Го спасив со многу викање. Го прашав од каде е и ми одговори: "Од Грлени су, се викам Шемо Асанов, имам четириесет години, женет, имам две ќерки и син". Брат му се викал Јачо, едноок и најлош човек на светот! Пандо Садов и уште еден четник ги пративме во Сничени да донесат леб. Патем фатиле еден овчар покрстен на име Кољо. Штом му кажал Пандо дека сме го фатиле Шемо, тој рипнал од радост и веднаш се најде кај мене. Кога се видоа со другиот овчар, Коста, се поздравија зашто се познавале. Кољо без да се плаши од Шемо, како другиот овчар, се сврте кон него и извика: "О, Шемо... Што мислеше, дека ќе ги фатиш комитите, е, е, е! Ете ги фати сега! Ќе ти кажам кому ти крадеше овци и кому си ја вртел пушката!" (И без да бара дозвола, Кољо зеде еден штик од момците, отиде кај него и почна да го бие и му вели: "Кажи бе куче, зошто ја фативте некни онаа жена од Оловреди? Ја фативте или не?". Шемо си призна дека ја фатиле и ја обесчестиле заедно со Сенко полјакот од Л'ка. Тоа ги вознемири и другите момци и почнаа да го тепаат. Одвај го спасив, оти требаше да биде способен за одење и да нè одведе кај Сенко полјакот од Л'ка. Решивме вечерта да одиме да го фатиме и Сенко и двајцата да ги уништиме, а со тоа да всееме страв меѓу турското население и меѓу полјаците. Беше наредено Шемо да го одведат до едно блиско дувло, да го убијат и да го фрлат внатре. Го гледам околу мене како се врти Кузо Темелков од Тиолишта со штикот ставен на пушката. "Оди и ти да мушнеш!" - му реков. Тој истрча со голема радост. Но кога требало кај дувлото да го убијат, се чу истрел од пушка, така што жив го турнале во дувлото. Кога ми го кажаа тоа, земав две јажиња и отидов таму. Во дувлото го спуштивме Кузо од Тиолишта, со една свеќа, и го најде со голема мака. Штом го виде, Шемо му рече: "Дај ми ја раката, да излезам!" Кузо му вели: "Кажи колку христијански жени си фатил и дали си ја фатил онаа жена од Оловради?" Шемо му одговори: "Ја фатив, пет каурки сум фатил!". Кузо почна да го боде, а Шемо вика колку што го држи гласот: "Ја фатив, ја фатив!" И така се сврши случајот со Шемо. Го натрупавме одозгора со големи камења и го оставивме таму за вечни времиња. Недела, 20 јули 1903. Дреновски Осој. Рано изутрината дојде Липо Лекаров и ни донесе едно окружно писмо од Штабот во кое ни пишува за денот на востанието. За наше големо чудење видовме дека ни пишуваат дека ноќта спроти 21 јули (значи вечерва) се објавува востание во цела Македонија. Тоа многу нè зачуди и нè изненади, зашто не допушта никакво време за да ги направиме потребните распореди. Како и да е, се зафативме со распоредите. Решивме да пратиме во Костур по двајца луѓе и во четири часот по полноќ да ги потпалат аништата. Наредивме да се пресечат телеграфските жици и издадовме кратко окружно писмо со кое го објавивме востанието. Вечерта заминавме за Апоскеп, а оттука Розов замина накај Загоричани, Кљашев накај Блаца, а ние со Лазар Поп Трајков, со Поповата и Стерјовата чета тргнавме накај Костур. Веќе се зазорува, а Костур сè уште не пламнал. Понеделеник, 21 јули 1903. Апоскепска Планина. Овде се собравме, Апоскепската, Жупаниската, Тиолиската, Поповата и Стерјовата чета. Сите околу сто души. Од Костур се вратија сите и ни рекоа дека не им било возможно да ги потпалат аништата, бидејќи Костур бил преполн со аскер. Потоа Лазар Поп Трајков тргна накај Д'мбени, а јас со сите чети тргнав за Шестеово; на Митре војводата му пишав да се приближи до Вишени, а на Кљашев му пишав да е готов да нападнеме од десната страна со Блачени и Черешничени, а во Вишени пишав да се нападнат аскерите одвнатре; на Попов му кажав да излезе од Бапчор кај Вишени, а и четите на Стерјо Ташков во верига настапуваа кон Вишени. Патем фативме триесетина Турци ги врзавме и ги поведовме со нас, а аскерите го видоа тоа, но Петрето Шестевенски грмна по нив, а ги нападна и Наумо Желински со дружината. Аскерите кога се најдоа помеѓу неколку огнови почнаа да бегаат на разни страни. Кога влеговме во Вишени убивме многу аскери... Четврток, 14 август 1903. Врбица. Решивме да ги распределиме маузеровите пушки и да тргнеме за Невеска, да влеземе со особена церемонија. Колку што почнавме со распределбата, чувме залпови откај Кајнак. Погледнав со биноклот и што ќе видам! Илјадници аскери. Тие влегоа во Черешница и ја изгореа, стигнаа во Прекопана и ги запалија преостанатите куќи. Беше седум часот кога Турците со сите сили, заедно со топовите, тргнаа накај нас; сила голема, излишно е човек да се спротивстави и да ги троши патроните, кога таа сила не може да се разбие. Среда, 27 август 1903. Кономладска Планина. Од разни страни добивме писма тукуречи со иста содржина: насекаде исплашените селани, старци и чорбаџии се готови одново да им се покорат на аскерите и на грчкиот владика. Всушност многу села го направија тоа. Аскерите кои се утврдени во Бесвина, отишле во Брезница, ги собрале сите семејства од Смрдеш, Косинец, В'мбел, Врбник и од други села и им дале да закачат бели барјаци во знак на покорност. Особено кога се расчуло дека четите божем се оддалечиле, мнозина и на лево и на десно викаа: "Нашето веќе се сврши; началниците избегаа и нè оставија сами во огнот!" Ужасна положба! Ние не сме помислиле на такво нешто. Ние сме тука! Четврток, 28 август 1903. Брезницко Кале. Отидов да видам и да се ориентиран по движењето на аскерите какви мерки ќе треба да преземам. Токму кога слегов на рамното, при црквичето го сретнав Гушлев со неколку косинци, зедов коњ и отидов на караулата, се загледав и ги видов веригите од аскери кои беа насочени накај нас, а не беа далеку. Дадовме со Кљашев наредба за општо отстапување, зашто местото никако не ни помагаше за борба; отстапивме накај Црна Шума, а аскерите се собраа над Габреш во месноста Локвата. Нè известија од Косинец, Д'мбени и Лобаница дека Турците одново ги нападнале селата и убиле уште неколку старци што ги нашле дома. Ги откриле сите подземни скривалишта, а особено во Д'мбени аскерите и башибозуците извршиле страшни безобразија. Едно четиринаесетгодишно жупаниско момиче, на име Доча, четири души ѕверови го обесчестиле и сите се изредиле врз несреќното момиче. Исто така и аскерите утврдени во Бесвина, според проверени сведоштва, обесчестиле сè што е женско над 13-гидишна возраст. Четврток, 4 септември 1903. Денско. Уште взори тргнавме накај влашкото село Денско (натаму веќе почнува Епир). Тоа се состои од околу сто куќи. Денско е расположено на едно ритче и од сите страни е опколено со чудесни букови и чамови гори. Селото го чуваа три-четворица Турци кои откога разбраа дека доаѓаме се испотепаа од бегање. Со особени церемонии, со развиени знамиња и со песни влеговме во селото и сите Власи, мажи, жени и деца излегоа да нè пречекаат. Ги построивме момците до црквата, јас одржав говор, а воздухот се пареше од извиците: ура! Заедно со востаниците и Власите викаа ура. Се расположивме во црковната авлија и таму ни изнесоа леб, а потоа заминавме во гората откај исток, каде Власите ни донесоа 19 печени овци. Потоа се упативме накај турското село Мирославци. Во селото пристигнавме во еден и пол часот и во него најдовме само една старица со истрижана коса полугола, обвиена во парталав душек: беше вистинско чудовиште; момците ѝ го дрпнаа прекривачот за да се смеат со неа, таа како мачка се заштитуваше, ѝ велевме да излезе надвор, бидејќи ќе ја палиме куќата, но одбиваше и сакаше да остане внатре. Се виде дека намерно ја имаа оставено за да ја запалиме, но сметав дека е подобро да ја оставиме жива. Востаниците и тука се најадоа мед и грабаа сè, што требаше; селото се состоеше од тринаесетина куќи, кои беа како палати, преполнети со жито и богатство. Му удривме оган и тргнавме накај планината Горица, а таму и преспавме. Петок, 5 септември 1903. Грамос. Утринава му реков на војводата Стерјо Ташков да прати во селото Грамос една група жупанци која ќе ги натера Власите да ни донесат леб. Му кажав дека со петнаесетина момци ќе поминам низ селото, а потоа откога ќе ни се придружат, ќе се искачиме на врвот на планината Грамос. Така и сторивме. Веднаш кога се искачивме на врвот забележавме една група башибозуци и веднаш почнавме да отстапуваме, а тоа ги окуражи нив и почнаа како ѕверови да трчаат по нас. Фативме пусија. Во еден момент станав и се стрчав со намера да ги приберам и да ги распоредам момците. Моето станување Арнаутите го сфатија како бегање и уште повеќе се потсилија и безброј куршуми паѓаа зад мене. Кога тие се наближија уште повеќе, момците се исплашија и не сакаа да им се спротивстават. Вчерашните херои се преобразија во страшливци и треба човек со сила да ги тера да се придружат на своите војводи и да си ги заземат местата; некои од нив дури натепав, а по некои стрелав во воздухот со револверот за да ги исплашам. На војводите Стерјо Стерјовски и Кољо Добролиски им наредив да ја држат десната страна и во верига да слезат дури до реката. Од левата страна ги пратив Стерјо Ташков и Коста Здролов, и така Арнаутите останаа полузатворени, само со еден премин пред себе. Ако Стерјо Ташков ја извршеше докрај мојата наредба овде ќе испоубиевме многу Арнаути. Како и да е, ги нападнавме јуначки и тие се најдоа во тесно. Кога видоа дека ќе им нема спас, до пред малку храбрите Арнаути удрија да бегаат, а краиштата на нивните фустанели им се дигаа нагоре, им ги покриваа главите и потсетуваа на перчелницата на ветерница од силното бегање. Повеќе не се видоа на каде фатија. 1. Во октомври 1911 година, додека пратеникот на бугарската влада Димитар Ризов водеше разговори со српските политичари во Белград, закажувајќи скорешна средба меѓу претседателите на двете влади Иван Гешов и Милован Ѓ. Миловановиќ во врска со поделбата на Македонија, која уште се наоѓаше под турско ропство, во Сетома, мало село на пет километри од Костур, се разгоруваше големата љубовна страст на петнаесетгодишната Зоја. Таа беше убава како русалка; нејзината долга светла коса во лесни прамени ѝ се брануваше на рамената, очите, благо засенчени од извитите клепки, ѝ зрачеа маѓосно, опнатите стрелки на веѓите како да беа пишани со сагија, усните ѝ гореа со сочен руј, лицето ѝ цутеше во белина и прозрачно руменило, ставата ѝ беше стројна, фиданбојлија, го привлекуваше на себе секој залутан поглед; кога се насмевнуваше, на полните образи ѝ се појавуваа две мали длапчиња, што ја правеа уште помила. Нејзината чудесна убавина веќе ги имаше наткрилено синорите на околните села Апоскеп, Шестеово, Тиолишта, Вишени, Кондороби, Личишта, Блаца, Дупјак, Черешница, Прекопана, а се беше прочула и во градовите Костур, Хрупишта и Кожани. "Колку убава мома!" - велеа вчудовидени жените од другите села, кога ќе ја сретнеа Зоја на пат кон полето. "Таа е Зоја од Сетома!" - додаваа оние кои веќе ја имаа видено. "Каква мајка беше таа што ја роди!" - си шепотеа сите восхитено. Мажите и момчињата ништо не прашуваа, но штом ќе ја видеа, чудни морници им полазуваа по снагата, колената им потреперуваа, чекорот за миг им подзапираше. Така беше и со Вангел Мијалков, клисарот и пцалтот на селото. Тој имаше дваесет и некоја година, беше висок, јадар и крепок, со мургава и кадрава коса, од која едно перче постојано му паѓаше врз убавото чело. На левиот образ носеше бележит знак, една мала бенка. Вангел прв почна да страда поради Зоја, и повеќе ништо не можеше да го смири. Тој се качуваше на камбанаријата и громко ја биеше камбаната, небаре на тој начин ѝ праќаше некаква таинствена порака на Зоја, во нејзиното моминско одајче или во полето. Зоја ги слушаше звуците на камбаната, но тие не допираа до нејзиното срце. Таа беше свесна за својата ненадејно расцутена убавина и не обрнуваше внимание на погледите на мажите, ниту на восхитот на жените и девојките. Мајка ѝ Лена Чочева, со радост но и со спотаена вознемиреност и со страв ја гледаше како бујно се развива, и плашејќи се од уроци, заедно со својата слепа мајка, бабата Кузевица, навечер откако Зоја ќе заспиеше, спопаруваше јагленчиња и лесно ѝ го прскаше лицето, кое во успиеноста добиваше уште поволшебен, месечев изглед. Зоја благо се насмевнуваше во сонот, одвреме навреме ќе затрепереше, како да се наоѓа во прегратката на некаква неизвесна сила, која помамно ја милува по нејзините соблазниви разоблини. - Се плашам, мамо, ѝ велеше Лена на слепата старица. - Зошто? Јас не гледам, но ги слушам луѓето кои зборуваат дека момичето расте како самовила од приказните. - Не се плашам толку од маѓии и уроци, продолжуваше Лена да го искажува својот неразборит уплав, загрижено гледајќи ја успаната девојка, - туку да не ја заведе ѓаволот. - Секоја вечер ќе ѝ фрламе јагленчиња, а ќе најдеме и други иљачи и марифети. Ќе побараме да ни донесат ежова трева која отвора дури и букагии. Старицата се замисли, потоа приспомнувајќи си нешто, додаде: - Исечи ѝ едно локме од косата, стави парче саќе со мед и сушена мирудија, потоа пет-шест зрна јачменово семе, и направи ѝ амајлија. Тоа ќе ја чува од секакво зло. А на челото натаври ѝ едно алтанче. - Се плашам од спаијата Али... - одвај изусти Лена, како да оддаде некаква голема тајна, која не смееше да ја каже ни пред себеси. - Што велиш, мори ќерко, позеде старицата; колку што знам, тој е удомен, си има жена и четири деца. - Море чека уште едно, рофја да го удри. Туку во последно време не само што тој го врти мустакот кога ќе ја здогледа и во темното око му светнува чудна искра, ами и нашата недоветна мома, гледам, не го трга бргу погледот од неговото барџаво лице. Се потресувам од вкрстувањето на нивните погледи! Лена стана, ја покри разголената полумесечеста раменица на Зоја и продолжи: - Кога работиме во полето, штом го чуе тупањето на неговиот коњ, таа затреперува, се штрекнува, ја остава за миг работата и се загледува во думанот што се крева зад него. А кога сме дома и пред нашите прозорци ќе одекнат копитата на неговиот тежок коњ, таа го остава ѓерѓевот или преѓата и истрчува крај џамот. Коњот, слушам, подзастанува, тупоти малку на исто место, се подига на задните нозе, зафрчува, виска и пак продолжува. Чувствувам дека и нејзиното срце тогаш тупоти како копито на коњ. Ах, тој проклет спаија! Лена си наспомена на денот кога и нејзиното срце затупка за прват како копито. Тоа беше пред две зими, спроти Божиќ. Снегот веќе ја имаше послано својата прва покривалка по земјата и уште ресеше со крупни снегулки. Ветрот завиваше откај коријата со рев на дрчна глутница. Во собата, мотајќи и одмотувајќи предено, седеа Лена и бабата Кузевица, а на Зоја ѝ имаа послано покрај печката што прпореше од нагнетените дрва. Зоја безметежно спиеше, а двете жени си прикажуваа потихум. "Веќе трета година влезе откога се нема јавено маж ти Стојан, жив ли е, богу ли душа дал, не знаеме", велеше старицата. Стојан беше домазет кај Чочевци. Иако имаше татково презиме, сите го викаа Стојан Чочев, па и самиот беше свикнал на тоа и така се пишуваше во сите тефтери и документи. Не му се знаеше точното потекло, само толку дека беше дојден од Хрупишта, родителите рано му умреле и го оставиле како сирак единак. Работеше како земјоделец, но ги знаеше и сите селски занаети, се разбираше и од столарство, и од ѕидарство, беше добар дуварџија, не му беше туѓо ни абаџиството, ни тенеќеџиството. Од малечок научен на измеќарлак по туѓи куќи и имоти, еднаш работата го беше довела и во Сетома, во куќата на Чочевци, требаше да се поправи чатијата и цел покрив. Така ја запозна Лена, тогаш најубавата девојка во селото, која живееше сама со мајка си, бидејќи татко ѝ Кузо веќе две години го немаше меѓу живите, коските ги беше оставил некаде во Анадолија, кајшто неколкупати одеше на гурбет. Лена потајно ја сакаа повеќе момчиња, но поради големата сиромаштија во која беше западнало семејството на покојниот Кузо, ниеден родител не сакаше да ја земе за невеста кутрата девојка. Колку и да воздивнуваше Кузевица, стројник не ѝ тропаше на вратата. Но Стојан, иако сиромав, беше мошне умен човек и поинаку размислуваше. Бидејќи немаше свој дом, а на куќава ѝ беше потребен маж, особено бидејќи во неа имаше убава мома за мажење, тој почна да ја развлекува работата околу поправката на покривот, за да добие во време и да ја оствари својата замисла; од иста причина вршеше и други поправки во куќата. Кога Кузевица, која тогаш набргу почна да го губи видот, го прашуваше колку сето тоа ќе чини, тој ѝ одговараше за тоа да не бере гајле, ќе се договорат на крајот, а на крајот, по два-три месеци, работата излезе така што и Лена се вљуби во младиот мајстор, и една ноќ скришум влезе во малата гостинска одаја, во која спиеше Стојан, и до зори остана во неговите прегратки. И така, додека се поправаше состојбата на куќата, истовремено растеше и мевот на девојката. Најпосле сè заврши со прстен, но без свадба и гилвии. Од една страна затоа што семејството уште го жалеше Кузо, а од друга страна за да не се трошат заштедените пари од поправките на куќата. Кузевица беше задоволна; ем си ги задржа парите, ем ја задржа дома и ќерка си, и ем си ја направи и потребната почит спрема покојниот маж, кого продолжи да го жали. Дојде време и Лена роди женско чедо. Го крстија Зоја. Стојан стана вистинки стопан на куќата. Селаните набргу го засакаа бидејќи беше добар и мирен човек, а знаеше да им помогне при разни куќни поправки. Освен што одеше во околните села како дограмаџија и дуварџија, а подоцна како праматар, тој почна да обработува една запустена пржелика, која им припаѓаше на Чочевци, а која се наоѓаше на ридот над селото. Во неа сопрво посеа 'рж, а за во иднина имаше и други намери. Но иако беше пуштил корени во селото, него место не го држеше; по трговија не одеше веќе само во околните села, туку дури до Грција, еднаш-двапати беше и во Атина, а и на север, до Битола, Прилеп и Скопје. Пред три и пол години работата го однесе во Солун. Таму, како што раскажуваа некои кираџии, се замешал во некакво бунтовничко друштво, го фатиле, го затвориле, но тој се обидел да им избега на заптиите, па го преместиле во една злогласна стамбулска зандана. Веќе со години трагата не му се знаеше. Едно време дојде глас дека умрел во затворот. Лена го жалеше, но веќе имаше изгубено секаква надеж дека ќе ѝ се врати. Таа беше во времето на најубавата возраст, кога на жената ѝ е потребен домаќин, не само за да ѝ го смирува иштавот, туку и потајната похота, да ја милува и да ја услагодува. Нејзината бујност и осаменост не останаа незабележани и од спаијата Али, полјакот на селото. Додека минуваше разјарен и фодул на својот крупен црвен коњ по полето, тој намерно ќе свртеше таму кајшто Лена со другите селанки жнееше или врзуваше снопја и пронижувачки ја стрелнуваше со темните очи, од што на кутрата жена ѝ затреперуваше целата снага. Се чувствуваше толку незаштитена! "Ах си велеше, да беше тука мојот Стојан, или да беше жив татко ми!" Еднаш, Али се наведна над неа од седлото на својот коњ и ѝ рече: "Голем мерак имам за тебе". Таа се направи како да не го чу и ѝ беше скомраз поради таквите страсни зборови што ѝ ги упати еден друговерник. Дури почна и да го мрази тој распојасан Турчин, кој стануваше сè понатраплив за да ја оскверни нејзината чест. "Повеќе сакам да умрам, си мислеше Лена, превртувајќи се ноќе во својата студена постела, отколку да го пуштам да ме испогани!" По неколку месеци, кога Али беше уверен дека жената упорно го одбива и не сака да му се даде, крена раце од неа. Колку што се почувствува безбедна Лена насети една друга, поголема и пострашна опасност. Во тоа време таа почна со себе да ја води во полето својата малолетна, но веќе доста порасната ќерка. Еден ден, истопорен на својот коњ, покрај нивната нивичка помина Али, и Лена забележа дека тој подолго се загледа во убавото лице на Зоја. Потоа се приближи до неа и во неговиот алчен поглед прочита како да ѝ вели: "А, ми се бендиса твојата ќерка!" Тој уште еднаш погледна кон Зоја и го бодна коњот, исчезна во полето. Лена таа ноќ не можеше да заспие; постојано мислеше како да ја спаси својата сè уште непркната ќерка. Али почна секој ден да минува таму кајшто работеа Лена и Зоја, сè повеќе и полакомо загледувајќи се во момичката, чии бели образи наеднаш поруменуваа кога ќе го сетеше неговиот поглед. Тогаш, за да ја заштити ќерка си, мајката реши вниманието на големиот мераклија пак да го сврти кон себе. Божем поради жештината, таа ги покажуваше своите набуени дојки повеќе од дозволеното или ги нишаше посмело своите услупни колкови, за да ја забележи похотливиот поглед на мажот. Најпосле, Лена престана да ја води со себе Зоја во полето и вршеше работа за двајца, но така беше помирна. Кога фатија постудени денови, па и самата не можеше да оди во полето, конквечер ги слушаше тупотите на неговиот коњ пред нивната куќа. "Подобро јас да му се дадам, ако нема друго чаре, да ја зауздам неговата лудост и да го дуздисам, одошто да ми ја посрамоти ќерката" - очајнички си мислеше таа. И една вечер, додека надвор снегот непрестајно врнеше, Лена повеќе ги насети отколку што ги слушна бесшумните тупоти на неговиот коњ, и одденаш душата потајум ѝ затрепери. Почувствува дека ќе се случи нешто неодоливо. Коњот запре пред нејзиниот прозорец. Таа погледна и надвор виде една грамадна сенка, која потоа, како некаков бауч, го засени џамот. Лена истрпна; знаеше кој е тој и што сака од неа. По некое време слушна тихо тропање на дворната врата. Внатре, во одајата, девојката спиеше, а старицата ништо не чу и веќе се готвеше да си легне. Лена стоеше втренчена, не знаеше што да прави. Ако не отвори, можеше пак да го разјари и да го насрчи Турчинот кон Зоја, а ако отвори, беше свесна што ќе ја снајде. Пак се чу тропањето. Лена, откога виде дека и мајка ѝ заспа, сета растреперена и вознемирена, со кандило в рака, направи неколку чекори, излезе од тремот, кроце ја затвори зад себе вратата од одајата, потоа се приближи до дворната врата и го фати студеното сурме. "Кој е?" - одвај чујно изусти таа, "Јас сум", одговори еден наврекнат и длабок машки глас. На жената ѝ се наежи кожата. Веќе беше доцен час, сигурно сето село спиеше. Ги делеше само вратата. "Кој?" - пак праша таа, иако знаеше. "Отвори, Али сум", ѝ шепотеше возбудено тој. Таа почека малку, а потоа, без да владее со себеси, полека ја отвори вратата, колку за една цепотинка. "Што сакаш, спаијо", му вели, скоро без глас, како на сон, "позно е, моите спијат". Да не се држеше со едната рака за дирекот на вратата, таа сигурно ќе паднеше наземи. Пламенчето на кандилото ги осветлуваше неговите остри црти; врз фесот му беше направен капец од снег, а искричестите снежинки имаа кацнато и врз неговите густи веѓи и мустаци. Црните зеници му гореа во сматен сјај. "Лено, ќе умрам ако не ме примиш сега. Ти се колнам..." Ни самиот не знаеше зошто се колне, но во тој момент вратата небаре сама од себе се отвори уште повеќе и Али се мушна во куќата на Чочевци. Тој тешко сумтеше, како да носеше товар во градите. "Ќе ги разбудиш, потивко", му рече таа покажувајќи со кандилото накај одајата кајшто спиеја мајка ѝ и ќерка ѝ. Наеднаш главата ѝ се заврте од силната возбуда. Мажот силно ја зграпчи во својот преграб и со ногата ја затвори вратата. Потоа влегоа во гостинската соба која не беше загреана. Седнаа на миндерот. Али ја опсипуваше со врели бакнежи. Таа опијанета од силниот здив на мажот, ја поднавали главата на везеното шилте и речиси целата беше легната. Целото тело на мажот го сеќаваше врз себе. Мускулите на стомакот ѝ заиграа во еден чуден грч, како и во онаа ноќ кога првпат му се подаде на Стојан. Колку повеќе таа се разлабавуваше и се снемоштеше, толку подива стануваше јароста на Али. Лена се обидуваше да направи последни движења на одбрана и кога малку се созеде од првиот замелушлив занес, се оттгрна од неговите грабливи прегратки и тивко му рече: "Голем грев е ова, спаијо". А потоа, со друг тон додаде: "Да видам дали спијат". Тетеравејќи се излезе во тремот и нечујно ја отвори вратата од одајата кајшто спиеја старицата и девојката. Внатре зачкиваше една свеќа. Старицата беше покриена со веленцето, а Зоја аровно спиеше. Лена ја дувна свеќата и газејќи на прсти пак излезе, внимателно затворајќи ја зад себе вратата и одново се најде во собичката кај што ја чекаше настрелушениот маж. Собичката набргу се стопли од нивното дишење. Али почна алчно да ја соблекува. Кога го виде нејзиното бело и сјајно месо, тој уште повеќе здиве; незасито ѝ ги смукаше јадрите, зајрести гради, што се стврднаа како мазни камени беленки, жената офкаше тивко, придушено, за да не се разбудат нејзините, но наеднаш почна да сеќава таква наслада што ѝ доаѓаше силно да крикне и да умре. Повеќе од три години ја немаше допрено машка рака; на телото немаше ниедна модрина, ни од машки фат, ни од машки заб; тоа беше чисто и бело како незгазнат блештукав снег. Во слатка замајаност чувствуваше како Али ја вденува во неа сета своја трескавична набрекнатост и силовито, длабоко ја клоца, како со копито на тежок ат. Во тој момент таа посака вечно да остане во неа и грчевито, непопустливо ги држеше неговите колкови, неговите космести и мускулести сапи, кои рамномерно се креваа и спуштаа во вртоглавиот понор на љубовната наслада. Кога најпосле се смири нивната страст и кога попуштија нивните грчеви, Лена го испрати Али и ја залости дворната врата. Потоа без шум влезе во собата кајшто спиеја старицата и Зоја. Колку што легна и се покри со ложникот, Лена ненадејно го чу вознемирениот глас на ќерка си: "Мамо, кој беше кај нас?" Мајката се стресе, но смирено ѝ одговори: "Никој, спиј. - Чув машки глас. - Така ти се стори. Си сонувала. - "Не, го чув гласот на полјакот Али", рече возлено девојката. "Спиј, ѝ одговори мајката, никој не беше". Утредента Лена се чувствуваше мошне необично; и преродена, и потиштена. Во неа неумоливо се мешаа чувството на телесната среќа и чувството на вината и каењето. Затоа внимаваше со ниедно движење или збор да не се издаде пред другите. Но младата Зоја го насетуваше тоа чудно неспокојство кај мајка си и цел ден ѝ се лутеше. По два дена, кога Зоја отиде да налее вода на чешмата, на сретсело го виде Али качен на коњ. Тој доаѓаше откај турското маало. Зоја никогаш не беше стапнала таму, плашејќи се од строгите предупредувања на постарите дека ако влезе млада рисјанка меѓу муслиманите, ќе ја грабнат, ќе ѝ ја сменат верата и никогаш нема да ја пуштат да се врати казад меѓу своите, ниту пак христијаните ќе ја примат осквернавена, ако случајно успее да им побегне на грабнувачите. Зоја напоречки и со ненавист го погледна селскиот полјак. И на неговото лице забележа црти на слична среќа како и кај мајка си. Али, со пушка на рамо, надмено кабардисан на својот црвен грамаден коњ, што го имаше натаврено како на празник, со сини мониста, со скапоцена решмалија и со нов кускун и сјаен селембет, полека се приближуваше до нивната куќа. Зоја со полни ѓумови од кои се одронуваа солзи вода и се топеа во снегот, со тежок укруп во душата одеше по него. Таа добро виде, кога Али стигна пред куќата, ја повлече гиздавата узда, коњот одненадеж запре, а тој во јуначка поза и фодулски се сврте кон нивниот прозорец што гледаше во сокакот, мекамлиски го засучи својот гавранест мустак и пак продолжи накај излезот на селото, кревајќи снежни искри зад себе. Зоја забележа дека пред нивниот прозорец имаше многу повеќе траги од копитата на коњот. Во најзините гради се крена првиот момински бес спрема еден маж, па наеднаш ги истури двата ѓума врз снегот небаре сакаше да го избрише засекогаш споменот од тие проклети траги, кои толку дрско ѝ ја навредија снежната чистота на душата. Конквечеру на вратата им затропа една цела турма коледари, со букови сопи и ластегарки како јалмани, со ѕвонци и клукашки, со вургички од груб шајак или биволска кожа, во кашкава тласканица, жожорливи, рошави и абрашливи, едни антави, други шантави, придружени од ѓупските гилвиџии Мемо и Бемо, како и од една искубана мандија, со чолакопаш. Лена им отвори, а тие во хор, клатејќи се, пискливо пееја: "Коледа, бабо, Коледа". Домаќинката со дарежливо движење им фрли неколку грсти ореви и костени од својот полн прегач. Дечиштата вштрек нагрвалија, грабачки ги собираа по снегот и ги полнеа своите коледашки, потоа се упатија накај куќата отспротива на Мијаловци, продолжувајќи да пеат: Коледица миледица еднаш ми е во година како цветје во градина, Коледа! Коледа! А по нив 'рскотејќи трчаше налуничавата ќерка на Христо Трендо, Костадинка Ликина, одвреме навреме потпевнувајќи и самата: Коледа миледа триста ангели гереда... Доцна вечерта коледарите отидоа на крајот од селото, кај една вишинка, натрупаа слама, рошки, цепаници, ќутуци, бутраци, и запалија голем оган, за да го видат луѓето од сите околни села. Оттаму се гледаше и Костур, задлабочен со своите светлинки во сјајното езеро. Набргу, и во другите села пламнаа весели огнови; сите јасно се гледаа од Сетома, па така беше направен цел круг од пламења, и тоа небаре ги соединуваше кутрите души на луѓето во една чудесна воздушна таинственост. Можеби низ тие магични огнови си ја наслутувале својата слобода? Во мистичната вечерна белина на снегот развиорените огнени дамки изгледаа уште повпечатливи, налик на запалени факли, кои, чиниш, секој момент ќе се раздвижат и штедро ќе го осветлат целиот крај. Сетомскиот оган гореше цела ноќ; постојано го потпалуваа, го насрчуваа и го задеваа, како божем да дразнеа некаква разјарена, алава ламја, која со своите стотини јазици едноподруго ги голта нафрлените суварци. Суштерлавите гранки саскаа, пиштеа и потпукнуваа, небаре си ги кршеа прстите, поради неумоливата мака во која ги беа ставиле. Некои ставаа костени во пузата, и тие пукаа, како очи од некаков огнен аждер. Похрабрите момчиња го прескокнуваа огнот и на тој начин го привлекуваа вниманието на убавите девојки, кои собрани наоколу, со озарени како рози лица, го набљудуваа стариот обичај, а срцата им гореа, ги прифаќаа пламените погледи, готови да прифатат и љубовен збор, па и скришен стисок на рака. Шенливите момци, кои носеа пагурчиња со вино или со ракија, потпивнуваа и громогласно пееја: Вино ми се пие али вино скапо за ракија пари немам ама вода нејќам... и го додаваа, гласно, рефренот: Вино ми се пие, сетомско вино рујно ем пламено... Доцна во ноќта, додека другите пееја и арлукаа околу коледарскиот оган, пред куќата на Лена Чочева застанаа двајца црни коњаници, со фесови на главата и со пушки на рамо. Едниот беше Али, а другиот неговиот најдобар другар, Мидин, селскиот сејмен и шумар. Али го врза огламникот на својот коњ за еден дебел 'рпалец покрај оградата, а Мидин, велејќи му нешто на побратимот, го бодна својот црн коњ и отиде кај луѓето насобрани околу огнот. Тој напоречки ги гледаше редум развеселените коледари, меѓу кои се наоѓаа и некои повозрасни селани, како Гиро Крачов, народниот пејач, Циљо Станишев, добар праматар, но и прв коматар и веселник, Никола Мијалков, кој можеше на два-три здива да испие полна чутура ракија, без никакво мезе и без да му се слоши потоа; таму можеа да се видат и Коста Ширката, Доли Крачов, Леко Петровчето, кој безуспешно водеше судски спор со селскиот оџа Аљко, за некоја нива на мерата, потоа овчарот Пено, со долг изрезбан крлук, што го држеше достоинствено, како кралски жезол, и најпосле, со раце подадени кон огнот како во молитва, со патерица под мишка, стоеше најстариот селанец, осумдесет и осум годишниот Глигор Наумов, чиј живот беше поминал низ сито и решето. Гледајќи ги така развеселени, Мидин со начумерен сурат си мумулкаше во себе: "Бре, клети ѓаури, колку ги мачиме, колку каасват им даваме, ни ѓериз имаат ни савак, а пак се веселат, угурсузите! Какво племе се овие суртуци! Од какво тесто се измесени! Жими вера, ако вака продолжат, ќе нè сардисаат, ќе нè сотрат!" Почна да шеколка лево-десно, јадливо влечејќи ја катармата, поради што коњот ѓучно вискаше, а коледарите весело му дофрлаа: "Чок јаша, Мидин!" И со извесна брецливост додаваа на македонски: "Да живееш многу години!" Тој шубеливо погледнуваше наоколу, па виде и некои Турци меѓу рисјаните, добрите сајбии Салим, Узеир, Сабри и Мустафа, најмирниот муслимански жител во селото. Зашто, со текот на времето, на извесен начин, и турските семејства учествуваа на некои рисјански празници, особено го почитуваа Коледе, па им раздаваа ореви, костени и гурабии на коледарите кои им тропаа на вратите. Соколовиот поглед на Мидин го откри и Панајот Николов, кого на прекар го викаа Мурго, бидејќи беше темерут, а кога ќе се напиеше, и лудиот Трифун бегаше од него. И сега, растабачен и блантав се препелкаше околу огнот, изведувајќи разни палавштини. Мидин не го мирисаше многу, зашто честопати го мандосуваше, пуштајќи го своето крдо во туѓи паши и чаири, или кастрејќи стебла во туѓа корија. Гледајќи го така, сиот алосан, сепак сега не сакаше да им го расипе ќефот и сеирот на другите веселници, а само ги надурми своите четинести веѓи, си скубна едно влакно од црната козлеста брада и злобливо му дофрли на Циљо Станишев: "Тутунус, бре Ѓаур!" А Циљо Станишев, кој беше познат и како шегаџија и задрипетле, шеговито му одговори: "Јаска тутун не пија, туку бурмут". Сите грохотум се искикотија, а се насмеа и Мидин, но пак му впери еден серт опул на пијаниот Панајот Мурго, како да му беше куц за сета неволја. Меѓутоа, Мидин, бабуњосан од некаков мрачен карез, друг човек бараше во толпата која вреволиво се жеравеше пред него: Вангел Мијалков, кој со години на ред му го копкаше срцето. Дури откога се увери дека не е таму, небетчијата на селските шуми, Мидин, кого го биеше глас како најзлоблив азбија во околината, накмишен одјава накај црквичето Света Петка. За тоа време, неговиот среќен побратим Али се наоѓаше во гостинската одаја на страсната осаменичка Лена Чочева. Малата просторија, вечерва беше пријатно услагодена и загреана, а под исчадената икона на Богородица, сместена во една мала ниша, мижурливо гореше клекавиот фитиљ на кандилото, чие русо призадушено пламенче намнисуваше на лесен толчник од златоцвет, што го лулаше начасничав уздив на блажен, свет повеј. Дали поради далечниот џагор и несмасните песни на коледарите, или поради некакво трајно претчувство, ни овојпат Зоја не спиеше, иако се преправаше дека спие во собата со својата слепа баба Кузевица. Кога Али тропна на нивната врата, мајка ѝ отиде до неа и тивко ја викна: "Зое, спиеш?" Зоја ништо не одговори. По неколку минути, откако Лена му отвори на својот таен гостин, а потоа кроце се мушнаа во гостинската соба, Зоја стана и бесшумно излезе во тремот. Во гостинска соба, се слушаа тивки шепотења. Се приближи до вратата и низ една цепнатина можеше да види еден дел од собата, што беше сосем сматно осветлена од треперливото кандило. Доста добро го гледаше лицето на Али, кое сега имаше добиено некаков чуден, напрегнат израз. Со сето свое тело Али беше наднесен врз нејзината мајка, која со разгорени раце го гушкаше вратот на мажот и му ја мрсеше црната бушареста коса. Тој ѝ шепотеше нешто, одвај чујно, на турски, а одреме навреме ќе ѝ подвикнеше и на македонски, како да ја кара за нешто: "Ах, слатка... слатка ѓаурко, ќе те пијам... ќе те изедам... душата ќе ти ја извадам". Нејзината кутра мајка, целата замрена под неговата тежина, одвај дишеше и необично воздивнуваше, како кога носела некој голем товар што не сакала да го отфрли од себе. И таа нешто му шепотеше, но Зоја не можеше да чуе ниеден јасен збор. Бидејќи Зоја никогаш немаше видено таква глетка, отпрвин беше страшно исплашена, повте да влезе во собата и да ѝ помогне на мајка си, да ја ослободи од грозниот гороломник, зашто таков ѝ се виде тогаш Али налик на возлен вепар, чии остри заби блескаа и се забиваа во белото нежно месо на мајка ѝ. Но потоа ја возбуди нежната страст на мажот. • се стори како тој да работи некаква непозната, тешка и пријатна работа, како да копа некаков бунар, а ни држалјето не се гледаше. Необично обледеното лице на мајка ѝ го росеа јадри гравушки пот од челото на мажот. Целата растреперена, откога ѝ се заматија очите, девојката се врати во собата и си легна во постелата. По долго време, прислушна како се отвора вратата од гостинската соба, а потоа и дворната врата, најпосле мајка ѝ влезе во собата и бесшумно се пикна под ложникот. Ја викна на име, но та не се оѕви, а од очите веќе ѝ течеа солзи. Во тој момент ужасно ја мразеше мајка си, а и Али, суровиот натрапник. Младото тело ѝ беше толку возбудено, што не можеше да го смири. Потоа, неволно раката ја стави на она место кајшто и Али ја милуваше нејзината мајка, почна да си ги блазни тукушто набабрените облини и наеднаш почувствува за првпат некаква необична сласт, некакво општо струење по целата снага. Кога се освести, се згрози дека за свој љубимец си го беше замислила токму оној кој тогаш најмногу го мразеше, Али, црномурниот и силен Турчин. Повте да крикне, да избега од дома, но истовремено чувствуваше и некаков сладок замор. Така заспа, слушајќи ги сè уште коледарските извици, а најпосле и последните лаежи. Тоа беше нејзината прва страсна ноќ. Утредента се чувствуваше уште поуморна, па дури и необјасниво болна. Ништо не зборуваше. Седеше накмишена на едно скамниче и недоветно ѕуреше во празниот ѕид пред себе. Мајка ѝ беше нежна спрема неа како никогаш дотогаш. Девојката не сакаше ништо да касне и му се молеше на господ да направи да умре, за да ја казни на тој начин блудната мајка. Сите празници околу Божик ги мина лежејќи во својата постела, каејќи се со крајна огорченост поради своите грешни мисли и грешна страст. Кога мајка ѝ одеше в црква, таа остануваше сама со својата слепа баба и тогаш ѝ беше полесно. Еднаш ја праша: - Дали е лошо да сакаш Турчин? - Што зборуваш, чедо на баба, ѝ одговори таа. Какви ти се тие погани мисли? Да чува господ и да брани! Нема ништо полошо од тоа, нема поголем грев за душата рисјанска. Што ти паѓа на ум, џанам! Во еден момент Зоја сакаше да ѝ ја каже вистината на старицата, но се исплаши од страшните последици. - А зошто е грев, бабо? - Зошто, зошто, па грев е, така рекол господ. Кутрата старица не умееше како да ѝ објасни. Потоа рече: - Ние рисјаните имаме друга вера, други обичаи, друг бог. А некрстените имаат други адети, друг бог, или Алах, како што си го викаат самите. Нашиот Христос и нивниот Мохамед не се сакаат. - Зошто тогаш живееме во исто село, и рисјани и муслимани? - Тоа така го нареди султанот, душо. Ние сме покорна раја. Зоја не ги разбираше простите објаснувања на старицата. Молчеше, а потоа ја замоли: - За ова ништо не ѝ кажувај на мама, добро? - Добро, чедо, но исфрли ги од глава таквите мисли. Да одиш почесто в црква. Мајка ѝ на Зоја, Лена, тие денови не пропушти ниедна служба во црката. Иако го чувствуваше врз себе строгиот поглед на Христос, таа со молитва за покајание се обидуваше да го смекне срцето на рисјанскиот господ. Лена беше свесна дека нејзиниот грев е двоен, и дека го изневери својот стопан со друг маж, иако, се разбира, сите веќе го сметаа за мртов нејзиниот Стојан, а и дека го изневери со човек од друга вера. Ни самата не можеше да си објасни како си беше дозволила да му се даде на еден некрстен маж. Долго време се бореше во себе да го одбие Али, и требаше да се бори до крај, но стравот дека можеше да ја изгуби ќерка си, единственото богатство во печалниот живот, беше причината за да попушти и да биде осквернета од маж кого не само што не го сакаше, туку дури и го мразеше, зашто беше друговерец. Му се предаваше целата, со сите свои женски чари, се трудеше да му ја одземе сета сила, сета машкост, за да не му дозволи никогаш да помисли на нејзината ќерка. Таа огромна жртва што ја правеше за да ја зачува честа на ќерка си, беше единствената утеха во нејзиниот ужасен грев. Затоа беше убедена дека Христос ја знае вистинската причина на нејзиното огрешување и дека ќе ѝ прости. Та нели се вели во Евангелието дека тој им простува на грешните? Но дали нејзиниот грев беше таков што можеше да се прости? Зашто отпрвин Лена навистина мислеше да му се даде на Али само за да го оттргне неговото внимание од Зоја, значи свесно се жртвуваше, но откога ја вкуси и слатката страна на гревот, откога ја почувствува неодоливата љубовна дрчност на туѓиот маж, во натамошните односи со него не само што не чувствуваше одвратност, туку понекогаш со ужас помислуваше дека веќе не може да живее без неговиот страстен допир, без да го сети дивото тупање на неговото копито, што како жежок гром бурно ѝ ја параше утробата, но не за да ја направи несреќна, туку за да ѝ го даде најголемото телесно задоволство. Стопати си велеше во себе дека нема повеќе да му се даде. Кога ќе затупкаат копитата на неговиот коњ пред нивната куќа и кога ќе затропа и самиот на нивната дворна врата, таа ќе остане рамнодушна, ќе се воздржи, ќе мисли на својот добар господ и тој ќе ѝ даде сила за да го одбие неумоливото искушение, кое ѝ беше влегло во крвта, во длабините на совеста. И таа навистина го мислеше тоа, сè додека не го чуеше познатото тупкање на копитата и тропањето на вратата. Тогаш наеднаш забораваше на сите свои клетви и молитви, снагата почнуваше необично да ѝ игра, крвта да ѝ зоврива, главата да ѝ бучи, па стануваше, кроце ја отвораше вратата и го пушташе гороломниот маж одново да ја прељуби. Ах, да не беше тоа проклето чувство на гревот, да не постоеше верската предрасуда,таа навистина ќе беше среќна! Зашто знаеше дека никој не можеше со таква страст и похота да го љуби нејзиното сè уште младо и со години запоставено тело, како што тоа го правеше сладострасниот Али. Рисјаните можеби сакаа, но не се дрзнуваа да ѝ се доближат, сигурно плашејќи се од неизвесните последици на сопственото суеверие. Колку пати, за овие три и пол години, кога ќе легнеше во својата студена постела и ќе си го погалеше набрекнатото услупно тело, помислуваше на овој или на оној селанец, кој би можел само малку да го замени нејзиниот исчезнат маж. Стојан ѝ беше добар домаќин, работлив, вреден и внимателен човек, но не умееше да ја возбуди, да ја роди во неа таа помамна телесна милина што ѝ ја даваше секогаш грубо настроениот и наострен Али. Понекогаш тој беше толку раздивен и јаростен што таа мислеше дека ја бие со некаков врглест и жесток сурак, по мазните сапи и по сјајните бедра; но наместо да сеќава болка, таа слатко уживаше и јачкаше задоволна. Така, распната меѓу својата страст и вишниот закот на господа, Лена се чувствуваше ту среќна, ту несреќна, ту си ги оправдуваше постапките, ту се кореше и се обвинуваше. Да не ѝ се случи некакво зло или нејзе или на нејзината ќерка, за која всушност ја правеше таа голема жртва на гревот! Оваа пеколна мисла внесуваше ѓучен немир во душата на окаената грешница. Сè почесто почна да сонува кошмарни соништа од што се будеше растревожена и повеќе не можеше да заспие. Измачена од таквите душевни борби, понекогаш успеваше да ја совлада својата страст, да се воздржи и да не стане да му отвори на ноќниот посетител, кој нестрпливо и копнежливо тропаше на нејзината врата, длабоко сумтејќи и воздивнувајќи, како да му се издишуваше душата. Али со часови ја молеше, но таа целата треперејќи упорно ѝ се противеше на својата внатрешна желба. Но наутро веќе се каеше затоа што не му беше дозволила да влезе, да ја допре, да ја помилува, да го осети рескиот мирис на неговиот машки здив, помешан со тутун, ракија и со врелината на дивата љубов. Зашто низ цел ден не можеше ништо да фати како што требаше; чипаво и неволно ги вршеше сите домашни работи, ја болеше главата, беше нервозна и лоша. Одвај чекаше да падне мрак и да го чуе тупотот на цврстото копито, безразборно да ѝ се предаде на неодоливата желба, да се сплоти со човекот кој знаеше штедро да го излее во неа сиот свој мерак и да ја направи блажена. Што ако е од друга вера, си размислуваше таа, важно е дека постапува добро со неа. Зар таа е виновна дека ѝ исчезнал или дека ѝ умрел мажот? Можеби господ ѝ го пратил во замена токму овој маж. Не е рисјанин, но подобар е од некои рисјани, кои не се дрзнуваат да ѝ го побараат од жената она што е направено само за потребата на мажот, оставајќи ја да линее и да истлејува во сопствениот оган. Зар тоа не е поголем грев пред праведноста на бога? Чувствувајќи се еднаш грешна, другпат оправдувајќи се себеси поради својата неволна орисија, Лена цела година, по еднаш или двапати неделно го примаше скришум кај себе спаијата Али. Нејзината тајна никој не ја знаеше освен Зоја, која, додека од една страна сè повеќе ја мразеше мајка си поради нејзиниот грев, од друга страна несвесно паѓаше во истиот грев, се разбира, само во мислите. Иако мислеше дека смртно го мрази тој маж од другата вера, таа сè повеќе сакаше да го чувствува неговото присуство во нивниот дом, нејзините убави 'рнки се растреперуваа и од самата помисла на тој чуден машки мирис што ја исполнуваше целата куќа со необична зашеметувачка топлина. Полека-полека неговото тајно доаѓање почна да го замислува како посета која ѝ е наменета само нејзе, или најмногу нејзе, и затоа мајка си ја сметаше како своја најголема противничка, која, бидејќи е повозрасна и искусна во тајните на љубовта, безобѕирно ѝ го краде задоволството на нејзиниот живот. Зоја си вообразуваше дека шушкањата на мажот во другата одаја се близу до неа, сосем близу до нејзиното уво, и таа полека се опијанува од нивната сладост, врз својата кожа небаре вистински ја сеќава неговата рапава рака, која нежно ја гали и ја стоплува. Понекогаш во таа неизмерна занесеност што ја распалуваше нејзината мечта, ѝ идеше наврапито да стане од својата моминска постела и да јурне во собата кајшто блуднички се гушкаа Али и мајка ѝ, да му каже на мажот да ја земе и да ја носи далеку оттука, најпосле да ја оттргне од пеколното страдање. Затоа тајната на мајка си, Зоја ја чуваше и како своја тајна, и никому не кажуваше ни збор за тоа, па дури ни на бабата Кузевица, пред која тогаш најмногу се исповедаше и од која примаше најдобри совети. Така, со таа прва голема страст се развиваше девојката, наеднаш ѝ набабрија градите, ѝ се заоблија бутините и колковите, па и самата чувствуваше дека во неа како некаква потајна и несопирлива буица клови врелиот плотски копнеж. Секој ден стануваше сè поубава. Жените и момите почнаа да ја погледнуваат со нескриена завист, а мажите и момците нагло се штрекнуваа кога случајно нивниот поглед ќе се запреше врз нејзината става. Младиот и убав пцалт на селската црква Вангел Мијалков, откога ја согледа нејзината убавина, беше обземен од непознат љубовен немир, излегуваше над селото, влегуваше во коријата и со часови талкаше мечтаејќи и копнеејќи по неа. Набргу сите разбраа за неговата заљубеност, а некои и отворено му велеа на неговиот татко Михајло: "Ајде, Мијале, како што одат работите, наскоро Вангел ќе ти донесе невеста. И тоа најубавата чупа! - Море, чуму ти е сега убавина, од тоа аир нема, туку прика треба, имот и добиток!" - одговараше божем незадоволен Мијалето, иако потајно и тој се восхитуваше од чудесната убавина на Зоја, во себе мислејќи си: "И со помалку имот ќе се помине векот, ама ваква лепа чупа не се испушта! Нека му е алал на мојот Вангел ако ја кандиса да ја земе. И добро си ујдисуваат еден на друг, лезет ќе видат од животот и ќе родат убави и здрави чеда. Каков довлет сакаш повеќе! Зар му е лошо на поголемиот син Никола? Си ја има Стаса, која, вистина, не е гиздава и услупна како оваа, но има и во неа убавини. А сите наши моми се такви, повеќе се убави одошто богати..." Но едно зборуваа селаните, а друго мислеше Зоја. Кога наполни петнаесет години, во една ноемвриска вечер 1911 година, на својот роден ден, реши да ѝ го одземе Али на мајка си. Додека тие се љубеа во гостинската соба, Зоја не можејќи да издржи повеќе, речиси гола влезе кај нив. Мајката како избезумена скокна и ја заштити со своето исто така разголено тело, за да не ја види мажот, но соколовиот опул на големиот сладострасник не можеше да пропушти таква невидена гулабица. Зоја вмиг му го заслепи погледот, нему му се стори како да гледа некакво неземно призрачје, некаква заводлива и помамна самовила. Си ги оближа дебелите бузи, крвта секавично му зовре, ноздрите широко му се отворија, налик на изненаден дивеч. Сето тоа се случи за еден миг; следниот момент мајката ја истурка надвор залудената ќерка, потоа расплакана се врати кај Али и му рече веднаш да стане и да си оди. Од таа ноќ Лена никогаш повеќе не му дозволи на Али да влезе во нивната куќа. Знаеше дека ништо друго не ѝ преостанува освен едно: да ја одбрани ќерка си од опасниот и раздразнет маж. За таа цел мајката дотогаш ја жртвуваше својата чест, а сега требаше да ја жртвува и сета своја телесна среќа. 2. Во тоа време во Сетома се случуваа чудни работи. Ноќе селаните се будеа од необични шумови, 'рскоти и плускоти, небаре поминуваше чета разуздани коњаници или сурија од штрекнати ливоти. Такви грозоморни шумови некои слушаа и меѓу густите стеблаци на коријата, меѓу сувите пенушки на лозјата или во шамакот на езерото. Неми црни гемии со длабоки сенки ги браздеа накострешените води, сур ветер ги штипеше преостанатите лисја и ги вееше како пердуви од морничава тишка. Небото го параа растревожени лилјаци и ненадејно се појавуваа и згаснуваа безрасудни знаци, придружени од далечни лелеци и продолжителни липоти. Кучињата сè повеќе и почесто лаеја во смртнобледите месечеви авлии, мачките поштумно мјаукаа, дамазлакот во млачните авури очајно и гомарно се жеравеше како пред гибелен потоп, чавките грдо и гличаво џавкаа, а по моравите трла и бачила блееја брливите овци и суштерливите кози. Неодгатлива јанѕа владееше во цело село. Сè поголеми зулуми и зијани се правеа и во рисјанското и во турското маало. Во турските куќи одвреме навреме наоѓаа разни рисјански предмети и алишта, машки и женски минтани, забани, каушми, по некој излитен плетен пештемал или бело чевре од кумаш, шајачно кувче и пачалаци, подраспарани гушки од чорапи, копринено уложје налик на кошулка од огромна змија, потоа кафтани, подвески, фрлени намерно или заборавени од таинствениот гостин, а се случуваше и во рисјанска куќа да се најде некој кашмак или фереџе од анамка, чалма, сребрен џамадан, долама од чоја, чапќени потури, абдеслаци, искубана черпија, вакло или стар басаџак, како да беше поминал некој невидлив и изумлив терзија, па не смогнал да си го пибере алатот. Во пајажините на мутлите луѓето наоѓаа чарклии со зеленикава патина, избледени јалдази, расипани чакмаци, по некој празен чешник, шаркија со скинати жици, древен блудец со врежани орнаменти, латвици со големи рачки, ѓулче од туч, тепилка, гајда со одлушнат тушник и со затнат мрморец, или со петлов нокот, мавмуз на сурлата, глембаво буре без јатор и канелка, а покрај него, наземи послана салтамарка, оставена од некого кој тука лежел цела ноќ, а на осунување наврапито се засолнил во килерот или се ветросал однепендек. Голем уплав ги фаќаше селаните, каури и муслимани, кога апансаз пред очи ќе им излезеше некој туѓ папуџиски алат, ендезе, мушта, куменџиски утур, маткап или каргабурна слична на чавкин клун, изабена фаша од опинок, ќурчиска чатмарка, тенеќеџиска ѕамба, казанциски пердав. Често врз масата или врз пешкинот ќе ги изненадеше сува братка праз или лук, оставена како нема опомена, или габосано коливо, релушки од ланскиот гроздобер, крушец сол, дрмон со свиткан луб, реденица фишеци без ниедна евза; ноќвите ги наоѓаа преместени, вршникот свртен наопаку, разбојот растурен на брдила, скрипци, ништи и распонци. Напати на сретсело се отвараше чудна сергија без продавач, полна со разновидно зајре и со други шејови и алати, метални или дрвени губерки, амути опшиени со кожа, алци, букмиња, ѓезии, камарлии, украсни чебрази, илје и милје. Во ниедна доба се слушаа свирки и тумпала, чалгии и таламбаси, мешници и зурли, тарамбуки и дајриња, ѕунии и чампари. Некој ќе станеше на втори петли, и ќе ги најдеше сите чинии и тенџериња собрани вкуп пред тланикот или пак вратени во улејот на мијалникот; друг ќе чуеше шубелив тропот во амбарот, глувци, ќе помислеше, стаорци, па ќе го земеше саракот, ќе стрчаше во тремот по мрачните скали, со растреперена свеќа во рацете, ќе тупнеше дваж-триж со тешкиот сарак, шумот вчас ќе престанеше, ќе го отвореше на стреш вранајот на амбарот, ќе ја вовреше главата сосе свеќа, и ништо. Житото си стои нечепнато, никаква трага, никаков врк од глушец, стаорец или од повампирен човек. Се случуваше на крај село селаните да видат оган, голем, крошнест, како на Коледе, ќе одат утредента и ништо не наоѓаа, никаква следа од гламна, никаква пепелка. Ветрот пали и гаси, велеа тие, и затоа таквиот оган го викаа "ветровиот оган", а мајките им забрануваа на децата да се пулат во него, за да не би ослепеле. Зашто така беше ослепел, мислеа, одветрум, Спиро, синот на Ѓамовци чија куќа се наоѓаше најблиску до огнот. Од тој страшен оган ослепе и Фахри, десетгодишното дете на Ибро, иако некои претпоставуваа дека него го ослепиле страшните комити Дине Грежов и Кољо Панго, за да му се одмаздат дека ги предал на турската патрола од Жервени. Огнот понекогаш ненадејно пламнуваше и пред некоја колиба во лозјата, другпат на ридот кај Крстофорот, меѓу двата селски извора, каурскиот и турскиот. Некои тврдеа дека таков заслепувачки оган виделе и кај местото Црн Камен, како и од Балковата чешма, под самото село. Постарите жени, Ширковица, Гацовица и Минковица, се колнеа дека виделе, едната некој непознат, ничиј брав, грчав, виторог и со исушен сереј на кадравото руно, како зазбивтан јури по ливадата без запир, другата, сербез коњ со огромен ер, божем вршел на празното гумно, кревајќи густи облаци од вршнина, а третата била зграгорена од посетата на коза клинорога, со две брнушати јариња, кои потоа невидум се изгубиле, слушајќи притоа бревлива смеа на дечиња. Доли Крачов едно утро беше нашол некој сенет или некаква древна расписка за незнајна сермија со клинеста неразговетна јазма, испишан со блед мураќип и спастрен на повидок на рафтчето од сергенот, Петре Динов над јашмакот од огништето открил полн кубур, а Ване Лазов излегувајќи во дворот забележал остро цресло забраздено во земјата. Се случуваше луѓето да тргнат и не знаеја каде одат. Коста Ширката еден ден го сретнал на крај село Гиро Крачов со магаренце и го прашал каде така со здравје тргнал рано-рано. А овој спокојно му одговорил: "Во Костур на пазар. - Што ќе купуваш? - Одам да продадам еден самар дрва. - Па каде ти се дрвата?" Тогаш Гиро се опулил и видел дека беше тргнал на пазар без дрва, опцул еднаш и се вратил да ги натовари заборавените дрва. Другпат Тољо Нумов отишол во коријата да насече дрва. Го пресретнал овчарот Пено и го прашал: "Каде така, со бога напред, чорбаџи Тољо? - Да посечам малку дрва, братче Пено. - Ами каде ти се магарето и балтијата?" Тољо тогаш видел дека со празни раце беше тргнал да сече дрва во коријата. "Еј, стопанката, рекол, чавките ми го исклукале умот!" и на бргавица се вратил назад. Во тоа време светрум почнаа да се шират и разни болести меѓу луѓето и добитокот. Децата страдаа од клинови, болусница, грлница и клечавица или капс, повозрасните од далак, јенмеџе и нузла. Коњите ги фати зазабица на венците, сараџа и сакагија, се смрлушија, овците и козите беа погодени од копитница и шап, крмнаците немирно гровтеа, мачени од груница; говедата се жеравеа, заразени од мурдарлук или од жабица, кучињата жално авкаа; кокошките ги фати пипка. Нажулените рани на коњите и магарињата ги мачкаа со јакија и со маст од сараџица. Сперлива нараза ги кутна и билките по полињата и по скрките, а лозјата ги удри балсара. "Без шубе тоа е скорнатата душа на Томето Минкин, исплашено си велеа селаните. Тој ги разбудил душите и на Костовица Босотова и на Мичо Крачов". Петкана Гацова раскажуваше како ги беше видела тројцата да тушкаат еден бел вол по нивите."Мошореше ситен монистав дождец. Волот тешко бревташе и се потеше. Гравушки џуркаа од него". Петкана им свикала: "Оставете го, бре, волот, не ви е ли срам така да го мачите!" Тие се смееле и потоа наеднаш се престориле во три јамбол-петли. Почнале да ја клукаат со острите клунови и ѝ пуштиле крв на челото, налик на црвена дамка од дива јагода. Николица Мијалтому на насобраните жени им раскажуваше како еднаш си рекла во себе: "Ќе одам да истолчам малку лук". И колку што слегла во тремот, кога да види што ќе најде: тројцата, кој од кој побрзо, без збор го толчат лукот во толчакот. И соништата на селаните тогаш беа грозоморни. Се собираа утредента сите на прагот од некоја куќа или во некоја авлија и си раскажуваа од страшен пострашен сон. Ги толкуваа, се ежавеа, потплукнуваа, го мунѕосуваа нечестивиот, а навечер добро ги залостуваа вратите од куќите, ставаа главички лук на праговите и на проѕирките. Во некои куќи саноќ гореа свеќи или бели борини. Тие денови во турското маало ќе се чуеше и по некој пукот од пушка малихерка или од трескотлив кубур. Не се знаеше, дали е тоа поради стравот да не се појави сеништето или дека веќе се беше појавило, па нагрвалуваа да го гонат. Утредента ќе се собереа неколку Турци, бабуњосани од несон и намќурести, караѓозести одеа кај Минковци и со злоблива срчма во погледите и во зборовите ги заплашуваа дека ќе им ја изгорат куќата и плевната, ќе им ги испоубијат говедата, овците и другиот добиток, и дека ќе им го сотрат цел сој и ќе им го разграбаат сиот мулк, ако не направат нешто за да го смират духот на нивниот покојник, Томето Минкин. Децата пискаа и се вовираа под унечката на мајка им, младата вдовица Сана, исплашена од насучените јатагани и раштраканите пиштоли на разјарените Турци, кои силум им беа влегле во дворот. Другите две помлади невести се криеја во одаите. Бабата Гена Минкина сама излезена пред турмата натрапници, ги молеше, очиклена, настрелушена и со крупни солзи, да имаат исав, да си одат дома, па упорно ги убедуваше дека не е вистина, не е повампиросан нејзиниот син Томе, тој беше добар човек, им велеше жално ренѕајќи и треперејќи како грмка. Томето беше, им повторуваше таа залиптана, мирен и добродушен човек, и не ги мразеше Турците, па дури и со Мустафа си го имаше муабетот, а на Сефо му имаше направено рало за орање, на Садик му имаше соѕидано савак и ќенев, а на Мидиновци, жими бога и богородица, неколку пати им ја изора нивата на мерата, на повеќе турски семејства им ги кроеше лозјата, се туфкаше женичката, како гламја се стори пред нив, а тие, насрчени сомустраци, ништо не слушаат, само туку ги сучат јатаганите, туку молскаат со очите, рупаат со забите, гневот пена им се прави на усниците, небаре сиот гнев сакаа да го истурат врз окаената женичка. Таа ги фаќа со јаваш, со усул, со добро, за да им го смекне срцето, но во тој миг напред стапи куциот и чулав Таир, лимонтабиетлијата, па ја фати за коса кутрана старица и почна вилно да ја дрмоли и да ја труска, како некаква сува мушмула и злојадно ѝ заповеда: - Слушај, ѓаурко, анасана! Последен пат, да знаеш, доаѓаме со себап! Ако твојот серсем Томе уште еднаш се мерне во нашето маало, за да нè тормози, жими вера ти велам, ќе аздисаме и ќе колиме сите деца и ќе палиме твојата куќа и ќе потурчиме невестите. Оди, мори џадијо, фрли зифт на гробот од тој џенабет син, зашто и на него ќе му превртиме гробот! Гиди ајмани! Мувлет ти даваме три дена да ни дадеш џуап! - заканувајќи се така возлениот Таир грубо ја турна жената, која списка паднувајќи врз кашкавата слама на двориштето. Потоа Турците си отидоа светкајќи зловесто со јатаганите и со острите анџари, а кутрата жена воздивнувајќи рече по нив: - Аир да не видите и да не прокопсате, едапсази! По некое време кај Гена Минкина се мушнаа неколку сосетки, седнаа крснозе на рогозината во тремот и бараа чаре како да сторат и што да чинат, за да ја спасат кутрата жена од тој кијамет. Едни речи вака, други така, и најпосле, слушајќи го советот на Депа, која се разбираше од тие унери, решија по полноќ, кога е времето на ветроштините, да одат на гробиштата и да турат по еден казан писа врз гробовите на Томето Минкин, Костовица Босотова и Мичо Крачов, за кои се мислеше дека станаа гробници. Заедно со жените отидоа и неколку мажи, наоружани со лопати и дикели, некои и со врглести ластегарки, трети со запалени борини, а пред сите нив, како на полноќна литанија одеше поп Динко. Кога влегоа во гробиштата, прво отидоа кај гробот на преснопочинатиот Томе Минкин. Запалија оган, го ставија едниот котел и кога зовре писата, попот свечено извика: "Во имја Оца и Сина и светаго Духа, амин!", и двајца крепки мажи ја истурија врелата писа врз гробот. Потоа со бајачки и кушачки, како што ги научи Депа, жените небаре го успокоија немирниот дух на покојниот. Истата церемонија ја направија наврапито и кај другите два гроба, па олеснето си отидоа по дома, белки тоа беше марифетот, си мислеа, за да ги смират надворштините и да ги окрајчат нивните пакости. Но поминаа три-четири дена, селаните туку што поверуваа во унерот на баба Депа, кога ете, пак почнаа да се креваат урвокосите ветроштини. Во авурите мачно брееја козите, некој невидлив вител им го одвејуваше лисникот, сергените во куќите цела ноќ крцкаа и тропотеа, божем некој како за инает на ги отвораше и затвораше, во двориштата наоѓаа истурена јарма, брбушки и кукурешки од незнајни птици и лишки, баздлив клеј им капеше од мертеците и черчевињата, некои ги наоѓаа отворени капандурите, други откриваа необични јажливи тумруци и креснаци зад плетовите, на некој кол вчудовидени гледаа како се вее испорец, а никој јагне не беше заклал, во близина слушаа некое крже да плаче, а знаеја дека таму немаше никакво крже, во куќата на Кољо Пентому, како што раскажуваше чалдисана Пентовица, сама се предела волната и разбојот цела ноќ им штракал без да го допре човечка рака; фурката на баба Пеновица во ајатот исто така недопрена се вртела и го предела преденото, овчарот Пено видел некаков таласамен суварија во црна долама и со огромна сопа, како јазди по карпестата скрка, чиниш носен од ветрот. Василето Лазов, кусо, сумалочно човече, налик на ширка, раскажуваше дека на враќање од лозјето, наеднаш го стемнило и повтел да го забрза чекорот, но нозете му се фатиле, како од ненадејна трпкавица, а еден мрачен брест морничаво зашушкал во темништето и оттаму од недоапица се појавило едно брлесто бело цапе, да му тресне името, и како што тој си стоел така, втренчен и недоветен, како пенушка вкоренет вземи, животното се приближило до него, му ја лизнало раката, бревнало еднаш, чунки живалче заренѕало, и кога премалениот човек наеднаш се пуштил од вкочанетоста и некако смогнал да се качи на своето бутресто магаренце, кое исто така било маѓепсано од сперливото видение, па го боднал по мевот, а тоа потскокнувајќи тргнало по патот, вмиг почувствувал некаков чуден топол товар на својот скут, и кога се опулил подобро, се вангелосал зашто пред него седело бело петле, и дури откога така стемнисан го поминал трапот, во далечината се чуло некакво жграмотење, журкање, задумкале тапани, зурли заурликале, и петлето без да писне, како воздувка одлетало и кацнало врз барџавата вршка на брестот, откајшто пред тоа излегло палавестото таинствено цапе. Кутриот Васил, како што подоцна им раскажуваше на штутурените селани, грабадинајќи втамина и 'ргајќи го своето магаренце по сапите, до дома ич глава не завртел назад да погледне. "Ако погледнев, им велеше тој, сè уште препалисан, срцето ќе ми пукнеше од стровотија. На тилот ја чувствував реата на смртта". По неколку дена од истиот чемерен брест на Петра Минова и на нејзината ќерка Дота, како што раскажуваа тие со забревтано дишење, одненадеж им се појавил некаков рунтав и тучен овен, со огромни, дваж извиткани рогови, како кај вистински угич; направил еден круг околу нив, па нагло застанал, се вѕурил во нив, како со очи од познат човек, затупкал со нозете, божем сакал да откопа нешто од пазувите на земјата и одново се скрил зад брестот, а потоа долго, сè до влезот на селото слушале како зад нив подбивно пеело едно петле, придружено од бревтаво блеење на некакво јаре. Такви преживелици имаше многу; речиси немаше човек кој не беше доживеал некаква страшна случка. Доволно беше да шушне лист зад некој кој доцна се прибирал дома, или да тропне нешто во мутлите, или да се скрши некоја стомна од несмасноста на залутана мачка или од напирот на ветрот, и ете ти утредента готова приказна од која на сите им се намовнуваше кожата. За да спијат мирно другите, особено децата и жените, формираа ноќна стража од по двајца мажи. Тие не можеа да откријат којзнае што, но една работа им влеа шубе. Први забележаа Никола Мијалков и Василето Гацов, кои стражареа во близина на куќата од починатиот Томе Минкин. Една ноќ, веднаш по полноќ, како што си завиткуваа цигари, за да им мине времето и да не ги надоли сон, се вџасија двајцата и се скаменија: пред нив помина сенка од човечка става и се мушна во куќата на покојникот. Кога се созедоа малку, се потпрашаа дали навистина беа виделе човечка сенка да влегува во куќата отспротива? Следната ноќ околу куќата Минкина се собраа повеќе мажи. Сите беа на стреш, а шушне нешто, ги креваа ластегарките, но ништо. Никој не беше забележал ништо. Но третата ноќ сенката ја виде и Циљо Станишев, по три ноќи и Гиро Крачов. Еден ден селаните решија да ги прашаат домашните во куќата Минкина, дали некој нешто видел или чул. Сите одговараа одречно. Никаков зулум или зијан не беа забележале во куќата. Но по неколку месеци, кога почна да ѝ набабрува стомакот на вдовицата, ја присилија да признае, и таа, треперејќи од страв и од плач, најпосле призна дека сенката што ја гледаа да влегува во нивната куќа, всушност беше сенката на нејзиниот покоен маж, кој тивко се мушнувал, велеше таа и плачеше, во нејзината постела и цела ноќ ја гмечел со сета своја тежина. Дури, велеше кутрата Томовица, сега, како мртов, е потежок. Влегува во одајата, ми вели "Не плаши се, јас сум Томето, ништо не ти правам", потоа легнува врз мене, и јас исплашена, го допирам, гледам не е студен, какви што се мртвите, туку топол, целиот гори и не ми прави ништо лошо. По признанието на кутрата вдовица, нејзината окаена свекрва, Гена Минкина, не ја оставаше да спие сама невестата, туку спиеше во нејзината одаја. Оттогаш никој повеќе не ја видел сомнителната сенка. Но продолжи да ѝ расте стомакот на вдовицата и сите се помирија со тоа дека таа забременила од духот на својот покоен маж. Сепак, по некое време, една дождлива ноќ, свекрвата ненадејно се разбуди од сон и наслушна како крцка креветот на вдовицата. Стана кроце и се приближи, кога, што ќе види, некое мажиште ја гмечи разголената жена, која тивко и задоволно стенкаше. Не можеше да издржи Гена Минкина, викна: "Кој си ти" Тогаш мажот скокна од постелата и се втурна накај вратата. Гена стигна да се испречи пред него и кога изусти: "Томе, ти си, на мајка..." една светкавица го осветли лицето на мажот и мајката виде дека тоа не беше нејзиниот син, туку Петре Рофјата од Тиолишта, големиот мераклија и бекрија, немирниот освојувач на осамените жени и на вдовиците по околните села. За да стигне до постелата на избраната жена, Петре Рофјата правеше невозможни подвизи; не само низ баџите, туку ако требаше и низ оџак ќе се вовреше, само да се домогне до некое љубовно огниште. Што не правеа несмасните мажи, младоженците или браќата на невестите за да го фатат на дело, но на вештиот љубовник секогаш му успеваше да ја дувне во последниот миг и да си ја спаси убавата глава. Некои велеа дека се дрзнувал да се вкраде дури и во одајата на некои анамки, па затоа и Турците го гонеа. Гена Минкина грчевито го фати за ракавот, но Петре Рофјата вмиг го отвори прозорецот (надвор се истураше дожд и затоа немаше стражари) и се витоса во ноќта. Мајката викаше: "Фатете го!", се собраа неколку селани, но не им успеа да го фатат натрапникот. Утредента, кај Гена Минкина отиде и поп Динко со Вангел Мијалков, ја смируваа старицата, убедувајќи ја дека гробникот може да земе и друг лик, се преобразува и така се појавува пред жените. Најпосле мајката се смири, но никогаш не престана да се сомнева дека нејзината невеста во својата утроба носи плод од туѓ маж. Така се врвчеа тие денови во селото, со скомраз и со кошмари. На разни места во куќите ставаа глогови гранчиња, а наутро ги празнеа бардаците и ѓумците и одеа на чешмата, полнеа нова, пресна вода. Можеби од ноќната застојана вода се напил некој гробник? Во тој случај, веруваа, во таа куќа неминовно ќе има мртовец. Турците одново ѝ се закануваа на Гена Минкина, зашто ноќе пак некој ги вознемирувал анамките и малите муслиманчиња, но за среќа се замешаа спаијата Али и неговиот побратим Мидин, па ги успокоија. Мидин ги уверуваше дека оние кои ги тормозат не се никакви духови и ветришта, туку живи луѓе, комитски сеништа, и тој набргу ќе ги фати и ќе ги обеси или ќе ги набие на колец. Затоа сè повеќе почна да го следи Вангел Мијалков, за кого тврдеше дека не е само пцалт и клисар, туку и нешто друго. "Тој суртук е виновникот за сите кијамети во селото, зловливо му велеше на Али, но јас ќе му го скројам ќуркот! Кога и да е ќе му го столчам каурскиот аврет!" На неговата лутина Али не знаеше што да одговори, само го погледнуваше, ги чумереше густите веѓи и го бодинаше потаму својот јадар црвен коњ. "Бре мајката, си велеше Али, некој лош гарамет му го гризе срцето на мојот побратим. Ќе направи некоја пакост, пезевенкот!" Необичните ноќни настани ја насрчуваа омразата меѓу турските и рисјанските деца. Речиси секој ден се случуваше по некоја ѓурултија или на крајсело, или на сретсело, во некое тесно сокаче. - Македонци - гнили конци, - викаа на глас Турчињата. - Македонци - итри момци, - одговараа јаросно Македончињата. Турчињата ќе се собереа на ќуме и одново гласовито ќе викнеа: - А Турчиња - асли момчиња! - О, Турчиња - бесни штурчиња! - викаа Македончињата и гровотно се смееја, а потоа се нафрлаа еден врз друг, кој со што ќе стигнеше, едни со букови сопи и 'рпалци, други со прачки и шиблинки, трети со камења или со фушкии. Абрашливиот Гавро носеше и ќускија, тоа го знаеја муслиманчињата и се вардеа од него. Честопати децата од двете тајфи се враќаа дома со модри челенки на челото. Еднаш, додека така беа нагрвалени едни врз други, се појави Али на својот буен коњ, а зад него и темерутиот Мидин, кој во раката држеше еден долг глужлив дајак. - Запрете, бре серсеми ниедни! Каква е оваа дармадана! Што туку се кошкате и се девречите, кошоглави ајвани! - им се развика Али. Зар не сте, бре, од едно село! Вие треба да сте заедно, да се биете кога ќе треба со деца од други села, ако ве нападнат. И кога ќе пораснете, пак заедно да се борите против јабанџиите, а не да се испоколете меѓу себе! Суртуци! А зловливиот Мидин зад грб му велеше: - Пушти ги, бре Али, нека се тепаат. Нашите се појаки, ќе ги сардисаат рисјанчињата и ќе ги сотрат поредум. - Не зборувај така, побратиме, тоа ти е бош лаф; зашто еден ден, кога ќе имаме зорт, пак тие ѓаурчиња ќе нè спасуваат. Види што прават грчките андарти и бугарските комити во некои села. Ги испозаклале сите муслимани! Лошо ни се пишува и нас, слушај ми го зборот, а нашиот падишах, ќе видиш, ќе нè остави на цедило. Тој си го гледа својот голем ал, што значи за царството една шепа исан, црви, како нас! Биди исавлија. Овие ѓаурчиња ќе нè бранат од навалите на дивите орди, да знаеш! - Де бакалум, џанам, де бакалум - шубеливо му одговори Мидин, ги надурми веѓите и возлено го засука мустакот што си го црнеше со сагија. - Зборуваш како оној ајдамак Мустафа, санким сте цицале од еден дулец! Потоа ја зграпчи својата малихерка од кашот на седлото кајшто ја имаше обесено, ја стави на рамо, го бодна својот карагривест коњ и му рече како на шала на Али: - Ајде, јас одам да гонам сеништа. И тргна накај црквичето Света Петка, но наеднаш ја повлече уздата, коњот запре, сржа, и сврте во друга насока, накај Костур. "Море, сè ќе направам прав и пуздер, душата ми аздиса, нема дизгин и нојбет што ќе ме кандисаат да не си го истурам до крај својот гнев врз сите чапкани, а најнапред врз Вангел и врз нашиот азарџија Мустафа, кој мати нешто, а се прави светец!" Веќе јаздеше покрај реката, крај уријата, кајшто често навраќаше за да се освежи; подзастана малку, сега му се виде тажна, а и демата ја беше однела водата на ѓердапот. Пак го бодна коњот и по извесно време стигна кај налбатницата на Радован, што се наоѓаше надвор од градот. Извика: - Еј, Радоване! Ѓупчо! Тука ли си бре! - и скршна во неговата авлија. Радован се подаде од налбатницата и го смурти суратот. Ни самиот не знаеше зошто му беше непријатен овој млад и убаволик Турчин. Сигурно не само затоа што го викаше подбивно ѓупчо, зашто сите така го викаа поради неговото барџаво лице. Ниту затоа што беше премногу убав во споредба со неговата грдотија, за што беше и самиот свесен. Кога ќе му дојдеше во налбатницата, чувствуваше некаков студен трпнеж и рој од тиќе по снагата, а луѓе како него, добро знаат што значи тоа. "Овој човек, си мислеше Радован, некаков урвокос носи во себе. Однадвор гладец, однатре јадец. Туку, господ да ме чува мене од него и од неговата карештина!" Затоа и сега, штом го виде, одеднаш се сврте, го зеде својот тежок корач и почна да удира по железото што го имаше ставено во рупот на менгемето. - Кој е, Радоване? - се чу еден женски пискав глас откај мудбакот. Радован не одговори на гласот, со што сакаше да ѝ даде на знаење на жената, дека тоа не е нејзина работа и да си ќути. Се разбира, гласот не се чу повторно. - Радоване, бре, остави секаква работа што имаш и дај погледај ги потковите на мојов коњ, одамна не сум свратил кај тебе, од немукает. Налбатинот се направи дека е премногу зафатен, како божем да не го чул, потоа го остави корачот до дремливиот и антав караман, што лежеше со подадена шепа, налик на некаков смрлушен диленџија пред црквен праг, фати еден ченгел и го обеси на мемливиот дувар, па најпосле без збор се сврте и го зграпчи огламникот на Мидиниот коњ, а Мидин веднаш скокна наземи. Радован му ги врза со јавашата носот и горната рилка на коњот. - Јаваш, јаваш, му велеше Мидин, немој да ми направиш некоја дубара, бреј пезевенку! Бери ум! Да не ти чинам сетне давија. - Мидине, остави ме, ести, да работам, тептаво и серто го предупреди Радован, си ја знам, ести работата, му рече и го стави пајванот на нозете од коњот за да не клоца. Потоа ги зеде нештирите од еден ќош, мислејќи си: "Кога сите би имале некој занает и кога би си ја гледале работата, не би имало пакости во светот. Но ете, некои, како овој тука, арсази, сакаат, ести, да живеат од ќелепур". Мидин некако потсепнат од упрекот на налбатинот инстинктивно го зграпчи корбачот што му висеше на колкот, зашто не трпеше некој да го прекорува, но веднаш помисли дека во моментот е зависен од грубиот налбатин, па се воздржа и погледна наоколу, за да му се разбега лутината. "Бреј колку тракатанци има во налбатницава, си помисли тој, нешто ми е шубелив овој сербез налбатин". Навистина, во налбатницата имаше едно тесте предмети, разни алати и теркови, тараци, карклоци, бучици, капистри, палишници и посатки од томбак и од други метали: пемпере до пемпере. Зашто Радован не беше всушност само налбатин, туку и железар и тенеќар. Се разбираше дури и од туфекчискиот занает, но тоа го држеше во тајна. И додека Мидин ѝ се чудеше на целата таа карнагасија, Радован како вистински тавминџија си ја вршеше работата; прво ја крена едната копитка на коњот, внимателно се загледа, како на дланка да му ја гледа судбината на неговиот стопан, а потоа почна да ги кова потковиците со корачот. Сега и Мидин се наднесе да види и малку расеан велеше: - Дур, карчо, дур! - и му ги мазнеше и тапкаше сјајните сапи и го тимареше со прстите, како со ѓебре. Коњот длабоко сумтеше, 'ржеше, фучеше, замавнуваше со густата опашка и ја тресеше гривата, повтеше да клоцне, но не можеше од пајванот. Мидин ја отвори ќехарата што му висеше на силавот, го измолкна кременот и тратот, нагмечи тутун во лулето и запали. Повлече силно и испушти неколку валма чад од устата и носот. Светрум носниците му се раширија, како на 'рт кој одненадеж надушкал плен: - Еј, куме, аровен мирис се шири откај мудбакот, што ти готви Радованица? (Налбатинот не му одговара). Слушаш бре, угурсуз? За кого готви жена ти, да не чекаш комити на вечера, а? - Мидине, пајдос, готов ти е атот, земај си го, ести, и... Сакаше да му каже "и ај сиктер, анасана!", но Мидин во тој момент го допре кундакот на малихерката, чиниш само ја преместува на облукот од седлото, извади од џебот една паричка, му ја фрли наземи, како за подби-пеза, потоа згазна на узенгијата и се качи на коњот, возлено го бодна. Коњот малку накривувајќи од свежи болки, поскокнуваше и Мидин без да се сврти назад, излезе од авлијата и тргна накај Костур. Радован однадвор го чу неговиот громкав глас: - Радоване, гиди едапсазу, варди се, жими вера, ако те фатам да шуруваш со комитите, и да им бидуваш јатак, ти ќе го јадеш, ести, дебелиот пај! И ќе ти ги потковам чапите, ѓупски комита! "Бреј, ашлак некој човек, си мислеше Радован, фаќајќи се за друга работа, треба, ести, да се чувам од него, да не ми нагрвали некое навеиште, а да му кажам и на Вангел Мијалков да не ми ги носи, ести од непендек комитите. Не е чудно, ести, што еднаш го видов како назорум се мушна на аркапијата од костурската митрополија. Што мајка бара Турчин во грчки ан? Да се покрсти? Нешто не ми мириса на арно неговата дубара. Тој подмолно готви некаква далавера" - си мислеше Радован и недоветно си ги чепкаше јагарците на вратот, што му беа пораснале сигурно поради големото напинање при тешката работа. "Тој ќе ми ги поткова табаните! Самсар ниеден! Море, како на нерез ќе му го скопам поганиот аврет!... А ташаклија ат има, пезевенкот! И за милина знае да го јава, што е право, право е ести!" Думајќи си така во себе, Радован уште извесно време се шуткаше во налбатницата меѓу својот куп од вредни и невредни алати, потоа замелушен излезе, веќе немаше ќеф за работа, тронтаво влезе во тавлата, ја загледа својата улогава атица, отиде во плевната, крена еден навилец сено и го фрли во улејот на јаслите, со таква прчос што чиниш наумил да го запали целиот сламник. Наеднаш цел свет му се стори како една огромна плевна. 3. Во една широка приемна просторија на грчката митрополија во Костур беа собрани неколку мажи. На средината, во фотелјата обложена со пурпурно кадифе седеше митрополитот Германос Каравангелис, во долга монашка мантија и со цилиндрична попска капа на главата, што покажуваше дека се работи за службен собир. Митрополитот беше на средовечна возраст, но изгледаше многу постар, можеби поради долгата и бујна брада која му го покриваше речиси целото лице, а само јаболкниците му беа голи, и во контраст со црната брада, човек би помислил дека тие светат, зрачејќи чудна светлина, што на целата негова појава ѝ даваше достоинствен изглед. Кога тој зборуваше, неговата уста не се гледаше од густите гавранови мустаци, па се чинеше дека зборовите излегуваат од некаква мрачна и мистериозна јама, што на присутните им влеваше страхопочит, облевајќи ги со студени морници по грбот и со гравушки пот на челото. Само одвреме навреме, кога ќе кажеше некој овален или порезок збор, се покажуваше неговиот румен јазик, слично на пламенче од самиот пекол, а тоа уште повеќе ги плашеше неговите соговорници, особено кога тие му се спротивставуваа на неговите идеи, што, се разбира, се случуваше мошне ретко. Неговата катаревуса звучеше како длабока мелодија од древниот грчки театар. Внимаваше на дикцијата, што ја сметаше како средство за магично привлекување на вниманието на слушачот и на собеседникот. Со својата, слаткоречивост и итрост, тој знаеше во душата да му се вовлече на човека, да му згазне на сенката, совеста да му ја пробуди, ненадејни солзи да му извлече од очите или мачна воздишка од устата. Честопати споменуваше имиња на светски мислители, поети и духовни лица. Бидејќи долго време беше поминал на студии во Германија, тој сечеше германски, а понекогаш и во грчкиот говор употребуваше и по некој германски или латински израз, со што уште повеќе ги збунуваше и ги омаловажуваше присутните. Одлично зборуваше турски, а доста добро го имаше научено и македонскиот јазик, од што извлекуваше голема корист во неопходни моменти. Поради сите тие негови предности, како и поради неговата храброст и организаторски способности, атинските владеачки кругови го имаа назначено за водач на андартското движење, односно на грчката пропаганда во Македонија. Преку него се одвиваа речиси сите андартски акции, особено во Западна Македонија, во Костурско, Леринско и Кожанско. Костурската митрополија беше најсигурно гнездо на грчкото андартство. Во изминатите години Каравангелис имаше создадено мрежа од агенти, успеа да придобие многу попови, пцалти, клисари, учители и некои отпадници од македонската револуционерна организација, какви што беа Коте, од Руља, Гелев од Трсје, Вангели од Стребрено и други. Во Костур отвори грчко сиропиталиште во кое се воспитуваа децата на агентите на грчката пропаганда, кои потоа беа праќани на школување во атинските воени и други школи, со цел пак да се вратат и да ја продолжат работата на татковците. Сите андартски чети што ги праќаше "Македонскиот комитет" од Атина, кои, предводени од контрабандисти, преку таен канал беа префрлувани од Грција во Македонија, токму од него добиваа инструкции за натамошни акции. За да ја врши поуспешно својата работа митрополитот имаше воспоставено добри односи со турските власти, па соработуваше дури и со главниот командант Несет-паша. Андартите ги храбреше и ги уверуваше дека во турските власти не треба да гледаат како на непријател. Тој повеќе се плашеше од костурчани, кои ги сметаше за недоверливи луѓе. Секогаш ја претпочиташе соработката со игумените и со калуѓерите, а неколку манастири имаше претворено во андартски јатаци, од каде грчките чети вршеа терористички акции по селата. Најголем масакр андартите извршија на 25 март 1905 година во селото Загоричени, кога беа убиени седумдесет и осум мажи, жени, старци и деца, а за тој свиреп масакр европските конзули од Битола го обвинија Каравангелис. Во неговата приемна соба во митрополијата сега седеа неколку мажи, со чаша румено вино пред себе. Некои пушеа на луле, а други си завиткуваа цигари. Оној што седеше до митрополитот, а кого овој го викаше Јанис, беше облечен во модерна европска облека, како луѓето од дипломатијата. Тукушто дојден од Битола на долго и широко им раскажуваше за најновите политички состојби, како и за ставовите на битолските конзули во врска со македонското прашање. "Рускиот конзул Калмиков, загрижено констатира тој, особено е настроен против нас. Од името на некакво словенско братство, ги помага мештаните, па дури на некои млади луѓе им дава стипендија за Русија..." Очигледно, митрополитот беше многу близок со Јанис, па често го ословуваше со "мој пријателе". До него седеше крупен, убав маж, облечен во црна андартска униформа, кого го викаа Јоргос и кој беше најжесток во говорот. Имаше црна куса брадичка и кокорава коса, чии локни паѓаа врз неговите остри веѓи. Тој почесто ја креваше и ја празнеше чашата, а понекогаш, во големата жестина и сам си налеваше. Јоргос зборуваше со критски акцент. Зад него стоеше голобрадо момче, вооружено до заби; веројатно негов телохранител. И момчето држеше чаша со вино, но само одвреме навреме лизнуваше по малку од пијалокот и погледот го вртеше де кон едниот де кон другиот говорник, како да не сакаше да испушти ни збор од сето она што ќе се каже на овој значаен собир. Оставаше впечаток дека за својот капетан може да се фрли в оган. На следните две фотелји седеа уште двајца андартски офицери, но тие ништо не зборуваа, или само ќе дофрлеа по некој потврден збор. Се гледаше дека нивното мислење не беше од важност, но затоа нивното присуство беше неопходно. И најпосле, до вратата стоеше слугата Лукас, готов да скокне за секоја ситница. Тој не мислеше, само гледаше и служеше. - Лукас, му заповеда митрополитот, донеси уште еден бокал вино. Слугата наврапито го зеде празниот бокал, небаре секој миг очекувал таква наредба, и веднаш излезе надвор. По неколку минути се врати со полн бокал, чија вршка уште се пенеше. Им дотури редум на сите. Потоа митрополитот значително ја крена чашата и наздрави кратко: - Исигија!1) Небаре со тоа даде знак дека истовремено тој зема главен збор. Сите се напија и настана штама. По извесно време се чу неговиот мелодичен и свечен глас: - Господа, ве повикав овде за да ги разгледаме новите аспекти на нашата долгогодишна борба. И да видиме што ќе правиме и како ќе дејствуваме понатаму. Она што го правевме досега не е малку, но не е ни доволно. Треба да ги напрегнеме сите наши сили и еднаш засекогаш да го искорнеме словенството од оваа земја. Нашата основна цел е да го погрчиме целото население, ако не со милост, тогаш со сила, со нож и оган. Нашиот непријател - егзархијата, да знаете, не само што не спие, туку токму сега има земено најголем замав и денизден ниже успеси. Веќе под нејзина команда се наоѓаат околу двесте цркви и стодваесетина школи. Ако со вакво темпо продолжи да расте нејзиното влијание, и ако ние сето тоа го гледаме со скрстени раце и безразлично, тогаш, верувајте, за нас и за сите идни грчки генерации ќе нема повеќе место на македонскава територија. Не смееме да ги заборавиме светите жртви на нашата крвава борба, неустрашливите македономахи, капетаните Вардас, Каудис, Лазу, Даилакис, Вергас, како и најзначајниот меѓу нив Павлос Мелас, кого треба да го прогласиме за национален херој, за да им биде величествен пример на сите идни борци. Сум зел на врат илјадници луѓе, затоа морам да победам. Во нашава борба ќе ни помогнат само турските власти, зашто и тие ја гледаат опасноста од егзархистите. Мораме да имаме трајни односи со Турците. (Замолче малку, го исплакна грлото со една голтка и пак продолжи.) Уште еднаш ќе подвлечам дека времето врви, а ние не сме освоиле ниту едно село, и тоа затоа што андартите од Крит доаѓаат и се враќаат, а мештаните ги презираме. Но јас мислам поинаку, имено, треба да им се дава предност на мештаните, особено на славофоните. - И јас мислам така, се уфрли Јанис. Наполно се согласувам со вас, господин митрополите! Треба да ги примамиме мештаните, зашто вака нашите борци се чувствуваат како да се во сосем непозната и туѓа територија. Тоа го има изјавено и Ставрополус. Андартите отсекогаш се движеа мошне претпазливо, зашто се сомневаат во секој селанец. И сега е така. Крајно време е да го измениме начинот на водење борба. Зашто ништо не правиме ако се задоволиме само со ситни убиства, и тоа на жени и деца, како и со палење на бедни куќи. Треба да почнеме војна. Цела Грција да се дигне на нога. - Тоа го сакам и јас, подзеде пак митрополитот, но Атина молчи. Уште се задоволува со зборови и планови. Потребна е акција, дело. Res, non verba. Така ли е, Јанис? Јанис веќе стоеше со чашата в рака. Прозборе пламено: - Јас сум длабоко уверен дека ќе се повтори чудото од времето на Византиската империја, односно, Грците ќе ги асимилираат Турците, како што ги асимилираа Римјаните, и Отоманската империја ќе ја претвориме во грчка. - Да, рече митрополитот, но таа ќе биде последната, зрела фаза на нашата работа. Сега, повторувам, мораме да бидеме во пријателски односи со Турците. - Но, господин митрополите, се вмеша и Јоргос. Ако се соединиме со Турците за да ја постигнеме нашата цел, зар нема да нè осуди нашиот народ? Сами, ние Грците, треба да ја извојуваме победата. Инаку, идните генерации тоа ќе ни го земат за грев. Каравангелис ги начумери веѓите и го повиши гласот: - Оваа е света земја, грчка земја. Не треба да избираме средства за да си ја вратиме. - Но, господин митрополите, овие славофони цели петстотини години се под турско ропство и пак опстанале; како впрочем ќе ни успее нам тоа да го сториме само за неколку месеци? - Турците си се Турци, букоглави се и чурук. Ние сме Грци. Дај му на Турчинот една кокошка и вчас ќе го задоволиш неговиот ламтеж. Но жедта и апетитот на Гркот се вечни. Бидејќи се темелат врз големата идеја на елинистичкиот дух, што е вечен. Турчинот е создаден од кал, а ние сме создадени од дух, рече возлено митрополитот. - Митрополите, ќе се излее многу крв. Многу млади јунаци залудно ќе загинат по овие диви планини, дофрли Јоргос. - Ако треба, борбата ќе ја водиме сè до последниот грчки јунак. Татковината не прашува за бројот на жртвите, туку ја очекува победата. Ако ние не успееме, ќе дојде следната генерација. Важно е да го зачуваме борбениот дух, рече митрополитот. Потоа се обрна кон офицерите: - Еве ви сега по три лири да им дадете на вашите борци. Поттикнете ги малку. Денот на победата се ближи. Во тој момент над него се надвисна Лукас и нешто му шепна на уво. - А, нека влезе Турчинот, му рече полугласно на слугата. Слугата излезе и по малку пак влезе, а по него во собата се мушна Мидин. - Селам алејкум, изусти Мидин и застана диван пред строгиот митрополит. - Алејкум селам, му одговори свештеникот, со престорена љубезност. Знаеш ли зошто те викам. Разбрав дека си сакал да му се одмаздиш на оној непрокопсан сетомски пцалт, Вангел. Така? Е, и ние го имаме ставено во нашите тефтери и ќе ти помогнеме да му ја кутнеш главата. (На Мидин му заиграа очите.) Доста ни е од такви самсари! Но, рече митрополитот и го крена прстот во знак на опомена, во прво време треба само да го следиш, да не го испушташ од око, дење-ноќе, да видиме што прави, со каков шмеќарлак се занимава и, што е најважно, со кого соработува, за да ги откриеме, нели, и неговите ортаци. Знам дека тој е ујдисан со комитаџиите и им дава јатак. Секоја недела ќе доаѓаш тука и за сè ќе ме известуваш. Но да бидеш внимателен, никој да не те надушка. Особено да се пазиш од луѓето на Вангел. Јас нему ќе му го скројам ќуркот. Тој е Вангел, но јас сум каравангел, црн ангел! Навистина, додека митрополитетот зборуваше, веќе стоејќи простум и со размавтани ракави од мантијата, прилегаше на некаков огромен и развиорен црн архангел, кој е готов да зграпчи и да проголта сè што ќе му се испречи на демонскиот пат. - Да, да, ефенди митрополите, тепкаше Мидин и му светкаа очите од помислата дека набргу ќе му ја одземе главата на својот дин-душман и ќе му се успокои жолчниот утроб. - А сега оди и фаќај се со работа, му рече митрополитот и во јумрукот му подмитна една лира. Кога Мидин, правејќи темане, излезе од собата, митрополитот му нареди на слугата да го доведе Ѓуптинот Мано. - Слушај Мано, старо ченгеле, ќе одиш во Корештата... (Тој го тргна настрана, а другите присутни не можеа да го чујат добро секој негов збор.) Ќе му однесеш абер на војводата Лицас... Ако има тешко ранети, донеси ги тука... Кога ќе победиме, ќе те направам черибашија, бре! Кога Ѓуптинот Мано излезе од собата со еден алтан во раката, капетанот Јоргос, кој веќе имаше испиено неколку чаши вино, наврекнато му се обрати на Каравангелис: - Зар и со Ѓупците ќе правиме сојуз, оче? - Ви реков дека во нашата света борба не е важно средството, туку целата. Finis sanctifictat media. Мораме по секоја цена, дури и со најголеми жртви, да го сотреме за навек словенството од оваа света земја. - Но во тој случај ќе предизвикаме срџба кај нашиот крал. - Зошто? - Па нашата кралица е од Русија. Каравангелис се сепна малку, но веднаш потоа лукаво му одговори: - Таа сега е Гркинка, а тоа значи дека ако таа веќе се погрчила, нема да ѝ пречи да ги погрчиме и другите Словени. И онака жителите на Македонија се потомци на патријархот Григориј V, на Константин Палеолог и на Василиј Бугароубиецот. - Добро, разбирам, соработка со Турци, ами соработка со Ѓупци, арамии, злосторници и убијци! Сè ли ќе собереме во нашава борба! - Сами знаете дека со толку лукав непријател не може секој да се бори. Затоа "Македонскиот комитет" во Атина избира соодветни профили, кои веќе поминале низ сито и решето, и нема ништо да ги изненади во овие диви планини што се начичкани со опасни комитски гнезда. И на крајот на краиштата, зар арамиите и злосторниците немаат душа? Освен тоа, сите тие станале такви, затоа што не е ослободена Македонија. Кога ќе победиме и за нив ќе има работа и добра живеачка, а за нашите свети дела достојно ќе нè слави татковината. Потоа им рече на присутните да одат во гостинските соби на митрополијата, а утредента ќе се видат на појадок во маѓерницата. - Кали нихта! - им пожела добра ноќ, па и самиот се качи во својата удобна одаја. Пред да си легне митрополитот имаше обичај да излезе на балконот, за да се насладува на прекрасната глетка на Костурското Езеро. Седна на едно плетено скамниче. Се ближеше полноќ; ѕвездите во грски се сипеа во мирната езерска вода, а по околните расфрлани села потрепнуваше по некоја бледа светилка на будните селани. Во темно-моравата далечина, некаде кон капецот на планината Вич, одвреме навреме ќе екнеше истрел од пушка, небаре гром од ѕвезденото небо. "Пак ли некоја ѕвезда му ја зеде душата на мој борец?" - се прашуваше Каравангелис. Низ ум му минуваа милите спомени од детството на островот Лезбос, родното место и на големата поетеса Сафо, поради што тој се гордееше многу. "Вечернице ти собираш редум сè што се губи под небото сино, јагнињата ги враќаш и јарињата, а на мајката ѝ го враќаш синот". Секогаш кога ќе се сетеше на овие стихови, срцето му се стегаше од некаква непозната болка. Речиси цел живот митрополитот го помина далеку од својот роден крај и целосно му се беше предал на духовниот живот. Мирот му беше главната цел, а вечно беше немирен. Какво е тоа длабоко противречие што го дели на две човечкото тело? Кога ќе го врати и него Вечерницата дома му, да се укутари на родниот праг, да воздивне слободно, да почне и да ги заборави еднаш сите луничави немири што слично на морничави сеништа, се мрешкаат длабоко во неговата душа? Зар немаат крај, слатко окончание маките и борбите? Смртта ли е единствената утеха, вечната хармонија меѓу телото и бескрајната природа? Зошто се сите напори, цели и идеали? Зошто треба со помошта на најгрубото да го постигнеме најсуптилното и најблаженото нешто на светов? Каков е тој вечен антагонизам меѓу сите суштества и предмети? Го победуваме најсилното, а нè поразува најслабото, она што речиси не постои. Се издигаме до највисоката точка на спознанието, а од друга страна, со другиот дел на нашето битие, се чувствуваме заглибени во најдолните лавиринти на постоењето. Кога би можеле да го достигнеме апсолутното еманципирање од материјалната завист, кога би се извишиле во сферите на чистиот дух, кадешто царува единствената разумност, неделивоста и безразличноста! Дали може тоа да го постигне најсовршената човечка хуманост, најделикатната насоченост на духот? Во кој период од историјата на човештвото ќе најдеме пример за таква идеална егзистенција? Можеби само во поезијата, во уметноста. Но и во нив се насобрани најчесто трагичните облици на животот, и во нивните содржини се темели несреќата на светот. Што тогаш може да ги спаси нашите грешни души? Каков божји печат? Каков гнев или каков благослов? Додека така си размислуваше на балканот, во глувата ноќ се слушнаа тупоти на добитокот и шепоти. Веднаш слезе во дворот и ја отвори аркапијата на митрополијата. Во дворот прво влезе една човечка сенка, потоа едно натоварено магаре и уште две сенки. - Дали ве видел некој? - праша тој тивко. - Не, митрополите, му одговори сенката. - Добро, Мано, симнете го ранетиот и однесете го во скривалиштето. Потоа дојдете во маѓерницата да каснете нешто. Ѓуптинот Мано ја одврза ортомата од чекулецот и со помошта на двајцата непознати го симна ранетиот. Каравангелис ги гледаше загрижено. Тие беа вооружени со пушки и фишеклаци навкрст, а на појасите носеа по два кубура. Во белата маѓерница ги служеше стариот Лукас. Двајцата андарти, сè уште испотени и кашкави, јадеа грабливо, небаре со денови не виделе храна. - Раскажете ми како поминавте, ги праша сè уште загрижен митрополитот, Едниот, црномурест бурлија, кого го викаа Лефтерис, се напи две-три голтки рујно вино и почна да раскажува: - Кога влеговме во селото, не најдовме никого. Пусто. Гробна штама. Сите беа скриени. Потоа ненадејно почнаа да пукаат. И ние отворивме оган. Запаливме неколку куќи; пожарот се дигна до небо. Од запалените куќи ошумоглавени и оџагарени излегуваа жени, старци и деца. Во нашата раздивеност сите редум ги убивавме. Особено кога видовме дека смртно го погодија нашиот војвода. Најпосле, со тројца ранети се вративме во коријата. Оттаму ја посматравме ужасната глетка на селото. Целото небо над селото поцрне од развиорените чадови, а пискотниците се нижеа како синџир. Андартинот молкна, веќе не јадеше, само недоветно ѕуреше во душемето на маѓерницата. - Господин митрополите, овој народ не нè сака! - рече тој болно. - Веќе неколку години ми го велите истото. Но, не е точно. Сите се Грци, само се заблудени. Стадо избегано од својот пастир. Јас ќе ги вратам назад во татковото трло. Во очите на Каравангелис светеа искри како од пожар. Никој не би го препознал во овој свиреп човек преѓешниот светец од балконот, кој фантазираше за душевен мир. Во неговата душа настапи пеколен хаос, ѕвездите таму се збркаа и паѓаа како гламји во неговиот вжештен мозок. Замижа наеднаш од болка. - Да престанеме со ова крвопролевање, оче, тивко и очајнички рече и другиот андартин. Да си се вратиме дома. Некои од нас се бескуќници, но некои си имаме мајка, сестри, браќа. Кога тие би знаеле што правиме овде, како го мачиме тукашново христијанско население, сигурно би нè проколнале. Ние го правиме со нив она што пред стотина години го правеле Турците со нас. Овие луѓе, верувајте, нас нè мразат повеќе отколку што ги мразат Турците. - Затоа што така ги имаат научено проклетите егзархиски пропагандисти! - извика Каравангелис. Двајцата андарти замолкнаа и не гледаа во митрополитот. Тој нервозно шеташе во маѓерницата. - Ние работиме од името на господ и кралот! - им рече стамено Каравангелис, а во себе си мислеше: "Јас всушност ја спроведувам големата идеја на мојата нација, но никогаш не сум ги извалкал рацете; невин сум. Ова движење, андартсвото не сум го измислил јас, само раководам со него, и на тој начин ја исполнувам својата света должност кон татковината!" Потоа гласно им рече: - Слушајте, јунаци, треба малку да се одморите. Лукас ќе ви постели во една одаја, а утре, пред да изгрее сонцето, вратете се во планините, за да не ве открие авџитабурот. А што се однесува до грижата на совеста, препуштете ми ја мене, јас сум духовник, јас сум во врска со бога, а вие сте борци, ваше е да се борите и да победувате. Во оваа проклета земја, каде што не се знае кој јаде кој пие, бог ни дава право да се бориме со сите можни средства. Особено со нож и оган, како што велеше и Колокотронис.1) Зар сте го заборавиле тој воинствен лозунг? - Но, митрополите, тој лозунг се однесуваше за борбата против Турците, го прекина капетан Јоргос, кој ненадејно влезе во маѓерницата, не можејќи да заспие во соседната просторија, привлечен од разговорот што го слушаше. - Па и ние го употребуваме против оние кои лекоумно ја променија верата спрема татковината и им ја продадоа земјата на вандалите. А ние им дадовме вера и писменост. - Тие се христијани... - Знам. Но, најпосле, мора да падне и по некоја жртва за да победи правдата. На невините жртви вечно им е благодарна татковината. И јас ќе се молам за успокоение на нивните души. Dulce et decorum est pro patria mori.*) Јоргос сакаше да му каже: "Митрополите, ние веќе не веруваме во прикаски", - но премолча и снуждено ја наведна главата. Митрополитот со секавичен поглед ги опфати сите редум и ги крена како за молба рацете: - Зар сега да потклекнеме духом кога сме веќе пред целта? Ги ликвидиравме сите глави на комитската организација, Лазар Поп Трајков, Пандо Кљашев, Митре Влаот, а ни останаа само ситните риби, кои треба да ги уловиме со едно фрлање на сертмето. - Оче, моите Критјани веќе се бунат. Тие велат дека сме дојдени да се бориме против Турците, а не заедно со нив против поробените Македонци. - Се бориме само против продадените Македонци. Зашто нема поголем грев одошто да го продадеш грцизмот. Таквите продадени души ќе ги гониме до последното колено. Бидејќи полесен грев е да го продадеш Христос отколку грчкото племе. Христос простуваше, ние не простуваме. Во наши раце е божиот бич. Веќе нама враќање назад, нема ни запирање. Јоргос го фати митрополитот, кој целиот трепереше, жолт од некаква отровна пизма, а гравушки пот му се појавија на челото и на слепоочниците. - Митрополите, вам не ви е добро... Имате треска. - Тоа, дете мое, не е обична треска, туку болест за татковината, велеше посмирен и освестен митрополитот; деца мои, јунаци, не оставајте ме сега, кога е на повидок победата. Ништо појасно не гледам пред себе, отколку нашата победа. Ќе ве направам владетели, богати господари, и тука ќе биде центарот на новогрчкиот дух. Замолче малку, длабоко воздивна и продолжи со понизок тон: - А ако не победиме, убави чеда на татковината, да знаете, свршено ќе биде со овој крај. Бидејќи тука е најсилно словенското движење. Во цела Македонија нема таков бунтовнички крај каков што е овој. Затоа треба да се бориме со двојна сила. Ако победиме овде, ќе победиме во цела Македонија. И Битола ќе ја земеме лесно. - Но, митрополите, нашите луѓе се изморени, изгладнети, селаните не ни даваат ништо, сосила треба да им грабаме, да ги убиваме нивните деца, за да им го одземеме лебот од уста. Гледате ли до каде сме стигнале? Ние веќе не личиме на офицери и на војници, туку на гробници, на страшни сеништа кои потулени се војваат по скрките и по мрачните села. Дење се криеме по студените планински дувла, а ноќе излегуваме од нашите дупки и се оддаваме на грабеж, крваво заработувајќи си го лебот. Често ни се чини дека лебот што го јадеме е испрскан со крв. А оние господа од Атина, зошто не ни праќаат вистински офицери и војници, туку разбојници, поранешни крадци и злогласни убијци! Со каков морал ќе ја извојуваме нашата победа? - Ах, дете мое, речиси очајнички се огласи митрополитот, морате да истраете, морате да верувате, зашто токму тука, на ова пеколно боиште се решава субината на Македонија. Грчката судбина нас нè избра, затоа од нас зависи дали Македонија ќе биде наша или словенска земја. И Бугарите и Србите секој момент се готови да ни ја грабнат, да ја распарчат и да ја присоединат кон себе. Не смееме тоа да го дозволиме, деца мои, не смееме да ја изневериме татковината, која верува во нас и од нас го чека спасот! Јоргос го слушаше митрополитот и се чудеше од каде таква енергија и непоколеблива вера во овој човек. Всушност, тој и не е човек, си мислеше Јоргос, туку натчовек. Во него е внедрен прускиот дух, замешан со духот на грчкото пророчко свештенство. Антиката и новото време најдоа најцврст јазол во ова мрачно суштество. Можеби е во право, си мислеше Јоргос, можеби преку убиства и крв се доаѓа до најсветлото нешто во животот, до победата. Најпосле, добро вели Каравангелис, ако не ги јадеме ние, тие ќе нè јадат нас; ќе нè глодаат како батаци; па дури и уште поѕверски, понемилосрдно. Впрочем, треба да ја продолжиме борбата. - Ајде сега, одморете се малку, немате многу време, утринава ве чека долг и стрмен пат, а бидете на стреш, не само поради турските потери, туку да не ве пресретне патем и некоја комитска банда. Очите да ги имате четиринаесет. И имајте го на ум она што ви го кажав, а пренесете им го тоа и на другите борци. Ние се бориме за голема и света идеја. Идните поколенија ќе нè слават... Кога се повлече во својата раскошна митрополитска одаја, Каравангелис седна на диванот, капнат од напорниот ден, и набргу заспа до ламбата која светеше крај него. Секогаш ноќе ја оставаше светлината да гори, за да се гледа оддалеку дека тој, водачот на андартсвото, е непрестајно буден, како некаков светол фенер во длабоките и тешки ноќи. Тогаш надвор залаја пес, и неговото тажно завивање изгледаше како да доаѓа од мошне далеку, од неговото детство, па дури и уште од подалеку, од пластовите на грчката митологија, и како некаква неодгатлива симболика, со некаков таинствен воздушен синџир, му го поврза јавето со сонот. 4. Кога Мидин излезе откај митрополитот, го јавна својот коњ и со најголема брзина се упати накај полето. Зад него како лепешки прскаше калта на полските патеки. Некаква луда радост го имаше обземено неговото срце, кое му тупкаше заедно со тупотот на копитата, небаре готово да пукне и да се распрсне по нивите. "Ќе го расчеречам и ќе го растрбушам ашиќаре тој мрсен параспур, гласно си размислуваше Мидин, налуничаво јурејќи низ полето, душата ќе му ја извадам, крвта ќе му ја испијам. Сега имам изим и од страшниот грчки владика, кој е бесалија човек. Мувлет си давам до Бозук дека ќе му ја однесам на колец лејката на тој комитски арсаз..." Мидин од душа го мразеше Вангела, а најголема причина за тоа беше потајната мисла дека во 1903 година, за време на востаничките немири, татко му Исмаил бил погубен од раката на Вангеловиот татко, комитата Михајло. Мидин во тоа не беше сосем сигурен, но никогаш не ја забораваше онаа августовска вечер, кога како дванаесетгодишно момче, во ќуланот го најде осакатеното тело на татка си. Тој добро знаеше дека нивните татковци не се сакаа, но не му беше позната причината на таа нивна ненавист, дали беа во прашање некакви верски предрасуди или само некоја материјална побуда. Затоа и само си претпоставуваше дека вистинскиот убиец можеби бил токму татко му на Вангел. Така, по таен пат, непознатата омраза на татковците, беше преминала и во срцата на синовите, како најголемо, тешко и диво наследство. Но и Вангел, колку и да беше добродушен, чувствуваше некаква одбојност спрема Мидин. Единствено спрема него. Ни самиот не знаеше зошто. Секако, тој беше свесен дека Мидин долго време го следи, потамина му оди по трагите, особено откако стана чувар на шумата и помошник на Али во полето. Првата нивна закачка беше пред десетина години, кога уште беа пилиштарци. Се џапнаа први меѓу двете противнички детски турми, ем како најсилни меѓу нив, необично развиени за нивната тогашна возраст, ем поради некоја друга причина, која на двајцата не им беше многу јасна. Но уште оттогаш, тие почувствуваа дека ќе растат следени и придружени од тоа исконско проклетство од кое човек не може туку-така да се ослободи, без никакви последици и повреди на телото или на душата. Вангел упорно се обидуваше да ја потисне во себе навриената омраза спрема убавото и мазнолико Турче, но штом случајно ќе се сретнеа нивните погледи, во нив се распалуваше ненадејната искра на нетрпеливоста. Дури и подоцна, кога веќе пораснаа, крвта сè повеќе им лудуваше еден против друг. Напразно Али го советуваше својот побратим и ортак да го остави на раат тој каурски црковник, сиот заблуден по небесните работи и по Христосовите страдања, но букоглавиот Мидин, слушајќи го пулсот на своето длабоко сетило, гласот на крвта, помешана со клокотот на татковата крв, истурена на лочка во ќуланот на домашниот амам, го убедуваше дека токму тој ѓаур облечен во духовна дреа, ја носи несреќата и злото на селото и затоа треба што побргу да се истреби, да му се стави анџарот под гуша, сакаше да каже исто како што загинал и неговиот татко, но секогаш си го поткаснуваше јазикот, си го подголтнуваше отровниот збор, сметајќи дека е подобро тоа да остане негова тајна, која ќе биде откриена кога ќе дојде вистинскиот момент. Тоа е, си мислеше постојано, големиот амулет од татко му, што едностојно бабри во него и не му дава мир, сè додека не се исполни клетвата. Вангел, пак, не се плашеше толку од Мидин поради самиот себе, поради својот живот, туку затоа што мислеше дека овој непомирлив инаетчија, ќе му пречи во работата. Да не открил нешто, пезевенкот? - си мислеше. Зошто инаку толку настојчиво да го следи? Поради тоа мораше да биде сè повнимателен, но, од друга страна, таа негова претпазливост, ја забележуваше и Мидин, па неговото шубе и неговата омраза стануваа сè поголеми и уште повеќе ги поттикнуваа неговите инстинкти за да бидат готови да извршат најгрозно дело. Своето сомневање за Мидина, еден ден Вангел им го кажа на своите другари, на поп Динко, на учителот Лазо Божин од Апоскеп, како и на двајцата комити Коста и Доне. - Да го убиеме? - предложи Доне. - Да почекаме уште малку, одговори Вангел. Тоа е моја работа. - Но ако има некакво шубе? Ако открил нешто за нашата организација - прашуваше и Коста. - Деца, засега бидете повнимателни, па потоа ќе видиме и ќе правиме, ги посоветува поп Динко. Поп Динко беше од Апоскеп, но бидејќи Сетома немаше свој поп, Егзархијата го назначи него кога пред неколку години ја изградија селската црква. Беше голема свеченост кога првпат пристигна поп Динко во селото за да ја освети словенската црква. Сите селани, празнично променети, излегоа на крај село и таму го чекаа нивниот прв свештеник. По адетот, една млада жена, Костадина Трендова, ја направија како невеста, за да биде поголема веселбата. Дедо Глигор си ги бришеше солзите што му бликнаа од радост. "Бре луѓе, им велеше тој, знаете што значи да си имаме наш поп? Да ни го пее на наш јазик евангелието? Па тоа е, луѓе, законски поп, го поставува Егзархијата. А не како што бидувало порано, кому ќе му текнело тој станувал поп. Не знам каде се случило, во нашето село или во некое друго, пред многу години, една жена и еден маж, си думале како да се спасат од немаштината. Думале, шестале, и на жената ѝ текнало нешто. Отишла во телал-чаршија и купила еден кат поповска руба, го зела мажа си и тргнале по селата. За касмет, нашла едно каде што немало поп, па го главила него да попува, при сè што не знаел книга да пее. Така, се курдисале во селото и станале поп и попадија. Јастие, питие, дестур имале, асли како што барале. Поминало некое време и дошол во селото владиката да ги види рисјаните како живеат без поп. Ги свикал да му донесат што имаат родено да покрсти, а што умрено да испее и причести. "Свети владико, му рекле тие, ние си имаме поп што ни ја прави таа работа". Владиката се зачудил и им рекол да го доведат, да го види тој поп. "Од каде си, бре попе и кој те попопил?" - прашал владиката. "Од фиљан село сум, свети владико, му одговорил тој, а ме попопи жена ми. - Аман, бре" - се сепнал владиката и наредил да ја доведат пред него жената. "Мори жено, како си можела поп да си го направиш мажот? - Па, маж ми е, свети владико, му одговорила таа, ако сакам и владика ќе го правам!" Кога го чул тоа, владиката останал без збор. Штом дедо Глигор го заврши кажувањето откај Апоскепскиот рид се појави поп Динко облечен во раскошна одежда и придружен од голем број апоскепени, кои доаѓаа да учествуваат на свеченоста. Сетомени извикаа: "Еве го, еве го, нашиот поп! Да живее поп Динко!" Потоа удрија гилвиите, се разви оро на крај село и на чело со попот, кој го поведе малку орото, стигнаа сите пред црквата. Муслиманите скриени по дома, низ решеткавите прозорци ја набљудуваа церемонијата. Поп Динко ја крена раката и сите молкнаа. Со китка босилек го испрска прагот на црквата и гласно извика: "Во имја Оца и Сина и светаго Духа, амин!" Сите во хор извикаа: Амин! И влегоа во црквата на прва богослужба. По неколку месеци за пцалт и клисар го направија Вангел Мијалков, кој тогаш беше вратен од солунската гимназија, каде што учеше две години. Поп Динко многу го беше засакал тој доблестен и простодушен млад човек, кој беше задоен и со револуционерни идеи. Затоа се плашеше да не му се случи некое зло, а особено се плашеше од подмолниот Мидин, зашто и поп Динко го имаше забележано неколку пати како се војва околу црквата, диво ококорен својот црн и возлен ат. Поминаа доцните есенски дождови, наеднаш стегна времето, студен укит кацна по нивите и по долините, павлака фатија локвите и вршките на сите течности оставени на чардаците или во килерите, во разни садови и каци. Воздухот мирисаше на снег. Гладните чавки влегуваа дури во дворовите да колвнат некое зрнце или фрлена трошка. Едно утро, на Свети Никола, кога Вангел се разбуди погледна надвор и очите му се исполнија со белина. Ноќта заврнал првиот снег. "Утре ќе заврне снег", го чу вечерта да претскажува Гиро Крачов во зачадената селска кафеана. "Од каде знаеш, бре Гиро?" го прашаа селаните. "Е, им одговори тој, нели народот вели: ако ги видиш чавките уште од рано да слетуваат наземи и да бараат јадење, чекај лошо време - снег или дожд. Дождовите поминаа, замина андричко, веќе сме месец никул. Затоа останува ноќва или утре да заврне снег". Вангел го отвори прозорецот и опсекливо беше плиснат од снежната свежина. Со ширум отворени ноздри го впиваше воздухот и вчас почувствува како му се наполнија градите и му се вцрвија образите. Го затвори прозорецот, надве-натри ги обу волнените чорапи и високите скорни, си ја нагрна дебелата шајачна гуња и излезе надвор. Неговиот пес Мурџо истрча по него, но тој му даде знак да се врати во кучкарникот. Сакаше да биде сосем сам. Целото село уште спиеше. Ниту еден оџак не се димеше. По првиот снег луѓето обично подолго остануваат во топлите постели. Надвор немаше жива душа. Тоа му се допадна на Вангел. Погледна наоколу и првата мисла што му падна на ум беше Зоја. Ја отвори вратничката од авлијата и излезе. Отспротива се наоѓаше куќата на Чочевци. Тој знаеше дека Зоја спие во една приземна собичка. Се гледаа и двата прозора. Пердињата, бели и реави, беа спуштени. "Таа спие" - Си помисли тој и кроце тргна накај коријата, над селото. Инстинктивно со себе ја зеде секирата патем да исече некоја суварка. Тој сакаше да излегува така, рано-ранум и да лута меѓу разголените увини на коријата, да го слуша ветрот како свржи низ преостанатите лисја, или врз лисникот што се трупаше наземи, а особено милуваше да талне наугоре кога ќе паднеше првиот снег. Сигурно тој длабок порив го беше пробудил и овој пат уште пред првите петли. Газеше по белиот мутав што го беше послало небото, кревко крцкаше под неговите чекори дебелиот ровок пласт и тој восхитено си помисли: "Ете, таква треба да биде и слободата. Одеднаш да го покрие целиот свет. Да не се гледаат алтиците на суровоста, да се збрише чамурот и срамот од лицето на земјата". Пред себе не гледаше никаква неприлична дамка, никакво леќе или каква и да е глотка. Сè беше кибарно и услагодено на совршената чистота. Тој дури не сакаше да зграпчи ни грумче снег и да го лапне, небаре плашејќи се да не ја повреди случајно таа општа неначнатост на природата. Се движеше нагоре, покрај потокот што жубореше и со својот звук му го покажуваше патот кон омиленото место. Голема милина чувствуваше во срцето дека си ги гледаше само своите стапалки, како алки од длапки во снегот. Снежната покривка уште не беше гибната од никакво живо суштество. Сè беше втренчено и успано од ненадејното чудо. Вкочанет и кристален беше светот. Ни трага од немир или борба, никаков злов шум. Блажен мир царуваше до кајшто се протегаше хоризонтот. Само поточето под снегот клокотеше, како единствена жила на зимата, чиниш пееше некаква тајна песна. Вангел длабоко воздивна. Во очите му навреа две јадри солзи. Не знаеше дали тоа беше од студот или од мислата за слободата. Кога би можела таква да остане земјата, бела и негибната, невина, бескрајна, без ниеден груб нагребок, без непријатна челенка или лута напорка! Ливотите, лишките и злите духови, сперливите врколаци и урвокосите прокоби кога би се повлекле во своите дувла и скрити подмоли! Кога би останале таму засекогаш, за век и веков! Ах, кога би владеел таков чист и бел мир, без ниедна крвава капка, без срамно пердувче! Така си мислеше Вангел и продолжуваше полека да се искачува во наснежената корија. Гранките на дрвјата беа побелени и неми, како коски од огромни праисториски животни. Стигна на една вишинка, до една стара бучинка и дури тогаш се сврте, погледна надолу по изодениот пат. Неговите осамени стапки во снегот погледот му го носеа сè до селото, кое уште спиеше во својот мек валог. Бистро се гледаше и неговата куќа, па и дел од куќата на Зоја. Слично на мали кутивчиња, или како расфрлани црвено-бели мониста од ѓерданот на долината. Во еден момент помисли колку би било убаво и Зоја да е сега будна и да го чуе неговиот тивок и длабок повик, неговата бескрајна воздишка, па наеднаш да се најде покрај него, да стои восхитена и зашеметена, без да каже ни збор, за да не го наруши ова божествено примирје; само лесно да ја потпре својата прекрасна глава на неговото рамо, да се придржи за неговиот кувет и така, како од небото кацнати суштества, од таа омајна возвишеност да го гледаат светот што се протега под нив. Но веднаш, дури и таа мисла ја истера од себе, чувствуваше дека најдобро е сам да биде во ова бело волшебство, бидејќи во највозвишените мигови човек треба да остане сосем сам, како што е самотен и господ. Да биде дел од природата, но да биде сам, независен од ништо и од никого. По некое време, додека така занесен стоеше на вишинката, исполнет со раскошните мисли за слободата, одеднаш забележа дека по неговите стапки, откај селото се приближува нешто. Го изостри како дурбин видот и виде дека отспротива му иде еден коњаник. Наеднаш му се урна целата создадена илузија за вечната слобода и за слатката осаменост. "Кој ли е тој несмасник што ги надушка моите стапки?" - си помисли Вангел и повте да тргне, да оди погоре, да се изгуби во коријата или да се искачи на другата вишинка. Светот е бескраен, за секого има слободен простор. Но додека така размислуваше, студена покосница му полази по снагата. Во ненадејниот коњаник го препозна Мидин. Веќе ја гледаше и магличката на неговиот здив, што како проѕирна свиленица се виеше околу него. Копитата исфрлаа снежен прав. По неколку мига виде како Мидин посега кон пушката која висеше на аршакот од седлото, но не ја крена, само ја држеше цевката, чиј метал подблеснуваше во пресната светлина. Очите не му се гледаа од тоа растојание, но Вангел чувствуваше дека од нив избиваат мразни жилки на срџба. Наеднаш во воздухот засржи чудна коб. Една гранка ја стресе својата снежна грива и до него заресе кристален прашец. Писнаа исплашените чавки, летнувајќи од шупливите седала. Челуста на потокот ги покажа своите лигави мразулци. Среде бескрајната белина и чистота, замириса на смрт. Му трепнаа ноздрите на Вангел, инстинктивно го стегна држакот на секирата, можеби малку и ја подигна, ги наполни градите со воздух, како божем дека ќе полета, и кога Мидин му се приближи на триесетина чекори, одеднаш, небаре втрештен од рофја, коњот се сепна, устукна и запре, се вчекани, чиниш се најде пред некаква грамадна и непреодна крепа. Сигурно се исплаши од изненадното присуство на живо суштество во сеопфатната белина, или затоа што сурата појава на човекот од работ на коријата навистина беше страшна, заплашувачка. Од таа оддалеченост Вангел веќе му ги гледаше црномурните искрести очи на Мидин што трепкаа налик на препалени тресопатки. Мидин го дупна два-три пати коњот, но тој ни да мрдне, ни да 'рзне, стоеше вкочанет како огромен 'рпал. Пак го дупна коњот по слабината, нагло ја повлече уздата, но ништо. Мидин веднаш сфати во што е работата. Повнимателно погледна нагоре, накај Вангел, и навистина имаше од што да се исплаши неговиот сербез коњ. Вангел стоеше слично на некаква џиновска накострешена и намовната птица, со оџагорен и бодар поглед, што влеваше неснослив ужас. Во ослепителната белина особено се испакнуваше неговата мрачна и дива става. На вџасениот Мидин му се стори дека цела една исполинска карпа ќе се урне врз него и засекогаш ќе го затрупа во снегот. Немаше сила да ја повлече својата малихерка од облукот на седлото, чиниш го беше фатила некаква тешка маѓија, најлош урок. Никогаш во животот не беше видел такво чудовишно нешто, ниту меѓу луѓето, ниту меѓу ѕверовите. Да беше волк или мечка или некој крволочен вепар немаше толку да се исплаши. Сега пред него како кошмар беше застанало едно таинствено, разјарено ѕвериште, кое, чиниш му го покриваше целото небо; во вид на една ужасна сплотеност од човек-птица-карпа-сенка-облак-сон. Наеднаш сè му се затемни пред очите, студена трпкавица му ги следи коските и мускулите, и одвај смогна да го сврти втренчениот коњ и со неверојатна гровнатост и тегобност, со бескрајна успореност, навлакливо и громорно се врати назад по истиот пат. Дури тогаш му се пуштија маѓепсаните дамари, му се осветли свеста и можеше јасно да гледа. Ни за сето богатство на светот не се дрзнуваше да погледне назад... "Ќе го убијам! Морам да го сотрам овој најголем душман! Следниот пат нема да ми избега. Сега ме маѓепса, ми го урочи атот, но ова му беше последен пат да се извлече од моиве канџи. Како на поган крмнак ќе му ја пресечам главата и пресно заклана ќе му ја однесам на дрчниот митрополит Каравангелис, ќе му ја фрлам пред нозете и ќе му речам: еве, свети владико, го извршив чудото, му ја пресеков главата на најмрсниот ѓаурин, безмилосно и ѕверски, како што сакаше ти, а сега дај ми го заслужениот армаган! Уште се испарува неговата лута крв, сркни, мирисни ја! А страшниот митрополит, необично вчудовиден и со својата демонска насмевка, ќе ми рече, ставајќи ја тешката рака на моево рамо за благослов: Бравос, синко, ашколсун. Ја спаси земјата од најопасниот бунџија и комитски разбојник. Те благословувам! Потоа ќе ја протне широката шепа во својата штедра пазуварка, ќе извади грст алтани и ќе ми ги тури во шепите... Од денес на рабуш ќе ги бележам деновите и часовите на неговата смрт!" - така размислувајќи си, со клапнати удови Мидин се врати во селото, а потоа си се прибра дома, помртвен легна на својот миндер и заспа. За тоа време Вангел растревожен поради ненадејното појавување на опакиот Мидин уште стоеше горе на работ од коријата и тогаш го забележа првиот валмест чад од еден оџак, што се извишуваше уплашено, како здивот на неговиот гонител. По малку време како по договор, веќе чадеа сите оџаци. Одозгора гледано, како што се мешаа, прилегаа на огромен, саѓав облак, што набргу го покри селото и светрум ја расипа бистрата глетка, непорочноста на природата. Вангел, со тежок укруп во срцето, оставајќи го зад себе краткиот спомен на среќата за слободата, кроце-кроце, со скрцливи стапки и со секирата на рамо, се насочи накај црквичето Света Петка. Влезе внатре и истоштен, небаре работел цел ден без запир, се струполи на една скамија. Не го ни стави крачунот на вратата. Тука се чувствуваше безбеден. Турчин нога не ставаше од оној ден кога света Петка со својот меч го убила, како што се веруваше, Талипа, еден сиромав и мошне набожен Турчин, кој по празникот на светицата, назорум влегол да ги украде парите и другите свети дарови, кошули, чорапи, чевриња, урџови со масло за кандилата, што во божиот храм ги оставиле верниците кои одеа да се лекуваат од разни болести и уроци. Еден ден, овчарот Пено, сиот ошумоглавен и раскоштавен, тресејќи се отрчал кај селскиот мухтар Узеир, потоа и кај рисјанскиот првенец Тољо Минов, и со зазбивтано пелтечење, со ошиклени очи, им ја раскажувал страшната орисија дека света Петка, со својот сјаен и остар меч надве му ја пресекла главата на кутриот Талип. Сите селани, Турци и Македонци, на чело со мухтарот Узеир и со Тољо Минов, дотрчале забревтано до црквичето, и навистина, што да видат, глетката била грозна: Талип лежел со расцепена глава, а во неговите згрчени раце и на подот имало повеќе алтани, додека душемето и ѕидовите биле испрскани со крвави петна. Каква ужасна напомнина! По два-три дена луѓето почнаа и песна да пеат за несреѓниот Талип, што ја измислил, како што се раскажуваше, Гиро Крачов, народниот пејач: Што требаше бре Турче в црква да стапниш в црква сетомска, за долги чорапи, за бели кошули. Оттогаш, навистина, Турчин не влегол во црквичето да краде пари или друг курбан, а Македонците влегувале само за време на празниците. Затоа Вангел се чувствуваше најсигурен во тоа свето место, а страшната света Петка, нему, се разбира, благошаво му се насмевнуваше и го чуваше со својот блескав меч, што едностојно го држеше високо кренат пред себе. Вангел секогаш на својата заштитница ѝ го палеше кандилото, кога не можеше да се искачи до горе баба Маневица, жената на Мането Попјанов, која беше задолжена да ги пали кандилата во селската црква и во малото црквиче. Во длабокиот црковен мир и штама на Света Петка, Вангел се чувствуваше мошне удобно. Се разбира, тој не го палеше кандилото само за да ја осветлува ликата на бодрата светица, туку и за да може да ги чита книгите со словенско писмо, што ги имаше добиено од војводата Васил Чакаларов и од поп Динко, а кои ги криеше ту во едно скривалиште во црквата, крај костурницата ту во Чачановата воденица, кај местото Лак, каде одеше честопати и се среќаваше со воденичарот Митко Чачанов од Тиолишта, кој му беше врската со организираните тиолиштани. Во воденицата книгите ги криеше под самиот улеј, во една ламаринена кутија, за да не се оштетат. Никој не можеше да се усомни дека под шумниот спусок на млазот се спастрени толку вредни документи. Се случило да дојде патрола дури од Жервени, да претресе сè во воденицата, па дури да го разглоби мучникот, да се вѕира и во ботчето под каменот, да ги истура и вреќите брашно, да брцне и во уемот на воденичарот, да го отклопи секое уџере на дрвениот ѕид, но никому не му паѓало на ум да ја запре водата на јазот и да ги откове штичките на ќерепот, пред улеите. Црквичето Света Петка и Чачановата воденица има мошне погодна положба откајшто можеше да се види големо пространство напред, а назад беше шумата, на почетокот проретчена, потоа сè погуста, до шестеовската Црна Гора и Буковиќ, каде што се криеја комитските чети. Ако Вангел насетувал дека му се приближува непријателска реа, за што и неговиот пес му даваше абер, тој наврапито ги скриваше книгите и вчас се префрлаше во шумските засолништа. Во црквичето Света Петка или во Чачановата воденица Вангел ги пречекуваше луѓето од тајната организација кои доаѓаа во селото, како и војводите Васил Чакаларов, Пандо Кљашев и Иван Попов. Тие имаа голема доверба во него. Не само затоа што дедо му и татко му беа нивни луѓе, туку бидејќи и во него открија способности на добар револуционер. Вангел беше воздржан и ненатраплив човек, и имаше инстинкт да ја насети и да ја одбегне опасноста. Освен важни документи, писма и други тајни материјали, му даваа на чување и оружје. Вангел имаше задача да организира комитска чета и во своето село, но тоа никако не му успеваше, зашто Турците од селото постојано го следеа, а особено Мидин. Но затоа Вангел беше одлична врска меѓу комитските војводи и организираните селани во околните села, како и со некои граѓани од Костур. Колку и да му одеа по трагите турските караколци, како и потплатените луѓе на грчкиот митрополит, никогаш не можеа да го фатат на дело. Селаните зборуваа дека него го штитела Света Петка. Кога еднаш во Костур комитите убија двајца погрчени Македонци, затоа што повремено му рапортираа на митрополитот Каравангелис, Вангел мина на неколку метри покрај турската стража, без да биде забележан. Во работата секако многу му помагаше тоа дека, преку поп Динко, комитските војводи го имаа назначено за пцалт и клисар на сетомската црква, со што им го одвлекуваше на друга страна вниманието на турските власти. Освен можеби Мидин, ретко кој друг можеше да тврди дека тој наизглед смерен и набожен селанец е замешан во работите против Империјата. Но и Мидин само го претпоставуваше тоа, пред сè врз основа на тврдењата на Каравангелис, кој пак, Вангела го мразеше затоа што служеше во егзархиска црква, а не во грчка, иако неколку пати порано напразно му нудел да го постави за учител во некое од грчките училишта на околните села. Доцна вечерта Вангел излезе од Света Петка. Надвор фрлаше нов снег. Крупните снегулки роевито паѓаа врз неговата бујна кадрава коса. Обземен од некакво пријатно чувство, поради снежењето и поради прочитаните страници, се упати надолу, накај селото, каде што веќе мижуркаа пламенчињата на запалените газерчиња, испрекинати од снегулките, налик на бледникави залутани светулки. Толку беше совршена тишината, што му се чинеше дека дури го слуша и бесшумното првтање на безбројните снегулки. Ни куче да лавне, ни ливот да завие, небаре целата природа вниманието си го сосредоточила на прекрасното чудо на снежењето. Вангел имаше чувство дека само тој се движи по светот. Затоа запре за миг, погледна нагоре: му се стори дека целото небо, целата таа мрачна бездна, лесно, игриво и несопирливо се руши врз него, дека набргу ќе го затрупа, ќе го сплоти со бескрајноста. "Мрачно устие на небесната празнина, си мислеше; тоа ли е душата на природата?" Тој миг му се виде како цела вечност. Како да не паѓаше снегот, туку како тој да се издигаше негоре кон бесконечните пластови на вечноста. Неговото тело, престорено во дух, во лесна пердувка, во снегушка, се стремеше кон невозможното, кон недостижното, кон она величествено ништо, кое нема ни име, ни облик. "Можеби таква треба да биде смртта?" - си мислеше, но му се чинеше дека божем некој друг размислува место него, некое идеално, апсолутно и бескрајно битие. "Можеби таква е смртта, безоблична, безразлична, општа". Кога стигна во селото, сокаците беа празни. Луѓето се прибрале во своите куќи; громорните добици непотегливо си жеволеа во сумлачните авури и во бездливите стаи. Низ цело Пополе и низ Корештата царуваше некаков чудесен, натприроден мир. Тогаш почна силно да му чука срцето. Застана пред куќата на Зоја. Се доближи до нејзиниот прозорец и се загледа внатре. Зоја седеше на едно скемле и на рацете држеше предено. Нејзината мајка го моташе преденото во поголемо кломко, како да ѝ ги одмотуваше мислите на младата девојка. Зашто на Вангела во тој момент таа му се виде многу замислена и отсутна. Бидејќи прозорецот беше малку замаглен, таа изгледаше како да се наоѓа во некој друг, невистински свет, затворен во својата целост, недостапен и неразборен. Така ни изгледа животот само на сон или во најголем занес. Тој се топеше од среќа. Никогаш толку долго не ја набљудувал таа прекрасна девојка, тоа најмило суштество на светот. Неговата предност беше во тоа што таа не можеше да го види него, зашто беше свртена во профил. Ах, каква блага, волшебна линија го оцртуваше нејзиниот лик. Од едното око се гледаше само долгата клепка, која одвреме навреме трепнуваше, како да означуваше некое друго, совршено време. Фините рујни и облести усни личеа на две допрени полумесечинки, меѓу кои се рееше слаткиот воздух на некаков иден бакнеж. Нежно заобленото чело ѝ светеше, небаре беше овенчано со флуидниот ореол на младоста. Во најзиното сино, крупно око сјаеше една светла точка, како да беше сонцето на целата вселена. Градите, внимателно покриени со рубата од сино кадифе, полека се креваа и спуштаа, као да дишеа два скришно гушнати плода. Жив човек сигурно не беше видел толку убаво суштество. Ни самовилите од приказните не можеа да бидат попривлечни, си мислеше Вангел и во него се роди силен копнеж, првпат во неговиот живот, да ја допре, да се сплоти со неа, а потоа ако треба и да умре. И во тој момент, таа се тргна од својата мисла и небаре очекуваше некого, вмиг погледна кон прозорецот. Но не го забележа, зашто веднаш пак се сврте мирно и продолжи да гледа, отсутно замечтаена, во една точка од одајата. На осветлениот ѕид се одразуваше нејзината зголемена сенка, само рацете ѝ се движеа, а на Вангел му се стори дека таа сака да полета, дека во секој миг и со секое движење ќе фркне, но долгата нишка на преденото ја имаше врзано и ја држеше за подот. Од полуосветлениот ќош на одајата бабата Кузевица нешто им зборуваше, или само напразно ја отвораше и затвораше устата; Лена одвреме навреме ќе се насмевнеше или ќе направеше загрижено лице, можеби зависно од кажувањето на старицата, кое веројатно не допираше до ушите на Зоја, зашто таа воопшто не реагираше, не покажуваше никаков знак дека е во иста просторија со нив, освен со нишката на преденото. Целото лице, ем бело, ем румено, ѝ беше облеано со некаква чудна блаженост, која понекогаш незабележливо слетува врз заљубените девојки. Бескрајно расчувствуван, Вангел се сети на оној миг кога првпат му затрепери срцето поради неа. Тој ја знаеше од времето кога таа беше дете, ја гледаше како расте, како полека напупува и надрочува; кога наполни десет години, веќе беше оформена нејзината убавина и целата прилегаше на свежа роза. Нејзините сини очи необично блескаа, наоколу фрлаа небесни искри; русата коса ѝ се брануваше слично на нежно милувана река, облеана од месечевото злато. Тој тогаш имаше шеснаесет години. Беше гимназист, израснат висок, со бујна мургава коса, со зеленкасто-маслинести очи, со чатма-веѓи, та кога ќе го видеа, воздивнуваа и повозрасните жени. Изненаден и длабоко трогнат од ненадејно набуената убавина на десетгодишната Зоја, Вангел тогаш во себе се заколна дека кога таа ќе порасне, ќе ја земе за жена. Никому не кажуваше ни збор за својата љубов што ја носеше како најголема тајна во своето младешко срце. Ни за време на гимназиските денови во Солун не ја заборави Зоја. Таа му беше во мислите кога си зборуваше самиот со умот, таа го поттикнуваше да ги напише првите кревки песни за љубовниот копнеж, таа го исполнуваше со надеж за иднината. Зоја навистина имаше нешто ангелско невино во изразот. Тоа Вангел го забележа и подоцна, кога стана пцалт во црквата. Но секогаш ја погледнуваше скришно, со половина поглед. Затоа сега ненаситно ја пиеше со своите очи, сосем слободно, бидејќи таа не го гледаше и ги делеше лесно замагленото стакло на прозорецот. Уште многу време ќе останеше така, занесено загледан во волшебната глетка, ако во еден момент не слушнеше тап топот на коњски копита откај турското маало. Поради густите снежинки, Вангел сè уште не можеше да го распознае доцниот коњаник. Со два-три скока се најде до аркапијата на својата куќа, отвори и влезе во авлијата. Го спушти лостот на вратата и длабоко дишејќи стоеше таму. Се вслуша. По некое време копитата тупкаа речиси пред неговата врата. Коњот запре и се слушаше неговото сумтење. Скрца седлото, јавачот кроце слезе од коњот и направи неколку чекори накај вратата. Вангел ја измолкна од појасот својата кама, а во другата рака ја држеше секирата. Човекот веројатно го прилепи лицето на вратата, бидејќи јасно можеше да се чуе неговото забрзано здивање. Сега ги делеше само штицата на вратата. Во еден миг си го надушкаа мирисот на телата, и сигурно ќе се раскинеа на парчиња, ако не беше меѓу нив залостената врата. Извесно време стоеја така, бесно чкртајќи со забите, и владееше таква штама, што чиниш се слушаше дури и немото кацнување на снегулките, кои паѓаа сè погусто. Најпосле, коњот тивко зафрака, и човекот се одлепи од вратата. Се слушнаа неговите крцливи чекори, потоа тој се качи на коњот, молкома го бодна и во кас се оддалечи во снежната ноќ. Вангел добро знаеше кој беше тој ноќен каракол. Наеднаш му олесни во душата, почна слободно да дише, и сè уште држејќи го рожниот балчак од својата кама, влезе во затворениот трем на куќата. Дури тогаш сети дека е волчки гладен. Цел ден касај не беше ставил в уста. Се беше заборавил во занесните витли на книгите во Света Петка. Сите спиеја во куќата, и му имаа оставено на софрата еден окрајок леб, бучак сирење, грст маслинки, глава кромид и бокал со вино. Сето тоа, сматно осветлено од треперливата светлина на газерничето, му се стори како света вечера на некој голем испосник, кој по долго време талкање, се враќа од просторите на мечтаењето и одеднаш се сретнува со богатствата на земјата. Јадеше алаво, врзо, божем иташе пак да оди некаде. Два-три пати го крена и бокалот со вино, му се стоплија градите, му се закрепи внатрината, му се отпуштија дамарите, живна, веќе го имаше заборавено и таинствениот коњаник, потоа прилегна на миндерот во затворениот трем, не сакаше да се качува горе во одајата, за да не ги разбуди другите, се покри со својата гуња, ја стави камата под едно перниче, го дувна виделцето и начас ги склопи своите капнати очи. Две мисли напоредно му се вртеа во главата, додека полека тонеше во мелушав сон, Зоја и татковината. Своето тело го чувствуваше сосем зрело и здраво, за да им го посвети на двете љубови, со сета жар, со сите пориви и опасности. 5. Длабоко во ноќта, додека лежеше во затворениот трем, Вангел сети како под гуњата му се мушна едно топло заздишано тело, страсно се прилепуваше во него и потамина го отпетлуваше, му ги галеше мовлестите гради, му го откопчуваше копецот на шајачните панталони, му го одврзуваше учкурот, му ја допираше кожата. Во полусон, морно и неволно ја подаде раката, ги допре меките и бујни облини на ненадејното тело, да, сеќаваше дека тоа беше женско тело, сосем голо и разблудно, од чија мазнина и услуп наеднаш му се наежи мовта, сонувам ли, си мислеше замајано и го слушаше нејзиното похотливо врело дишење, ги слушаше нејзините зборови, полни со смртна возбуда, ајде, кроце, дојди, и веќе му помагаше да се качи врз неа; така, ах, воздивнуваше, така, добро, го слушаше приглушениот женски шепот. Вангеле, мил, колку си тежок, како ат си, мошолеше таа и се ширеше, се местеше и подместуваше, со една рака возбудувајќи му го дамарот, од што тој необично се блазнеше и се настројуваше, со сувите усни алаво ја допираше де едната де другата грепка на нејзините кабардисани дојки, што таа смело и штедро му ги подаваше, му ги полнеше јадрите шепи, а од нејзините откриени пазуви се креваше во неговите ноздри чудесен мирис, го опијануваше, го мелушеше и тој со сето свое набрекнато тело, со сите свои дамари чувствуваше како надира и тоне во некаква ровка длапка, во една врела и непопустлива ведарница, што го привлекуваше сè подлабоко во својот водоврик, а таа, насрчувајќи го во себе, два-три пати тивко, задоволно загргори, офна, веќе држејќи го цврсто со двете раце за половината, потоа и за неговите колкови, грчевито притискајќи го кон внатре, ах, шепотеше таа, ох, мрдаше, не, да, се извиваше, подвиткуваше подзадавено, тој инстинктивно напираше во невидливиот врелец, сиот беше сосредоточен во еден вкочанет исконски мускул, во еден напрегнат нерв што се вовлекуваше и повлекуваше обвиен со неизречна слач, непозната дотогаш, оф, слушаше, ах, а потоа пак слушаше некаков далечен довик, небаре од работ на некој друг свет, уште, уште, растреперено тепкаше незасито женскиот глас, подлабоко, дишеше, посилно, уште, не, ах, така, да, а кај него сè повеќе растеше машкиот бес, нескротливо вилнееше, јаросно се нафрлаше врз меките и топли меса, сумтеше како стрвен вепар, чиниш му пораснаа два качора, повте да ја раскине на парчиња згмечената жена, таа лакома, пргава и здивена кобила, која тресејќи се преполовена од слаткиот товар јазди на исто место и скоро нечујно вриска, клоца, поскокнува, ах, не, вика, доста, вика ќе умрам, и наеднаш зајдува во безгласен крик, а дивиот пастув, сиот раздразнет и настроен, нездржано го излева во неа својот со години насобран гнев, својата луничава машка лава, таа со нозете и рацете го има обвиено во чудесна стапица, не му дава да се оддели од неа, го впива во блажената бездна, тој потонува, плива, се подига и пак се спушта, во клопко ја свива и така ја грува, и најпосле сеќава како полека се разлабавува, се отпушта од бесниот сон, нагло се буди од сладостраниот занес, веќе е свесен, жената уште трепери под него, замајана и исполнета со задоволство, го гали по грбот и по косата, му ги љуби влакнестите гради, му ја цеди последната капка од силата, врелата пот им се меша, и со еден груб замав тој се оттргнува од нејзините канџи, бегај кучко една, сотоно, ѝ креска низ заби, таа станува, во мракот свети нејзиното крупно и кршно тело, тој ѝ ја фрла в лице ноќницата, таа со едно движење се облекува, потоа му се фрла на нозете, му ги гушка, му ги бацува волнените чорапи, тој ја турка ај сиктер, кучко, ќе те заколам, заколи ме, му вели таа, заколи ме, не ми се живее без тебе, море витосај се, ѝ вели тој и очите му молскаат во темнината, ќе го земам анџарот и ќе ти го пресечам кркланот, зар не ти беше убаво, а, убаво ти беше, зошто се срдиш и ме тераш сега, не стој ми пред очи, маглосај се, чкрта со забите тој, три години лудо те љубам, вели таа, три години умирам по тебе, будало, зар си толку слеп, тој станува од миндерот, ја зграпчува за расплетените долги коси, и ја турка, оди си горе, ороспијо, легни си во постелата, кај децата, зашто ќе направам некоја беља, таа му се обесува на вратот, убиј ме, но не се делам од тебе, што ќе ми е да живеам без твојата машка реа, три години, секој ден, секоја ноќ го чекав ова, тој ѝ удира една шлаканица, таа му ја каснува раката, тој ја крева тупаницата гиди ченгијо, пивтија ќе те направам, што сакаш направи ме, му одговара таа со женски бес, но пак ќе ти дојдам, ќе ти се воврам во постелата и ќе се сладиш од мене. Потоа таа се искачи по скалите во горните одаи, а тој, сè уште вознемирен и разлутен, запетлувајќи си ја кошулата и панталоните, повторно се струполи врз миндерот и веќе не можеше да заспие. "Бреј, азган жена, си мислеше, ми го испогани телото! Како ќе му излезам пред очи на братучед ми Христо, кој толку ме сакаше!" Се сети на денот кога Христо требаше да замине за Америка; веќе поминаа три и пол години оттогаш. Излегоа од селото и седнаа под сенката на еден голем даб. Христо, подголтнувајќи ги зборовите, му рече: "Браче, јас одам далеку, на гурбет во Америка, ти да ми ги чуваш децата, моите максамчиња. Да ја чуваш и... Рина. Знаеш... (Вангел сега како да ги слушаше одново неговите придушени зборови), таа е млада, многу млада, и гиздава е, полна, зајреста, го мами окото на секој маж... Пази да не се пикне некој туѓ волк во нашето трло. Тебе ти го оставам овој аманет, зашто си ми најблизок. Дури да ти кажам право, му велеше понатаму Христо, поткашлувајќи, шубе ми е и од брат ти Никола. Тој е добродушен, но малку поинаку ги гледа работите. Може да се напие две-три ракии и да заборави дека сум му братучед, иста крв, ме разбираш? А жената си е жена, честа си ја држи под фустан. Ако се најде некој обесеник да ѝ погледне во седелото, таа сама ќе му помогне да се качи на забранетото дрво". Вангел оттогаш постојано ги имаше на ум овие зборови на братучед му, Христо беше останал сираче на две-тригодишна возраст и растеше заедно со нив, бидејќи нивните татковци не беа делени. Дури и кога тој се ожени, не се оддели од нивната куќа. Живееја како едно семејство. Неколку месеци по заминувањето на Христо, Вангел навистина забележа дека снаата Рина почна чудно да се однесува. Таа беше надарена со бујни гради и со кршно тело. Кога ќе поминеше некој намерник покрај потокот кајшто переа жените, Рина најмногу се пучеше и го мрдаше телото, како некаков разбој. А кога се капеше кај мијалникот, нарочно ја оставаше подотворена вратата, за да ја види или Вангел или Никола. Вангел понекогаш го фаќаше крадешкиот поглед на братот, кој лакомо ја гледаше аздисаната снаа, но плашејќи се од жена си Стаса, која љубоморно го следеше секој негов чекор, си остануваше само со нескротената желба во себе, и дури кога ќе се повлечеше во својата соба, мислејќи на снаата, сета јарост ја излеваше врз својата жена. Некои зборуваа дека Стаса, за да биде сигурна, ноќе со сиџим му ја врзувала ногата на мажот за својата нога. Но Рина не му обрнуваше толку внимание на големиот мераклија, само го предизвикуваше, кога ќе ѝ се дадеше можност, како што, впрочем, би правела секоја осамена и незадоволена жена. Меѓутоа, многу подруг однос имаше таа спрема младиот Вангел, кој тогаш се беше развил во вистински маж. Доволно беше само тој да посака да ја има. Кутрата што сè не беше направила за да го примами во својата постела или таа да му се мушне во ергенската одаја и да му ги подари своите немирни и врели сладости. Знаејќи го тоа, Вангел сè поретко се осмелуваше да оди во својата одаја, ами остануваше да спие врз миндерот во тремот. Во последно време тој почна да избегнува да си игра и со нејзините дечиња, што ги сакаше многу. Двете одаи на горниот кат во кои живееше Рина со дечињата, ги делеше само една вратичка од одаите во кои спиеја Вангел и неговите родители. Татко му Михајло веќе неколку години беше неподвижен, од раните што ги беше добил во востанието. Една ноќ, кога мајка му отиде да спие кај Гацовци, веќе споулавената од љубовен немир Рина, бесшумно му се вкраде во одајата и му се фрли во постелата. Вангел скокна, ја истурка надвор, без да ѝ каже збор. Го стави сурмето на вратата и ја слушаше нејзината молба: Вангел, не оставај ме така да горам, и јас имам душа. Христо којзнае кога ќе се врати, веќе ни абер не пушти. Отвори, те молам, земи ме. Никој нема да дознае. Пушти ме само малку да те погалам, да те помирисам. Но Вангел, треперејќи од чудна возбуда, лежеше во својата постела и не отвораше. Само понекогаш сонуваше како се гушка со неа, а кога ќе се разбудеше, го обземаше очај. Тој се плашеше од незгасливиот ламтеж на таа бујна жена и гледаше на секој начин да ја одбегне. Но секогаш се случуваше да ги поврзува некоја работа. Кога еднаш војводата Попов го пробуди ноќе и му донесе на чување еден ранет комита, Вангел ја замоли Рина, зашто сепак во неа имаше доверба, да му помогне да го засолнат во плевната. Таа му носеше храна на ранетиот и го мачкаше со мевлем. Сето тоа го правеше со надеж дека најпосле Вангел ќе ѝ возврати со љубов. Ноќта, кога си замина оздравениот комита, тие извесно време останаа сами во плевната. "Зар ти не ме забележуваш мене? Не гледаш дека сè правам заради тебе? Какво срце имаш ти?" - му зборуваше таа со прекорувачки тон. На Вангел му падна жал, ја фати нежно за рака и ѝ рече, доверливо, како на сестра: "Слушај Рино, ти си ми мила, но мажена си, и тоа за мој братучед, што ми е како брат. Иако е отсутен, јас го чувствувам како да е овде, како да нè гледа. А уште една работа ми пречи. Јас сакам друга". Рина нагло ја тргна раката од неговата јадра дланка, небаре се беше жегнала. Ги ококори очите, во кои Вангел забележа и љубопитство и бес. "Која е таа?" - праша потоа. Тој се сепна. Не сакаше да ја издаде својата голема тајна. Најпосле реч: Зоја. Отпрвин Рина се вчудовиде, а потоа се насмеа и му рече: "Па таа е уште дете. Тебе ти треба кобила, а не муле. Ти си јак и тежок како ат, како ќе те издржи тоа кревко јариче?" Гревот му ги печеше градите на Вангел. Како ќе го погледне в очи Христо кога ќе се врати од Америка? Што ќе му одговори кога тој, со сува возбуда и божем на шега ќе го праша: Си ја чувал ли жена ми од туѓите волци? Друго беше кога ја сонуваше Рина како го раздразнува и му ја зема машкоста. Затоа не се чувствуваше толку виновен. Сон беше, како дојде така помина. Но сега друга беше работата, она што го направи се случи на јаве, значи можеше, ако беше посилен, почовечен, да не дозволи да биде соблазнет од разјарената улка, требаше веднаш да ја турне од себе кога стана свесен што прави, а не да му се предаде на поривот на блудот. "Веќе не сум чист, не сум чист", си повторуваше во себеси и чкрташе со забите. "Кучка ниедна! Ме наваби и ме наваса!" Но на Вангел најтешко му беше тоа дека се чувствуваше виновен и спрема Зоја. Како ќе ја сака понатаму, кога овој срам ќе го подјадува низ целиот живот? Имаше чувство дека ја изневери својата љубов, дека ја оскверни својата непорочност. Во еден момент скокна од миндерот, ја нагрна гуњата и излезе во дворот. Зората полека се рудеше. По некоја снегулка уште се вееше во свежиот воздух. Отиде во шупата, ја зеде големата балтија и почна да сече дрва. Во бистрата утринска тишина, секој удар одекнуваше силно, а деланките летаа во воздухот. На Вангел му се чинеше дека делка дел по дел од себеси, толку го болеше секој удар. Гравушки пот капеа од неговото чело, сакаше да ја исцеди од себе си целата нечистотија на грешната душа. Кога изделка еден куп дрва, се почувствува капнат, но и олеснет. Ја фрли балтијата и со тешки чекори отиде горе во својата одаја, ја затвори со сурмето вратата и легна, без да се соблече. Во сонот, подоцна, слушна надвор еден женски глас, (гласот на Рина ли беше, или на Зоја), што пееше слично на среќна кумрија: Добрино моме Добрино, добри ти гости дојдоа, со добро да ги пречекаш, ќе те занесат Јанина Јанина тесни сокаци, пенџерите огледала. На пенџер чупе седеше, Црвена лапка љупеше. Тој блажен глас како да допираше до неговите уши, од некој друг свет, каде владеат безгрешни чувства, и каде луѓето, птиците, растенијата и животните живеат во вечна слога и рамновесие. Очите ги држеше склопени, за да го задржи што е можно подого чудото на ненадејното блаженство. Колку време помина од таа блудна коќ? Кога окопнале снеговите и сите свети страданија? Едно утро Вангел се разбуди како од долг зимски сон. Го напрегна слухот. Откај топлите пазуви на плевната, како од некаква таинствена црква, се чу нежното блеење на новородените јагниња и цапиња. Тој стана и погледна низ прозорецот. Надвор, целата натаврена во невестинска руба стоеше расцутената стројна цреша, а по неа редум се редеа китните сватови, јаболкниците, сливите, крушите, дуњите, бадемите и така сè до раскошната корија, немо ликувајќи чекаа сите свадбари, бресликите, кленовите, црниците, јасиките, начичканите со плод брекини и боболкници, шумните костени и дабје, јадрите буки и наежените чамови, соединувајќи се божем со белите пролетни облаци, што како проѕирни тантели ја покриваа небесната ведрина. Долго налактен на первазот, Вангел со восхит ја гледаше безропотно разбудената природа и се тешеше дека тешкиот грев, она што му се случи со грешната Рина, можеби пак било само сон, па наеднаш душата му се исполни со необична милосрдност и прошка, истовремено чувствувајќи се готов да ја прими со полни гради, воодушевено и радосно, свежата љубов од непорочното срце на Зоја. Веќе го сеќаваше врз своите усни светиот дах на нејзиниот бакнеж. 6. Одветрум се нижеа деновите, врвеа празниците редум, поминаа Велики поклади, Летник, Младенци, Цветници. Помина и Велигден и Ѓурѓовден. Дојде Вознесение Христово, Спасовден. По шумите, по скрките и по полињата, покрај нивите и покрај лаките никнаа сите сорти цвеќиња, качунките, ѓурѓините, момините солзи, синоличките, златноцрвените омајничиња, белоцветните срамничиња со црнка насреде, виолетовите велигденчиња, сините калуѓерки, бубреговидните копидени, жолтите невени и лутичињата, дури и по камените подмоли за'рти чипецот, па и драките пуштија цут по ситните копароци, бујно се разлисти зелјето во градините, редици од клапаушни марули, перошилести скалунки од кромид и лук, густи китки од магданос, наѓез и чубрица. Целата природа замириса и ги полнеше човечките и животинските зачмаени дробови со свежина и со нова сила. Пролетната аровнина на живите суштества им ја врати старата ешта. Посевите пуштија зелени пресни жилки. Животот почна одново да клови со сите свои чари и пориви. Тогаш во селото се разнесе веста дека ќе се мажи Лена Маркова за Спиро на Толевица Крачова. Лена беше сираче и од максамче ја имаа посвоено Маркови, кои немаа свое дете. И Спиро Крачов беше полусирак, татко му Тољо умре одамна. Посестримите уште од средата почнаа да ги полнат ноќвите, да месат, со песни, шеги и смеи. Во огромната Маркова фурна запалија силен оган, чиниш ќе проголта цела шума. Неколку од посестримите стружеа пресни риби, фатени во ѓердапите на Лачка Река и во Костурското Езеро. Нежните раце на девојките беа шарени од сребрестите ситно-мозаични жабри. Кога Зоја влезе кај нив, посестримите се собраа околу неа и почнаа да ја дечкаат. Весело извикувајќи, ја брашнеа по лицето и по рацете, зашто првпат влегуваше на таа свадба. Љопа Гирова ненадејно извика: - Ставете ѝ го самарот. Тоа беше еден од адетите, за да се фати свадбата и сè да тргне на добро, и, се разбира, за да биде послушна невеста. - Не гибајте ме, им велеше смеејќи се Зоја, насекирана ми е душата. Лена Маркова, невестата, радосно ја прегрна Зоја и ја бакна по образите. Тие беа добри пријателки. - И на твоја глава, ѝ рече тивко на увото. - Сполај ти, Лено, да се ќердосаш. Потоа Зоја фати да им помага на посестримите. Тома Гацова и Евгенија Лазова го месеа тестото во ноќвите, а Зоја, необично замислена, полека го сипаше посопот. Другите посестрими, Домна, Мита и Тина, и натаму ги стружеа рибите. Сите почнаа да пеат. Само Зоја молчеше, малку мрдаше со усните, но умот ѝ беше далеку. - Што ти е, Зоја? - ја прашуваа посестримите. - Ништо, им одговараше таа. Видов сон. Навистина, на нејзиното лице се гледаа траги од некакво големо митарство, што ја чекаше секој час. Ги гледаше своите пријателки како се веселат, и уште поголем укруп ѝ налегнуваше во душата. Повте ненадејно да побегне, да си се повлече во својата одајка и да остане сама, да размислува. Цел вител се жеравеше во неа. Русите пламења од огништето играа на нејзиното лице и ја правеа уште поубава, потаинствена. Како да гореше некаква волшебна ружа. Сите жени кришум ја погледнуваа и се чудеа: каква убавина цути во оваа девојка! Жените, со извесна потајна завист, си зборуваа меѓу себе: - Не е токму на арно и толку да си убава. Зоја ги чувствуваше нивните зајадливи погледи, но се правеше како ништо да не забележува. Пред полноќ почнаа да се распуштаат. Сосетките Зоја и Мита тргнаа заедно накај дома. Кога се разделија, Зоја скршна по патеката што водеше до нејзината куќа, и на самиот праг, во сенката на вратата од авлијата, ја изненади една јадра мрачна силуета. Сакаше да викне, но навчас на нејзината уста беше ставена една тешка рака. - Јас сум, рече наврекнато еден длабок машки глас; Зоја, не паши се. Таа го позна, Тоа беше Али. Првпат беа толку близу еден до друг, и во таква доцна доба. Во далечината уште се слушаа гласови откај куќата на Маркови. Нивните здивови речиси се мешаа. - Пушти ме, рече треперливо Зоја. - Зоја, знам дека и ти имаш севда по мене. Тоа не можеш да го скриеш. Сакам да ми дојдеш дома, да ми бидеш анама... - Ти си женет, имаш деца... јазак да ти е... тепкаше девојката, тргајќи се од неговата цврста прегратка. Главата ѝ се замелуши од неговиот машки здив. Чувствуваше и одбивност спрема него, а истовремено и љубов, и страв; освен тоа, беше исполнета и со незнајно љубопитство. - Дојди уште вечерва, бегај со мене. - Ама тоа не може, бог ќе ме казни. - Од ништо не плаши се. Ќе ми бидеш анама. Сè ќе ти дадам тебе. Жена ми ќе ти стане алајка. Ќе те однесам во Корча, ќе ја примиш нашата вера... - Не, тоа никако. Подобро да умрам! - велеше девојката, сè уште правејќи обиди да се оттргне од неговата силна заклештеност, а мажот, исто така возбуден, сè повеќе ја приближуваше кон себе. Во еден момент Зоја се почувствува мошне слаба. Мажот ѝ се виде одеднаш многу страшен и многу убав, исто како што ѝ се јавуваше во страсните соништа. - Ќе ти дадам сè што имам, ќе ти ја дадам целата дуња... занесено ѝ шепотеше тој и ја држеше цврсто. Ќе умрам ако не бидеш моја, ќе умрам... Девојката неволно ги склопи очите. Али веќе со врелите усни ја допираше по нејзиниот мазен образ и полека ги ближеше накај нејзините свежи и сè уште небакнати усни. Таа целата намовната од необичните трпки, почна да трепери во некаков чуден уплав, и сигурно ќе паднеше наземи ако не ја придржуваше крепкиот маж. Наеднаш почувствува дека нешто жешко ѝ го запре дишењето. Рацете ги впи во снагата на Али. По витата става ја полазија сладосни морници. Градите високо ѝ се надигнаа, сосем допрени до карпестите гради на мажот. Не можеше да земе здив. И навчас почувствува блага несвестица. Небаре човекот ја имаше кренато високо-високо, и онака гушнати, тие летаа во незнајни пространства. Таа се држеше за неговиот кожен ќемер за да не падне во бескрајната бездна. Али ја љубеше севдалиски, лудо, страсно, по образите, по вратот, по усните. Зоја беше сосем безпомошна и воопшто не можеше да се брани. Ако се истргне од неговата цврста прегратка, ѝ се чинеше дека ќе потоне в земја. Овој миг го очекуваше цели две години. Сега тој можеше да ја земе, да ја грабне, да ја носи кајшто сака, во плевната, во неговата куќа, покрај реката, во воденицата; таа веќе ја имаше загубено силата, гордоста, волјата. Му припаѓаше само на неговиот бакнеж. Нејзината крв струеше како оган и чиниш се мешаше со неговата жестока крв. Колку време траеше тој бакнеж? Таа не сакаше да се тргне, да се одлепи од чудесното целивање, не се обиде да го турне настрана, да се извлече од неговиот стисок, имаше желба да остане вечно така, припиена до него; дамарите ѝ биеја, а некои тајни брани на нејзиното младо суштество сакаа да се отворат пред големата љубовна стихија. Вмиг, толку ја заболе сета снага, што се онесвести. Мажот уште ја држеше цврсто, и занесено ја гледаше во бледиот позлат на месечината. - Колку си убава! - воздивна тој, чувствувајќи се премален. Беше свесен дека во овој момент можеше да ја земе, да ја понесе кајшто сака, да ја направи жена, но, зачудо, и тој веќе немаше сила. Првпат сеќаваше таква слабост и немоштица пред жена. Долго ја гледаше исполнет со љубов и со безгранична желба, а потоа нежно ја праша: - Сакаш да бидеш моја? Зоја дури откога ја почувствува неговата ненадејна слабост, одеднаш повторно доби сила. Веднаш се освести, се прибра, нагло се тргна од неговата прегратка, молскавично се врати нејзината моминска гордост, воомјазена се сети и на нивната верска нееднаквост, и како светкавица се втурна во авлијата, врапито спуштајќи го лостот на вратата зад себе. - Зојо, севдо моја... шепотеше Али од другата страна на вратата. Не оставај ме сега! Излези! Ќе бегаме заедно. Но напразно. Кај девојката веќе беше помината волшебната занесеност. Сега, иако уште возбудена од сладоста на првиот бакнеж, иако раздразнета до дното на својата душа, иако растреперена во целата своја убава става, сепак, наполно владееше со себеси. Нејзиниот ум пак управуваше со нејзината волја. Го слушаше неговиот зазбивтан здив и знаеше, ако сега му отвори, готово ќе биде, ќе ја порази. Одеднаш ѝ се роди чувство да се совлада и да господари со својата страст. Ја вкуси првата шеметна наслада. Доволно ѝ е за вечерва. Вака, всушност таа е победник, а не тој. Сега таа може да му заповеда што сака, а не тој нејзе. Може да го натера да клечи пред неа, да ползи пред нејзината раскошна убавина, да го понижи, да го исмее. Колку се бессилни мажите, си мислеше, со некакво надмено задоволство во себе, сè уште стоејќи потпрена на клепето од вратата, колку лесно можеше тој коматар да ја има, да ја направи робинка! Но го предаде неговата слабост! - Те молам, ѝ шепотеше очајнички тој, бездруго веќе свесен за својата грешка, за својата глупава слабост и нежност. Не требаше толку недоветно да попушти пред нејзината убост. Но што можеше, нешто чудно се случи наеднаш со него; додека ја љубеше на месечевата светлина, таа одеднаш му се стори како некаква волшебна самовила, ги маѓепса неговите очи, му ја одзеде вчасот сета крепкост, сосема го разнежи и го стопи. - Оди си сега, му рече таа итро, утре ќе ме видиш. Али одеднаш пак стана силен. Зачкрта со забите. Сега беше сигурен дека следниот пат нема толку лесно да ја пушти. Но веќе беше доцна, знаеше. Ги чу нејзините лесни чекори што се оддалечуваа во авлијата. Потоа го чу и отворањето на вратата од нејзината куќа. Али уште долго стоеше таму, потпрен на вратата. Најпосле отиде кај својот коњ, го одврза од стеблото, се качи на седлото и со кас се упати накај дома. Зоја влезе во својата одаја, мајка ѝ и баба ѝ веќе спиеја. Таа тивко, газејќи боса на прсти, за да не ги разбуди, си легна, изморена како никогаш дотогаш; ги склопи очите, но долго не можеше да заспие. 7. Утредента Зоја стана подоцна и дури околу пладне им се придружи на посестримите во куќата на Маркови. Во еден момент го искористи поводот таа да оди со стомните по вода на селската чешма, надевајќи се дека патем ќе го види Али. Зоја беше необично вознемирена. • се чинеше дека тој жедно ја набљудува однекаде и ќе ѝ пристапи, ќе ѝ каже збор-два, таа ќе се прави дека не го слуша, со сета сила ќе се воздржува да не го погледне, само ќе му дозволи да ѝ се восхитува, ќе го измачува, за да ја распали во него уште повеќе љубовната желба. Но најпосле, кога се увери дека него го нема во близината, расрдена и со ненадејна омраза спрема мажот, таа пак се врати во Марковата куќа. Цел ден Зоја се чувствуваше мошне необично. Небаре на усните ја печеше синоќешниот долг и страстен бакнеж. Одвреме навреме ќе си ги допреше вжарените усни, чиниш сите забележуваа некаква трага врз нив. Се мачеше да го потисне во своето сеќавање тој голем настан, сакаше да изгледа природно, но не ѝ успеваше. Додека го сипеше посопот во ноќвите, рацете ѝ позатреперуваа, стануваше сè пораздразлива и никако не можеше да ја совлада својата возбуда. На моменти мислеше дека ако Али пак се обиде да ја допре, ќе вика за помош или ќе му удри една плесница в лице, а на моменти потајно ја полазуваше необичната трпка од машкиот допир, па одвај чекаше да се смрачи, да си оди дома и на прагот да го доживее уште еднаш она што ѝ се случи синоќа. Во неа тлееше некаков непознат и непопустлив копнеж. Телото ѝ го тресеше сладок оган. Лицето ѝ гореше, на усните ѝ се лепеше неугаслива жед. Таа беше уште поубава и попривлечна отколку вчера. Скриените делови на нејзиното тело, градите, колковите, бедрата, значително ѝ пораснаа во тие неколку часа; во неа, во нејзината крв, бујно се прелеваше женската зрелост, како вкусниот слач во совршен плод; само да го допреш и сам од себе ќе падне. За тоа време, додека во неа созреваа најслатки мисли и желби, во куќата беше живо и весело. По сестримите сееја брашно на синиите, месеа, стружеа скрлушки од пресни риби што секој час ги носеа момците од речните брзаци или од езерските плитаци, потоа, почнувајќи некоја свадбарска песна, лупеа компири, требеа ориз, сечкаа магдонос и други мирудии за манџа и салати, полнеа гугувејчиња со пипер и сол, кубеа сварени пилиња за вкусна чорба, миеја и бришеа чинии и други готвачки урутки. Возрасните жени беа зафатени со готвењето на јастието, котлите ги беа обесиле на верижникот од огништето, додека ергените ги дереа јагнињата, ги вадеа дробовите и сириштето од желудникот за подзасирување млеко, а некои надвор ја потпалуваа фурната, пееја, се шенеа, грохотум се кикотеа поради некоја бесрамна шега, вражеливо ги задеваа девојките и пиеја од рујното вино, тукушто носено од глембавите и полни бочви на мемливиот келар. Мажите ги вршеа потешките работи, или укутарени околу полната софра, мекамлиски си потпивнуваа и се мезеа, меланхолично благошавејќи ја младоста. Циљо Станишев, кој никогаш не отсуствуваше од ќелепур софра, и кој имаше одено повеќе пати по трговија дури во Прилеп, сега добро настроен, со полно чоканче ракија, со неколку братки праз, со голема бучка сирење пред себе, и со три-четири булиња печени во пепел, зашто не му стигаше една момичка леб, им раскажуваше приказна за тоа како дедо Ное го создал виното. - Знаете ли како, а? Шикли знаете. Не сте мрднале од сетомската смолница понатаму, бреј калпазани! Туку чујте, да научите нешто и вие, домашари-кокошари. Ова ми го има кажувано еден умен терзија во прилепската чаршија. Е, што велите, дедо Ное кога ја изнашол лозата, пресекол прачки и насадил лозје; туку, кога ги засадувал прачките, наместо вода им турил крв и затоа виното е црвено. Крвта била од јагне, од арслан и од свиња. Турал и вака благословувал: Кој ќе пие од виното што ќе го роди ова лозје, по троа да биде кроток и весел како рудо јагне, кој ќе пие повеќе, да биде јунак и страшен како арслан, а кој ќе пие од мерата надвор за да препие, да паѓа поземи и да се валка како свиња во тиња, со него цел свет да се бие пеза. Предвечер, во еден момент, на Зоја ѝ се стори дека слуша тропотница на коњ. Истрча до прозорецот, го тргна навезеното перде, и навистина, токму во тој миг пред куќата на Маркови врвеше Али, качен на својот нагизден ат. Зоја наврапито грабна еден ѓум и едно бардаче, што случајно се најдоа пред неа и како за себе рече: "Ќе одам на чешмата по вода". И излета од куќата. Али го тераше коњот полека, подзастанувајќи тук-таме. Седеше исправен на седлото и оставаше впечаток на џематбаша, кој го разгледува својот мулк. Околу фесот со јарка крмуз боја, имаше обвиено бела чалма, која се одликуваше во сивилото на примракот. Во едната рака ја држеше својата плетена камџија, а во другата коњскиот улар. Ту замавнуваше лесно со камџијата по слабината на коњот, ту го повлекуваше клевниво уларот, не толку за да го измени, колку за да го задржи ритамот. Зоја потрчнуваше, за да стигне пред него на чешмата и, се разбира, за да ја забележи тој, да ѝ прозбори од високо, нешто од што веднаш ќе се вцрви, лажно ќе се развозли, потоа ќе го погледне напоречки, пак лажно, зашто длабоко во себе, ах, таа ќе посака да биде поинаку, да му се насмевне, да му допушти да ја погали и да ја стави тешката рака на нејзината половина, како што беше сторил синоќа и најпосле, да ги замижи своите убави азурни очи и да му дозволи да ја распалува по вратот и по образите со неговите дебели и врели усни за пак да ѝ се намовне кожата од допирот на неговите остри мустаци. Таа речиси го престигна и доволно беше само да се поткашла, и тој ќе ја чуеше, ќе ја видеше, и секако ќе застанеше, како што имаше обичај, да ја погледне со бескрајна алавост и со машка суровост. Тој можеби го слушаше и тапиот одѕив на нејзините налани. Веќе се приближија до чешмата. Шопурот едношумно мошолеше, како да потпевнува, привлекувајќи ги жедните минувачи. Но наместо да застане да го напои својот јадар коњ, како што очекуваше Зоја, Али го подбодна со стремните по слабините, коњот зависка и потрча накај турското маало. Зоја се почувствува навредена."Значи, си помисли, лут е зашто сношти му избегав". Го стави ѓумот да се полни, гледајќи во правецот кадешто замина Али. Веќе паѓаше првиот примрак, но уште сè се гледаше јасно. Али сврте во сокакот во кој се наоѓаше неговата куќа и навчас исчезна од нејзиниот взор. Ѓумот одамна беше наполнет, но девојката тоа не го забележа. Таа немаше намера да полни вода. Друго нешто имаше на ум. Но господ сепак ја спаси во последниот момент. Таа се стресе, небаре будејќи се од некаков занес, брзо се прекрсти, и тогаш зад себе насети мирис на машко присуство. - Ѓумчето ти се наполни. Зоја, ѝ рече еден длабок, но тивок и нежен глас. Таа се сврте и го виде Вангел, најзиниот прв сосед. Тој ѝ заприлега на Христос кој ја спаси од некаков голем грев, што таа требаше да го изврши пред малку. Веднаш го тргна ѓумот од шопурот и го стави бардакот. - Како напредува свадбата? Весело е? - Да... изусти таа, срамејќи се да го погледне. - Ми изгледаш нешто како исплашена, бледолика. Дај јас ќе го носам ѓумот. - Не, можам и сама, Вангеле, му рече таа со некаква чудна разнеженост, што го трогна Вангела. - Дај, дај, настојуваше тој и веќе го зграпчи ѓумот со својата силна рака. Таа се наведна, го зеде полниот бардак, погледна уште еднаш скришум во правецот кадешто исчезна Али, потоа тргна на половина чекор по Вангела. Се разбира, и до ушите на Зоја беше стигнала тајната дека Вангел ја сака. Тоа ѝ се допадна нејзе, зашто Вангел беше најписмениот и најубавиот човек во селото, освен тоа беше сериозен, работлив, и најпосле, беше пцалт на селската црква. Сите го ценеа и го сакаа. И таа го сакаше него, но малку поинаку, како брат или како светец, како некој од кого секогаш очекуваше некакво добро дело, но самата не чувствуваше дека е обврзана да му врати со нешто слично. Значи во него таа гледаше некаков возвишен човек, слично на Христос, кој не бара ништо, а само дава, помага, додека самиот нема потреба од помош. Тој за миг се сврте малку кон неа, без да го запре чекорот, ѝ рече нешто, но таа беше толку расеана, што не го чу. - Ќе играш ли на свадбата в недела? - го повтори прашањето Вангел, овојпат веќе не гледајќи во неа. - А, да, да, одговори напосоки таа. - Сакам да те гледам, ѝ рече тој и самиот се изненади поради таквото признание. Како божем да ѝ велеше: "Те сакам!" - Е, стигнавме, рече Зоја и посегна кон ѓумот што го носеше Вангел. Сега тој беше збунет и расеан. Дали таа го сфатила неговото признание? Тој ѝ го предаде ѓумот, ја погледна сега посмело, потоа се сврте и тргна накај дома. Во тој момент, откај турското маало се чу тропот на коњ. Зоја се штрекна, стрепери, срцето ѝ затупка, чиниш од него излегуваше тропотот на копитата; го спушти ѓумот, божем за да се одмори, и погледна во правецот откајшто идеше коњаникот, но разочарана виде дека тоа не е оној кој толку ја возбудува, туку Мидин, неговиот побратим. Таа воздивна, ни самата не знаејќи зошто. Дали зашто се успокои кога се увери дека тоа не е Али, кој при секое појавување ѝ го одзема здивот, или пак токму затоа што би сакала да биде тој, а не некој друг? Пред Мидин да ја пристигне, таа влезе во куќата на свадбарите. Но големиот мераклија сепак наваса да ја здогледа. Нејзините задни облици и преку фустанот јасно се оцртуваа, правејќи некои покриени движења на телото, од кои на секој маж би му зоврела крвта. Нејзината руса коса светеше во полумрачниот трем: "Ваква личнотија, си помисли лакомо Мидин, не е за ѓаурин". Кога Зоја влезе во големата одаја, сите посестрими беа собрани околу Тома Гацова, која го месеше набабрениот амур, а Гена Лазова црпеше вода од месарникот и како некаква појна еребица, ја водеше песната: Ерембице шарена, јас ќе клада ловачи тебе да те улове!... Потоа сите на глас запеаја: Клала Малина да меси на Турчин бела погача, Турчино вели говори: - Јас не ти сакам погача, туку ти сакам лицето, туку ти сакам очите, очите, та и веждите, туку ти сакам ставата... Зоја, стоејќи малку понастрана од другите, ја слушаше песната и ѝ трепереше целото тело. Пред себе го гледаше Али, јасно, како во вистината, да стои меѓу девојките, а со својот остар и алчен опул ја стрела право во душата. Чувствуваше како нејзе да ѝ пеат посестримите, небаре се наоѓаат токму на нејзината свадба. Иако целата веселба се правеше во куќата на Маркови, сепак свадбарите ги држеа сите адети како што требаше. Така, квечерум, божем од зетова страна ѝ носеа на невестата невестинска промена, облека, украси, венче и прстен. Кога доцна вечерта Зоја се враќаше накај дома, зад себе ја слушаше песната на веселите и поднапиени побратими: ...месечина рог подаде, ѕвездите се нарендија... Месечината добро го осветлуваше прагот на нејзината куќа. Срцето на Зоја почна силно да чука. Секој момент очекуваше однедоапица да се појави Али и да ја зграпчи во својата прегратка, како минатата ноќ. Но кога стигна до вратата, таму немаше никого. Се опули лево-десно, почека малку на прагот, потоа гневно влезе во дворот и ја затвори дворната врата со мандалото. "Зар веќе не ме сака?" - се мислеше во ноќта, неспокојно вртејќи се во својата постела. "Толку ли му беше севдата?" Се чувствуваше напуштена и понижена. Во неа се роди чувство за одмазда. "Ќе му покажам јас нему!" - си рече сама со умот, но тој нејзин бес траеше само кратко време. Веднаш потоа со сета јаснина одново ѝ се јави во мислите строгиот и див лик на Али. Таа ноќ Зоја имаше морничав сон. Утредента, во петокот, уште од зорнини се собраа сите престројници и почнаа да ги спремаат софрите, пешкирите, пештемалите. Едни го ставаа во нов ковчег чеизот на невестата, други ги оседлаа магарињата и тргнаа во коријата по дрва, за да ја завалат фурната и да ги испечат пешниците, погачите, симитите и тепсиите со риби. И таа вечер Зоја не го виде Али. Во душата ѝ налегна тежок укруп, почна да страда. Цела ноќ око не склопи. Со голем немир, траќајќи се во постелата, одвај чекаше да се осуни и да оди на чешмата по вода, белки таму ќе го види него или тој ќе ѝ пристапи како порано. "Каде е?" - си мислеше и воздивнуваше. Во саботата навечер во куќата на Маркови се собра половината село. Уште дење, двајца побратими, Коста Гацов и Јото Крачов, качени на оседлани и нагиздени коњи, едниот на бел, другиот на црвен, ги канеа сите роднини и пријатели на свадба.Тие држеа по еден крондир со вино, накитен со цвеќиња и сребрени парички, и по една карта вино, за дополнување на крондирите. Од поканетите добиваа пари, што ги ставаа во тагарчињата обесени на облукот. Кога по вечерта, доцна, сватовите го испратија кумот, со песни и свирки, станаа сите свадбари и се разотидоа по дома. На вечерата сега беше поканета и мајка ѝ на Зоја, Лена, па заедно си се враќаа. - Зошто толку си меракосана, а другите чупи се веселеа и пееја? - ја праша загрижено мајка ѝ. Зоја само воздивна и ништо не ѝ одговори. Кога стигнаа до нивната врата, Зоја забележа една јадра сенка која веднаш се истави од нивниот праг и светрум исчезна во темнината. Затрепери нејзиното срце. "Тој беше! Сигурно беше тој!" - си помисли и навчас се разведри. - И тебе бргу ќе те омажиме! Вангел те сака. Тој е токму за тебе. Добар е, умен и здрав. - ѝ рече мајка ѝ кога влегоа во дворот. Зоја молчеше. Не чу ништо што ѝ зборуваше мајка ѝ. Таа се пренесе во друг свет, во страсната прегратка на Али. Просто го чувствуваше неговото тело како тежи врз неа и ѝ внесува трпки на блаженство. Доцна во ноќта, во својата моминска постела, таа цврсто се гушкаше себеси, како да го гушкаше мажот, кој не ѝ излегуваше од мислите. Неговиот страстен бакнеж ѝ го засладуваше телото што беше надрочено за љубов, за најлуда обљуба. Во неделата наутро, ја разбудија првите громки звуци на гилвиите. Срцете радосно ѝ заигра. Пргаво скокна од постелата. Мајка ѝ веќе беше станата, ги ѕрингаше чиниите во мијалникот, тивко потпевнувајќи си. Надвор, како среќен хор од левтерни гугушки, посестримите почнаа да пеат на сет глас. - Зоја, стани! Чупите ќе ја носат невестата по вода! - ѝ викна мајка ѝ от кај мијалникот. Зоја набрзина се облече, си ја исчешла златестата и брановита коса, се натокми, си ги овлажи веѓите и се наведна да ја бакне баба си, која седеше на триножникот, занесена од музиката што ја враќаше во далечното минато, кога и неа, стројна и со добар вид, ја изнесуваа по вода на изворот. - Одам! - рече Зоја и како ветрушка истрча надвор. Кога стигна пред Марковата куќа, невестата веќе го имаше пречекорено прагот, облечена во невестинска носија, со бел дулак на главата, во долга бела кошула со широки ракави, одозгора шајак ишаран со црвен волнен гајтан, на краиштата со свита, под шајакот две дипли кошнати на вратот, навезени со бунди и елече со шарени преѓи, над шајакот појас со реси, а над појасот ќостеци и чуници со пафти. Над шајакот имаше облечено и власник без ракави, со зашиена зелена уја. На нејзините плетенки имаа врзано шажбој од стари монети, што ѕвекотеа, на ушите ѝ светкаа сребрени обетки, а на прстите сребрени прстени. Зоја ја гледаше со восхит. Потоа сите тргнаа накај изворот, а две посестрими ја држеа невестата под мишки. Зоја одеше најодзади и постојано гледаше лево-десно, со скришна надеж дека ќе го види некаде Али. Стигнаа кај изворот, невестата се наведна полека да го наполни ибрикот со свежа вода, додека посестримите пееја: Невесто трендафил наведни се долу. Ка да се наведна ќе ми се изронат златните прстења златните прстења ситните бисери... Попладне, во широката Маркова авлија се разви големо оро. Грмеше целото село. Златносјајната бурија ечеше, а кларинетот до небото го извишуваше својот бистар звук. Сите селани се собраа на свадбата. Дојдоа и многу муслимани, нагиздени и намирисани, некои да гледаат сеир, а некои и да се фатат на оро. Во еден момент очите на Зоја блеснаа, срцето ѝ затупка. На орото се фати башделијата Али. Гилвиите свиреа едно старо тешко македонско оро. Али играше со таква страст, што чиниш токму од ова оро му зависеше судбината. Одвреме навреме, напоречки погледнуваше накај Зоја, да се увери дали и таа го гледа. Во најзиниот поглед откриваше восхит, и тоа уште повеќе го бодреше. - Алал да му е, велеа сите. Дури и некои од играорците застанаа да го гледаат. До него беше фатен Вангел, но Зоја него не го ни забележа. Светлината на најзиниот поглед беше одземена од црната појава на Али. Скраја од сите, на самиот праг од авлијата, качен на својот немирен ат, гордо и со зол опул, свадбата ја набљудуваше и Мидин. Неговото внимание исклучиво беше вперено во Вангел. "Ќе го убијам, денес ќе го убијам! Нека падне и малку крв на свадбата! Повеќе не можам да дандисам, крвта ми врие, акалот ми се мати! Нека ми прости грчкиот владика дека уште не сум ги открил ортаците на овој опасен батакчија, но бргу и нив ќе ги фатам. Најнапред да го сотрам овој прв душман!" - си мислеше Мидин и возлено чкрташе со волчите заби. На свадбата беа дојдени и жени од околните села. Тие ја гледаа Зоја и беа вчудовидени од нејзината убавина. Мидин шавна еднаш со погледот, ја виде Зоја и се изненади: целата блескаше од некаква таинствена среќа. За миг ѝ го фати погледот; таа очигледно беше маѓепсана од пробивниот поглед на Али. За првпат му позавиде на својот побратим. Тогаш на Зоја ѝ скимна луда мисла. Се сврте, тргна накај дома. Зеде две стомни и отиде кај изворот. Мислеше дека Али, ако навистина ја сака, ќе го забележи нејзиното отсуство од свадбата, и ќе дојде, ќе ја најде, тука, кај изворот. Ќе бидат сосем сами. Таа гореше од желба да го чуе неговиот раплав глас. Дури, мислеше, ќе му дозволи и да ја фати за рака, да ја привлече кон себе и уште еднаш да ја бакне со сета своја дива страст, како првиот пат. Колената ѝ се тресеа од возбуда. Од наполнетите стомни џуркаа млазеви вода. Се свечеруваше полека-полека. Кај изворот таа беше сосем сама. Во блискиот жабурнак, одвреме навреме ќе закрекаше некоја јадра крекалица или жабок, дупејќи ја зелената скрама на околната штама. Подолу, во селото, едношумно ѕунеа и одекнуваа свирките. И одеднаш, откај првиот агол на куќите, кон изворот се појави еден маж. На Зоја вмиг ѝ запре здивот. Колената уште посилно почнаа да ѝ треперат. Но во следниот момент, таа го позна човекот. Тоа не беше Али, туку Мидин. Зоја се возли, ги грабна стомните и брзо тргна накај другата патека, за да не се сретне со него. Во тој момент таа Мидин го мразеше повеќе од кое било друго суштество на светот. Тој ја гледаше убавата каурка, со развеана руса коса, како да не е земно суштество, туку некаква шумска русалка, која се појави од самиот извор. Мидин ја следеше со својот граблив поглед сè додека таа не влезе во селото, а потоа тој го збодна коњот и продолжи накај Света Петка, фаќајќи бусија за да го изненади Вангел, кој, меѓутоа остана на свадбата. Зоја вознемирена и разочарана влезе со полните стомни во дворот, и во својот голем гнев, ја истури водата на прагот, потоа отиде и се спружи на миндерот. Главата ѝ тежеше, па ја потпре на мекото шилте. - Зошто не остана на свадбата? - ја праша баба ѝ. - Не ми се играше, ѝ одговори Зоја. - Арно свират ѓилвиите, рече бабата. И на мојата свадба така свиреа. Цел исан беше фатен на оро, и Македонци и Турци. Зашто веселбата е за сите, заедничка. Додека баба ѝ зборуваше, од очите на Зоја течеа горки солзи. - Што шмркаш? - ја праша слепата старица. Да не плачеш, ќерко? - Плачам од радост, бабо! Не секирај се. - Да, се плаче, чедо, и од радост, така е. Особено кога е свадба. Еве, и мене ми се плаче за животот и за младоста, но очите ми се слепи и суви. Јас, џанам и неоти сум видела некоја младост или некој живот! Дедо ти го прогонија уште кога мајка ти беше на годиначе. Сама ја растев. И на неа ѝ се случи истиот кијамет. Младоста ѝ минува без стопан. А куќа без стопан е како обор без коњ. Во тој момент се слушна чкртање на надворешната врата, потоа тропање на налани во ајатот, најпосле се отвори вратата од собата и се покажа мајка ѝ на Зоја. - Зошто не остана на свадбата? - ја праша вчудовидена ќерка си. - Не ми се играше. Лена загрижена ја гледаше ќерка си и не можеше да одгатне што ја измачува така. "Да не е тој!" Си мислеше со јанѕа. "Само да не е тој кучкин син! Им ги фатив во еден миг погледите и се штрекнав. Тој е ѓавол! Може да ја залаже, како што ме излажа и мене! Тој со подруг, со пострашен поглед ги пули жените. А тешко на онаа жена на која ќе и фрли око! Само да не е тој! Нека биде и последниот маж, и најгрдиот улогар, најбедниот божјак, но да не биде тој! Боже, не казнувај ме толку!" Зоја лежеше ничкум за да не ѝ се види расплаканото лице. Однадвор напираа наврекнатите гласови на луѓето и бучните свирки. 8. Кога сосем се смрачи, Зоја се подисправи малку на миндерот. • се стори како да беше чула коњски тропот. Наеднаш стана, погледна низ прозорецот. Надвор немаше никого. Мајка ѝ чепкаше нешто во мудбакот. Зоја необично вознемирена излезе во дворот, со лесни чекори се приближи до дворната врата потоа го крена мандалото и го пречекори прагот. Месечината питомо грееше. Сè изгледаше како во некаков чуден сон. Како да беше и ден и ноќ. Одненадеж, откај грмушките се чу 'ржење на коњ. Во следниот момент лисјата шумно шавнаа и оттаму се појави Али. Зоја инстинктивно се исплаши, но длабоко во себе почувствува и некаква неразборна радост. Веднаш потоа, качен на својот коњ се појави и Мидин. Зад себе, држејќи го за огламникот, го водеше коњот на својот побратим. Без да изусти збор, со едно силно движење, Али ја зграпчи Зоја за рака, нагло ја крена и вмиг ја седна на својот коњ. Потоа и самиот се качи, седнувајќи зад девојката. Го бодна коњот, држејќи ја цврсто со едната рака Зоја, која сè уште беше несвесна за она што се случува. Сонува ли? Стравот и среќата беа измешани во неа, како и сонот со јавето. Сè беше згуснато во една чудесна дамка на поривот, како што ни се чини по долго гледање во сонцето. Али со Зоја пред себе, одеше напред, а по нив јаздеше мрачната силуета на Мидин. Во ноќната штама се слушаа само тропотите на коњските копита. Веќе излегоа на полскиот крстопат. Тогаш Зоја се освести малку. Каде ја носат? Не можеше на ништо да си насумне, небаре го беше загубила сеќавањето, својата тежина и својата волја. • се чинеше дека неумоливо е однесена од некаква таинствена сила, од немиот ветер на непознатото. Не сакаше ни да зборне, ни да шавне. На крстопатот малку подзастанаа. Еден пат водеше накај Костур, друг накај селата Тиолишта, Черешница и Вишени, а трет, покрај езерскиот брег, накај Личишта, Крпени и Дупјак. Во бледата месечева светлина Зоја забележа дека наеднаш тргнаа накај Личишта и по кратко време стигнаа во Дупјак. Влегоа во едно сокаче и излегоа на другата страна од селото. Запреа пред последната куќа. - Тетка Мерсо! - извика Али. Никој не одговори. Коњите тупотеа в место. Иако имаше месечина, беше мрачно. Под селото таинствено блескотеше само езерото, слично на огромна сребрена дамка. - Еј, тетка Мерсо! - извика повторно Али. По некое време, во куќата се запали ламба и светлината почна полека да се движи накај нив. Се отвори вратата од авлијата. Ламбата призрачно осветлуваше една средновечна жена забрадена во бела шамија. - Ти ли си тоа, Али? - праша жената. Али скокна од коњот, ја фати за половината Зоја и ја симна наземи, а потоа се сврте кон својот побратим: - Мидине, ти остани надвор, чувај стража. Јас веднаш се враќам! Ја фати за рака Зоја и ја внесе во авлијата. - Слушај, тетка Мерсо. Ова е Зоја. Ќе ја чуваш како очите, додека не дојдам утре в зори. Сега ќе се вратам во Сетома, за да не помислат дека јас сум ја грабнал. Нејзината мајка сигурно прво ќе се псомнева во мене. Утре сабајле ќе ја носам во Корча да ја потурчам. Ајде, сега одам. Зоја слушаше, но не разбра многу што зборуваше Али по турски. Сепак, јасно ѝ беше дека е грабната и според зборот "сабајле", знаеше дека Али ќе се врати дури утредента, взори. - Ноќва ќе останеш кај тетка Мерса, ѝ се обрати потоа на Зоја, за да ѝ објасни. Таа ќе те чува, а утре сабајле ќе дојдам по тебе и ќе те носам во Корча. Не плаши се, во сигурни раце си, рече и излета надвор. Зоја како препалена птица стоеше во авлијата на тетката на Али, потоа влегоа во куќата. Тетката Мерса ја замандали вратата и ја одведе девојката во една одаја со миндерлаци, теписи и со чудно шаренило. Зоја никогаш не видела толку убава одаја. Иако сè уште трепереше од страв, наеднаш се почувствува удобно. Седна на мекиот миндер со неколку разнобојни свилени перничиња. Срцето уште силно ѝ биеше, а во главата чувствуваше некаква слатка шеметност. "Сон ли е ова?" - си мислеше таа. - Да ти донесам чај? - праша тетката. - Не, одвај изусти Зоја. - Не плаши се, ќерко! Али има голема севда по тебе, ќе те направи анамка. Нема да тргаш маки по нивјата. Ќе живееш како беговица, рече тетката Мерса и ја остави сама. 9. Зоја седеше втренчена и во чуден занес, опкружена со орнаменти, шарени везби, посатки, везмиња, варакосани предмети, калпави цвеќиња и украсни плодови, сребрени, портокалови и пембени јумаци, свилени драперии, имитации, рамки, дибеци и гугувејчиња од лискун, порцелански гули, тегли со пелте од дуњи и гроздова маст. Иако Зоја ѝ рече дека не сака чај, сепак, по извесно време тетката Мерса повторно влезе во одајата, носејќи голема сјајна подавална со чајник и со гурабии. Целата соба наеднаш замириса на жалфија. - Земи, ќерко, напиј се чај, касни гурабија, да ти се заслади душата. Вомјазена си. Потоа пак ја остави сама. Зоја прво касна една медена гурабија, па си тури чај во шолјата со насликани рози и по некое време сети како ја обзема пријатна заморливост. Сосема се опушти, прилегна на диванот, убавата глава ја потпре на едно меко шарено и свилено шилте, и полека ги склопи очите. Наеднаш ѝ се стори како да се одделува од земјата и лета, безметежно и волно, држејќи се за гривата на еден јадар црвен коњ. Зад себе го сеќаваше присуството на еден маж. Се сврте, го виде Али, кој благо ѝ се насмевнуваше, нежно држејќи ја за половината. Каде одеа? По облак ли газеа или по морска пена? Копитата на коњот не се слушаа, чиниш тој јазди по тулуми од памук. Под нив се наоѓаше светот, шумите, реките, селата. Небаре цел свет беше една небивалица, една измислена играчка. По долго-долго јавање, стигнаа до еден прекрасен дворец. Каква глетка! Кубиња од злато светкаа на врвот, а од страните огромни бедеми, со мазгалки и чувари, со сулици и пушки, со хоругви и штитови. Пред нив се отвори широка порта и се спушти дрвен мост. Дури тогаш Зоја ги слушна копитата на коњот, но тихо, како да беа подврзани со волна. Влегоа во простран, светол двор. И се слушнаа труби од едно кале. Овации и радосни извици. Кој всушност бил Али? Зар толку години се криеше во нивното село, престорен во обичен падар? Сево ова негово ли е? Сиве овие гиздави слуги и војници? Целиот овој раскош и ова богатство? Слегоа од коњот и влегоа во дворецот. Огромни столбови, скали, високи врати, со чудесни аркади и ѓевгири, со шари и орнаменти, долги ходници послани со мозаици и со мермерни плочи. По ѕидовите огромни фрески и фризови. Кој ги направил овие чудесни дела? Сигурно не човечка рака. Човекот може да ја ора нивата, да ја сее и жнее, да крева полози, да врзува снопови, да реди крстци и ставици или да гради дувари, да става чатии и оџаци, да врши, да меле проскура, да полева, да копа лозја, да молзи, да прави сирење, да штави кожа и да крои сукно. Но оваа совршена градба е божја творба. Влегоа во една стројна одаја. На средината шадрван, скраја мермерно огниште, огромни огледала, шарен висок таван, со светлосина нијанса, гроздовити сјајни лустери, кревети послани со свилени чаршафи, а потаму бања, украсена со цветни украси; од една врата се излегува надвор, на една трендафилова тераса и со илјада разновидни цвеќиња, грмушки и крошнести дрвја, со еден базен, син и бистар, со патеки покриени со ситен чакал, и со руса песок, слично на златен прав. Каде ги видела порано овие прекрасни нешта? Во книга? На сон? Или ги беше видела со помошта на непорочната мечта, која се пренесува во човека по незнајни патишта? Зоја со бескрајна милина се предава на прèгратката на Али, на тој вистински паша, но просто не го чувствува неговиот допир. Неговите бакнежи се како воздишки, неговите погледи како продирни потоци, неговиот глас како музика. Сонцето овде не пече, само свети, ветрот не дува, а само ги милува образите, желбата е вечна, а не мигновена страст што се пали налик на избувлив трат. Еден дрозд пее од бела јоргованова вејка. Потаму се слуша ѕун од трмка. Јато од златни пчели, со бескрајна прилежност прават мед. Венци од светлина врз густозелените вршени. Посегнуваш и раката ти се запира на дрочен плод. Два славеја си разменуваат љубовни звуци. На проѕирното небо само една облачна дамка, налик на одамна истурено и избледено мастило. А какви се оние чалгии што се слушаат од некоја оддалечена сала? Каква е таа непрестајна молба? Каква порака? Што значи тој мудар шепот од златни усти? Кои се тие што безропотно се поклонуваат, длабоко, со едно учтиво темане, не понижувачко и подбивно, туку полно со благодарност и блаженство. Кој ги разбира сите тие вкочанети снопови и шуми од симболи по ѕидовите? Какви се тие немушти нишани, тие величествени ишарети? И каков омај лее, каков жожорлив копнеж, оној восхитен детски хор, сместен во некое измислено кубе, во празната боска на зданието? Што кажува, на што одговара таа долга песна, со оној толку тажен рефрен, кој сепак, кога стигнува до увото, кога лесно ја допира душата, сè претвора во неизречна среќа, во совршено созвучје. Кој ја измислил таа чудесна хармонија, тоа скришно единство на минливото и вечното? Ова ли е крајот на светот, синорот на сите стремежи и на највисоката цел? Ах, никој не може да го прераскаже сонот на блажениот миг. Бојата, звукот, мирисот, мислата во една невидлива веришка се распливнуваат во суштината на работите, и тие се чувствуваат блиски, разбирливи, а сепак недоловливи. Зрната на тајната се растопуваат во разумот и цутат слатките обличја на земниот раскош. Полната трпеза со јастие и питие, со егзотично овошје и со медовина, со кристални чаши и бокали, со златни лажици и сребрени ножеви, со пурпурни или бели драперии, прилега на фреска од ѕидот на божиот храм; чадот од нарѓулето се вие, како долго пасмо од вретено, лесно менувајќи ги облиците, и потајно ги поврзува земните предмети со здивот на небесните пространства: ѕвездите, како зрели плодови, треперат и дење, месечината се смее како љубезна лика, ја пушта во потокот својата руса перка и со златни прашинки ги растреперува далгите: дождот на сонцето го позлатува работ на вршките, контурите се допираат и мракот се собира во свежи и пријатни сенки, налик на постилки за овчарите и за жетварите, завесите на прозорците се веат и ја разладуваат собата, изведувајќи грациозни движења, слично на изведити, бестелесни танчерки, кои само ги наслутуваме, не ја допираат земјата, се слеваат со проѕирната течност на азурот, локните потреперуваат лесно како цут на пролетна сачка, диплите го одразуваат привлечното движење на љубовната наслада, крајот на чаршафот мавта како камувче за поздрав кон далечните ниви и воденици, кон плевните откај што напира стара и стаена реа. Колку далеку се тегобите на грчавиот добиток, пустото жеравење на стадата, грчот на мускулите, лаежот на кучињата, колку се далеку штурите укрупи и несреќите, срамот и гневот, одѕивот на копачките и казмите! И навчас, каква е таа врева? Што значи таа црна драперија која го покрива сонцето и го бушави воздухот, создава ненадеен 'рскот и скомраз, ги кати и ги крши фините кристали, светрум ги разнишува полилеите, свеќите плахо зачкиваат, гаснат и ја стишуваат скришната музика на предметите. Чиниш стотина раце налуничаво чукаат на вратите, со клепала, со ќускии, со секакви урутки. Каква е таа баботевица? Кој го мати и засенува бистриот кладенец на животот? Зоја се штрекна и нагло скокна од диванот кајшто лежеше, омаена од волшебната опивка на мечтата и сонот. Наеднаш јасно слушна вистински човечки гласови, тешки и груби чекори како наближуваат во ходникот накај нејзината одаја. Погледна низ решеткавиот прозорец, преку мушебакот на чардакот, надвор, како низ ципа и ја распозна првата линија на денот: слаба, искривена, сматна. Вршката на планината Вич. Вратата одненадеж се отвори, свеж воздух бликна во одајата, а на прагот таа го забележа надурмениот Али, сиот разбушавен, бабуњосан и растревожен, со пушка во едната рака, а со камшик во другата. - Станувај, ѝ заповеда, веднаш тргнуваме! Надвор се слушна 'ржење на коњи. Тој размени неколку зборови со тетка му Мерса, потоа ја зграпчи за рака уште нерасонетата девојка и ја изнесе во авлијата. Таму во првата мугра, Зоја забележа три коњски силуети. Врз едниот коњ седеше огромната сенка на Мидин. Зоја се стресе од утринската свежест, но тогаш тетката ѝ нагрна една долга женска долама. - Брзо, брзо, зашто мајка ти доаѓа наваму, ѝ рече Али на Зоја. Сака да те врати назад. Сношти ми направи цела ѓирултија во куќата. Сега ќе те однесам во Корча, во Албанија, и ќе земеш турска вера, потоа никој нема да те гиба. Ќе бидеш моја анама. Ја седна Зоја на едниот коњ, а тој се качи на другиот. Тргна напред, по него Зоја, а зад нив Мидин, кој не изусти ни збор. Колку што излегоа на патот за Хрупишта, тие видоа една жена, која како црн виор трчаше по нив. Паѓаше, стануваше, потрчуваше и пак паѓаше, пак стануваше, слично на некакво морничаво утринско сениште. Зад неа се креваше валмо од прав. Тоа беше Лена, мајка ѝ на Зоја. 10. Избезумената мајка очајнички трчаше по нив и викаше колку што ја држеше гласот: - Врати се Зојо, ќерќо мила, гулапче мое врати се, не оди со нив, ќе те потурчат! Зоја сè уште занесена од волшебниот сон, се сврте кон мајка си и ја гледаше без да изусти ни еден збор. Покосена од таа немост, мајката падна ничкум, жално си ги кубеше косите, си ги кршеше прстите, плачеше, лелекаше. - Врати се, чедо мое! Те водат во Корча! Ќе те потурчат! Но Зоја како да не ја слушаше; го збодна коњот и зајазди напред. Намерно си приспомна на оние моменти кога мајка ѝ бесрамно му се подаваше на Али во соседната одаја, гушкајќи го неговото разуздано тело. Тоа мачно сеќавање како да ја маѓосуваше сега со тврдо срце да ги слуша безутешните зборови на мајка си. - Немој ќерко, златно чупе мое, вразуми се, не оди! Ќе те излаже Али, голем срам ќе ти фрли на белите образи, како утка ќе станеш, цел живот ќе кукаш како кукавица! Намуртениот Мидин, кој јаздеше последен, раздразнет од викотниците на мајката, наеднаш го повлече ѓемот, коњот нагло запре, потоа се сврте и јурна право накај клетата жена: - Сус, мори ѓаурко! Ушите ми ги распара! Ајде, врати се назад, оваа не е твоја ќерка! - ѝ згрме тој и силно замавна со долгиот корбач во воздухот, за да ја исплаши; таа за момент се струполи наземи препалена од фраскањето на корбачот. Потоа се исправи и пак се вдаде по нив: - Врни се ќерко, славејче мое, те колнам во сите мртовци од нашиот сој! Не верувај му на неверник, верувај ми мене, што те родив, што ти го дадов првото млеко, коластрата, што ти давав од мојот босак да цицаш ќуќурливо млеко, мајчино мое, врати се, излези од маѓиите, слези од црниот коњ, не оставај ме сама како гламја да гламјосам... Зоја веќе не се обѕираше, јаваше пред Али и Мидин; некаква чудна сила ја носеше напред, како црн див ветер, а, црната долама ѝ се вееше назад. Веќе од неа беше исчезнато секакво колебање што можеше во последниот миг да ја врати назад. Во нејзините гради пламтеше огромен, застрашувачки оган и таа беше свесна дека ќе го згасне и ќе се ослободи од сите маки и неволи само ако целата му се предаде на овој смел и суров маж што ја грабна од мајчината куќа. - Ако продолжи да трча по нас, жими вера, ќе слезам и ќе ја претепам, возлено рече Мидин, но Зоја тоа не го ни чу. Таа беше обземена од своите луничави мисли, ѝ се чинеше дека продолжува нејзиното ноќно мечтаење, дека наскоро ќе се појави раскошниот сарај, и надмено, како господарка ќе зачекори по жолтата алеја на опојната ѓулбавча, со блескотниот шадрван на средината, потоа со восхит ќе прилегне врз свилените миндерлаци, а успивното ѕунење на пчелиниот рој, со полни саќиња како врз посатки ќе ѝ го принесува медениот сон... Лена веќе не ги гледаше, тие се скрија зад еден свијок со високи тополи, а само опашката од правот се распаѓаше врз патот по кој таа трчаше и едностојно проколнуваше, викаше и пекаше. Но залудно; зашто ќерка ѝ и двајцата мажи веќе не можеа да ја чујат. Тие беа оддалечени речиси колку еден хоризонт. Зборовите на несреќната мајка се издигаа во празно, ги подземаше и ги вееше ветрот, ги сееше по полето, по нивите, по лаките, по сините дубрави. Капната и зазбивтана, таа како улка јуреше по думанот на нивните траги. Сонцето веќе беше дигнато за два остена, по нивите работеа луѓето, ги слушаа лелеците на мајката, застануваа, се чудеа, се вџасуваа, но никој не можеше да ѝ помогне. - Помогнете ми, добри луѓе! - викаше таа. "Медет! Медет" - ќе викнеше и по турски, белки ќе се најде некој себаплија од другата вера. Над неа се собраа чавки, гракаа, пискаа, а таа ги колнеше и птиците, ги молеше да ѝ помогнат, да ја услишат нејзината молба: - Ви се молам чавки и гаврани, а и вас, лути ѕверови, спасете ми ја момичката! - викаше и трчаше. Одеднаш во градите на мајката закипе отров: - Нигде ставјало да не најдеш, чедо мое, ластунко моја, како кукавица да кукаш доживоти, гулапче мое, црна да се сториш,како црна гавраница, ерембицо бела... Зоја, Али и Мидин беа далеку, веќе јаздеа покрај реката Бистрица, меѓу селата Четирок и Жупаништа. По извесно време стигнаа до една шумна чешма кај Света Недела. Мидин слезе од коњот, отиде до чешмата, се наведна, ја стави устата врз шопурот и за неколку мига ја секна водата: жедно пиеше. Потоа го наполни пагурчето и му го подаде на Али; тој ја погледна Зоја, која си ги оближуваше убавите усни, направи половина движење со раката, но во тој момент Али го крена пагурчето и го испи до пола. Додека тој пиеше, Зоја гледаше како му се крева и спушта грлото, како да голташе ореви. Потоа тој ѝ го даде пагурчето, мислејќи си: "Уште од сега нека знае кој е господар; жената треба да се научи да трпи!" Сонцето почна да се наклонува и да се ближи кон сртот на планините. Зоја, Али и Мидин зад себе ги оставија Брачан и Дреново, и најпосле се покажаа првите куќи на Корча. Ја минаа трошарината, влегоа во градот и се упатија накај судницата. Чуварот се готвеше да ја затвори вратата на судницата, но Али слезе од коњот, му даде една лира и со два збора му ја кажа работата. Тој ги пушти тројцата да влезат сосе коњи во широкиот двор и ја затвори вратата. Али, Зоја и Мидин ги врзаа коњите во дворот на судницата и влегоа во големата зграда. Судијата, еден џбитак човек со мошне угледен изглед, ги испраќаше последните муштерии. Денеска, понеделник, имаше доста работа, џебовите и пазуварките ги имаше наполнето. - Кадија, ефенди, сврши ја уште оваа работа, го замоли Али, правејќи притоа темане и туткајќи му в рака неколку лири. Очите на алчниот кадија светнаа како жарчиња. "Од овие со усул ги добив парите, туку да видам каква давија имаат". Потоа, ставајќи ги брзо парите во ѕвонливиот џеб, божем налутено, им се обрна: - Што е бре, зошто сте задоцниле, гледате дека затворам! - Па, доаѓаме оддалеку, кадијо ефенди, дури од Костур. - Од Костур? Аха! А за каква давија сте дојдени, бре коматари? - Не, не сме дојдени да се судиме, кадијо ефенди, туку за да ни свршиш еден голем себап, запелтечи Али. Момичката е рисјанка и сака да ја смени верата, да се потурчи, ѝ бактиса да биде ѓаурка. Анамка ќе ја правам. - Од кое село сте? - Од Сетома. - А зошто не сте отишле кај костурскиот кадија? - Таму има многу комити, ќе земат абер и ќе ја убијат девојката; затоа костурскиот кадија се плаши да дава таков уџет, дури не добие изим од родителите и од роднините. - А момичката има ли родители? - Нема, одговори брзо Али, сираче е. - Добро, ами дали сака доброволно да премине во исламот? - праша кадијата и со искусен поглед ја измери девојката: "Бреј, едапсазите, каква еребица уловиле!" - си помисли тој, "Како ли ја кандисале!" Потоа ги измери и двајцата мажи. Мидин му се виде поубав и помлад. Помисли дека сигурно нему му е таксана. Затоа му се обрати на Мидин: - Алал ти вера, делијо, богат лов си уловил! На Мидин му се ококорија очите. Си помисли: "Нека избере сама. Ако се реши за мене, нема зошто да се лути Али. Тој е женет". - Па, кадијо... затепка Мидин, но не заврши, бидејќи Али му испрати еден суров поглед, а и не знаеше што да каже. - Кадијо ефенди, рече Али, момичката е моја, мене ќе ми стане анамка. Кадијата малку со недоверба погледна во Али, потоа се сврте кон Зоја: - Како ти е името, гулапче? - Зоја. - Убаво име. Ами се откажуваш ли од твојата погрешна вера и доброволно ли сакаш да ја земеш исламската вера? - Да, кадијо ефенди, одговори Зоја. - Да не те присилија угурсузиве? - Не, кадијо ефенди. - Кажи слободно пред мене, не плаши се. - Не, одговори посмело Зоја. Сама решив. Кадијата ја погледна повнимателно девојката, ајде да е некоја пачавра или ќотија, добро, ами оваа е вистинска самовила. Ѓузелук. Првпат му се случува да види како некоја рисјанка толку да сака да се потурчи. "Како ли ја измамиле арамииве?" - си мислеше тој, вртејќи ја главата. Полн со шубе уште еднаш ги измери двајцата мажи, потоа пак се сврте кон девојката и ја праша: - Добро, кого од двајцата сакаш? - Него го сакам, одговори без колебање Зоја, покажувајќи кон Али. Ова смело признание на девојката уште повеќе го зачуди кадијата. Ги очикли очите: - Добро, добро. Нека биде така, рече најпосле тој. Но првин треба да направиш така како што пишува во нашиот шеријат. Демек, оној што преминува во исламска вера, треба да го изговори овој шехадет: Ла илаху илел лаху, Мухамед ресулил лаху. Ајде, повторувај по мене. Кадијата уште еднаш збор по збор го кажа шеријатскиот шехадет, а Зоја го изговараше по него. Потоа кадијата му се обрати на својот ќатип и почна да му го диктира текстот на уџетот. Едно време застана и пак се сврте кон тројцата: - А какво име да ѝ дадеме? праша. Имате ли предлог? - Не, одговори Али, Препуштаме на тебе, кадијо ефенди. - Па... се замисли малку кадијата, ете, нека биде... Фатима! - Фатима! - извика радосно Али. - Така се викала ќерката на пророкот Мухамед, рече кадијата. Зоја дури тогаш вистински се штрекна. Ја облеа студена пот. - Дали си согласна, џанам? - Да, одговори занесено девојката. - Е, па, од денес натака веќе не си рисјанка и не се викаш... како беше, аха, Зоја, туку си Фатима и си Турчинка, законска анамка на Али од село... - Сетома! - Да, од село Сетома, Костурско, велеше кадијата, истовремено диктирајќи му го составот на ќатипот, кој за цело време само два-три пати ја крена главата од јазијата. - Алах ил алах - извика Али. Ќатипот го зготви уџетот, го заведе во сиџилот, му удри голем црн мур и му го подаде на Али, кој му даде бакшиш. Потоа излегоа во дворот. Во првиот самрак црномурното лице на Али блескаше од среќа. Отидоа кај коњите, Али извади од теркијата едно свилено фереџе, што утринава му го даде тетка му Мерса и го стави преку лицето на Зоја. Се качија на коњите и се упатија накај првата џамија, влегоа внатре, ѝ наредија на Зоја да клекне и да ја допре главата до земјата, а девирханот ѝ читаше делови од Коранот. Кога излегоа од џамијата, муезинот од минарето повикуваше на втора вечерна молитва, јација, па ги јавнаа коњите и зајаздија во насока на Костур. Кон полноќ застанаа да кондисаат во еден конак пред Хрупишта, и уште взори, пред да изгрее сонцето, го продолжија патот. Пред да стигнат во Дупјак, заврна ненадеен дожд. Ги ороси нивите, ги освежи и патниците, и пак запре. Околу пладне влегоа во селото и пред куќата на тетка му Мерса Али радосно извика: - Тетка Мерсо, отвори! Стигнавме. Готово, свршивме работа. Отсега оваа жена веќе не е рисјанка, туку Турчинка и се вика Фатима! - Ашколсун! - одговори тетката. За тоа време, Лена полумртва стигна во Корча. Ја најде судницата и го праша вратарот: - А бре џанам, дали влегоа внатре двајца Турци со една убава девојка рисјанка? - А, вчера беа тука тие што ги бараш. Кога излегоа откај кадијата, на девојката ѝ ставија фереџе преку лице, си ги јавнаа коњите и си заминаа. Мајката се обеси за решетките на оградата и долго време остана како погодена од гром. Потоа, поревајќи се по патот, тргна да се враќа назад. Еден кираџија ја сожали, ја качи на колата и ја однесе до Костур, а оттаму таа пеш си се врати дома, со исцрпена снага пласна во прегработ на мајка си, слепата Кузевица, и двете жени почнаа горко да ја плачат црната орисија на Зоја. 11. Дури откога Али ја затвори вратата на одајата во куќата на тетка Мерса, Зоја почувствува див страв. Дотогаш целата работа ѝ се чинеше како некаква игра, како сон. Сега веќе беше свесна дека сè околу неа е јаве. Таа првпат беше затворена сама со маж. Затоа, колку и да копнееше по Али, во моментот кога тој сиот раздразнет ѝ се приближуваше, таа се наежи и срцето ѝ затрепери како лист на јасика. Тоа негово дрчно приближување Зоја го следеше со полузатворени очи, легната на миндерот, без никаква заштита од никого; за првпат сега се почувствува напуштена дури и од својот бог, и препуштена на милоста и немилоста на Алах и за миг, повте да побегне, да се спаси од блиската опасност и пак да се најде во својата безбедна моминска одаја, да биде сама, со горештата помисла за љубовта, но без плотната усвитеност, без вистинскиот допир од што се намовнуваше и се стрелушеше додека го наѕираше мажот како освојувачки ја опколува, бавно, громорно и безметежно, небаре времето беше запрено и ненадејно беше настапила последната штама на светот, па таа не гледаше никаков излез, не очекуваше од никаде спас. Веќе се покажаа широките црновлакнести гради на настрвениот мажјак, кој полека ја отпетлуваше својата бела кошула и со уште поголема бавност го одмотуваше црвениот појас, и тогаш, не можејќи повеќе да гледа, сосем ги склопи очите, помирена со сè што потоа ќе се случи, а што ѝ било судено од искона, чувствувајќи се неповратно фрлена во бескрајната празнина на вечноста, каде што нема ништо за што да се фати и на што да се потпре, неумоливо носена од нејасните бранови на неизвесноста; во својот последен порив за да се задржи и да не пропадне за навек во отворената бездна, обземена од некаква поразителна возбуда, на своите ноздри го насети голото и свирепо приближување на машката стрв, како некаква пламена гламна да се насочуваше спрема нејзиното тело, кое веќе беше разголено, (кога, како се случило!), рескиот машки здив ја имаше обвиено и опијането сета нејзина снага и наеднаш сеќаваше како врз нејзината кожа се шетаат нежни и скокотливи милувки, илјадници роеви од златни и страсни мравки, одненадеж градите ѝ се стврднаа налик на два бели обли камења, затворајќи во себе огромна болка, но и чудна сласт, уште непозната, толку долго копнеана, а подолу, над нејзиниот мазен стомак и над меките бедра, беше падната огромна тежина, и далеку во последниот пласт на свеста, во вжареното гумно на помнењето, сматно забележуваше дека гламната на машкото тело менува облици, најнапред ѝ се гледа како нервозно газење на едно цврсто копито, кое потамина ја испробува ровката почва, неспокојно, но сè уште кротко тупоти, полека надира, се спушта од вртоглава висина, се штрекнува, запира за момент, чиниш изненадено пред портата, во моминскиот двор. Кога ли беше тоа, одамна, во една друга живеачка? Две убави, услупни тела се зближуваат, бавно, со бескрајна успореност и со страсна смиреност, во едно восхитено и совршено движење, кое истовремено е нежно и силовито, утешувачко и вознемирувачко, едното е тело на млада кобила, стројна, горда, пргава, изјашна, но смртно исплашена, вчудовидена, вомјазена, тивко и возбудено бревта, се стресува по целата снага, градите ѝ се разбрануваат, очите ѝ се навлажуваат, спотаено вишти, насетува незнајна опасност, но за ништо на светот не сака да ја избегне, само така се преправа, ги врти сапите и диво потреперува, се срами, потскокнува, санким ќе бега, иако нозете ѝ се врзани со невидлив пајван, на тилот сеќава цврста јамка, а другото тело, огромно, развилнето, надмоќно, а достоинствено, воздржано, сепак готово да се раздиви, да залуди во гибелен нагон, 'ржејќи одвреме навреме, но внимавајќи да не ја исплаши неопитната кобила, која ту му ги подава своите услупни, мазни облини, ту нагло се тргнува од ненадејниот допир на вжештената чука, плашејќи се да не биде шибана, опашана, пердашена, неспокојно погледнува со своите крупни и пламнати очи кон тоа чудо што се случи околу неа, бесрамно, разјарено, му дозволува со ноздрите да ја погали, да го осети неговиот врел здив, пареата на неговата уста ја замелушува, ги подраширува инстинктивно нозете, се подотвора, го чувствува жарот на машкото чудо, малку се оттргнува, прави мал обид, и тогаш кога се чини дека е сè готово, ненадејно скокнува мажјакот врз сапите на омаломоштената и бајалдисана кобилка, која се расклатува со сето тело, планинска тежина ја јавнува, но храбро ја издржува дивоста на напирот, дозволува да биде пронижана со гламната на разгневениот нерез, победоносно ја прифаќа опасноста како своја среќа, како неизбежна судбина, и тогаш крикнува, повеќе од блаженство, помалку од болка, и потоа јасно го гледа ликот на мајка си, една мила, великолепна, здрава и мирна пракобила, нејзиното божјо присуство ѝ дава сила да ја поднесе целата тежест на планинската страст, се разбранува павлаката на изворот од пештерата, копитото длабоко рие во земјата, ја клоца утробата на меката почва, која полека-полека предавајќи му се, истовремено и обвивајќи го со сладина, ја скротува неговата помамна сила, развиореноста се стишува, спласнува вкочанетата бујност, наеднаш се смирува цел свет, останува само тешкото и задоволно измешано дишење на две спротивни суштества, кои само за миг се соединија, но допирајќи ги двете крајни страни на светот, изодувајќи бескрајна далечина, која со ништо не се изодува, освен со она што го даде самата природа, волјата на сè што се случува и на сè што постои од памтивека. Зоја долго остана да лежи врз миндерот и уште не беше свесна за она што се случи. Се чувствуваше крајно изморена, претепана, длабоко поразена, а истовремено и среќна, задоволна, смирена, како да беше излегла од бучалото на некоја рајска пештера. Таа уште сеќаваше тапи удари во утробата на земјата, но тие сега татнеа далеку, полека се оддалечуваа, и веќе не во земјата, туку како да одекнуваа на небото, како божем да беа баботења на копита од целото стадо коњи, кои газеа по далечните облаци. До неа лежеше Али, капнат, смалаксан, тешко збивајќи, како да беше изорал цела нива со едно исконско рало, кое му беше подарено од Алах за да ја бразди земјата и да ја оплодува, да ја мачи до болка со остриот сек на паличникот, но истовремено и да ја прави среќна, благодетна, да ѝ ја разубавува и освежува снагата, да ѝ ги распупува плодородните грутки, да ги набива колците, по кои блажено ќе се качуваат и ќе се фаќаат ластунките, младите фиданки и врежи. Зоја го гледаше мажот испружен како огромно рало по орање, обраснато со влакна како троскот по градите, по рамената, по рацете, па иако веќе лежеа одделени, таа се почувствува врзана за него. Посака вечно да остане во оваа одаја, да го набљудува наостреното тело на мажот, ту во дива разјареност, ту пак, како сега, со одземена сила, поразено, папсано, непотегливо, и да ја гледа низ малото прозорче таа прекрасна игра на јадриот ат и на стројната кобила, што со години на ред ѝ ја распламтуваше мечтата, напати правејќи ја и неа да збеснува, да се жерави и да се раскинува во својата бујна осама, смртно копнеејќи да му се предаде на неумоливото шибање на жестоката бура. Сега беше пресреќна, блажена. Веднаш до себе го имаше она што најмногу ѝ требаше, особено во изминатата зима, кога се топлеше од помислата на слаткото сплотување со него. Сега е нејзин, ѝ припаѓа само нејзе. Може да ја подаде својата убава, нежна и долга рака и да го допре кајшто ќе посака, по бронзените образи, по влакнестите и снажни гради, по мускулестите раце и писки, може дури да го фати и помилува онаму кајшто порано и не се осмелуваше да помисли. Тој како да ги погодуваше мислите на тукушто претворената девојка во жена, ги подотвори за миг своите црни и влажни крупни очи, и пак веднаш ги склопи, како да беше паднал врз него божји замор. Само ја подаде својата тешка рака, клапната веќе, без онаа сила и дивост од пред малку, ја положи врз нејзината прекрасно заоблена бела бутина, малку потона во пената на нејзиното месо, сосем близу до Евиниот влакнест лист, што сега беше откриен, незаштитен со ништо. Потоа, таа полека го доближа сето свое тело до неговото, и така останаа долго, одмарајќи ги атовите на нивната прва страсна љубов. Сега врз нивната страст кацна слаткиот сон на умората. Тие спиеја гушнати како две божји деца, како две далечни суштества, кои цел живот се барале и најпосле се соединиле во заедничко, бескрајно блаженство. Ах, во таа навидум спитомена прегратка, чиниш неразделно се соединети два различни богови, кои по жестоката битка на нивните диви страсти, сега мируваат во најголемо примирје. Тие лежеа како две совршени камени скулптури, заборавени од времињата, едната опрлена од сонцето, темномурна, мургава, бронзена, груболика и ѕверолика, а другата, бела и мазна, како да била отсекогаш миена од бранот на една мила струјка, чија пена се фатила и се стврднала врз чудесните облици. Цела недела останаа затворени во одајата кај тетка му на Али. Тетката Мерса им носеше јадало, пијало, им го оставаше пред врата, мажот стануваше, го земаше, а понекогаш и воопшто не стануваше, зашто двајцата беа залутани по бесните патишта на љубовното оддавање, или заспани во омајната градина на сонот. Али беше триесетгодишен човек, татко на четири деца, а жена му веќе го носеше и петтото. Тој беше мажествен, здрав и мошне искусен во љубовта, па знаеше да ја доведе неопитната Зоја во голем сетилен занес. Понекогаш преку цел ден не се одделуваа нивните тела. Зоја се чувствуваше целата сломена, одмалена, но среќна и задоволна. Овој див и суров маж небаре ѝ ги полнеше сите празнини. Колку и да ја болеа нежните мускули, таа сè повеќе присакуваше да се повтори чудото на страсното сплотување. Во треперлива животинска раздразнетост чиниш го сеќаваше целото негово возбудено тело како се насочува кон неа, налик на огромен жив сврдел, облевајќи ја нејзината копнежлива внатрина со опојно сладострастие. На крајот од неделата веќе двајцата не можеа да станат од стутканата постела, па тетката Мерса почна да влегува и во нивната одаја, да им носи овошје или вода, за да не умрат од глад и жед. Таа никогаш не беше видела такво чудо; некогаш двете тела ги наоѓаше наполно срозени, во неразделна, грчна прегратка, како божем да беа едно тело со две различни страни. Напати дури се случуваше Мерса да се наведне над нив за да ги покрие со испотениот чаршаф и исплашено викнуваше: - Али! Фатима! Зар сте умрени? Станувајте! Али тешко ќе се свртеше кон неа и гровнато ќе ѝ одговореше: - Тетка Мерсо, остави нè, живи сме. И со своето тело тој го прекриваше телото на Зоја, која беше толку убава, што дури и тетката ја гледаше со восхит. - Убава е, ѓаурката, им велеше таа на другите од фамилијата, не сум видела поубаво нешто. Челото ѝ е алтан-амајлија, косата цела од срма, во забите ѝ блескотат елмаз камења, а нејзината бела дубура, мазна е и азган како сапи од млада дива кобила; и жена би посакала да ја јавне. Да знаете, на Али во мед му падна секирата. И туку делка, делка без да прави пајдос, дење-ноќе. Ашик се сторија двајцата. Ќе изгорат од голем мерак. Речиси за сето тоа време Мидин беше останал во истата куќа, за да го чува својот побратим од ненадеен напад на селаните и роднините на Зоја, кои како од гром беа погодени од веста дека таа избегала и се потурчила. Набргу и во другите села разбраа дека најубавата мома во околијата, сега потурчена, живее во Дупјак, со спаијата Али, кој исто така беше познат надолж и на широко, не само како полјак, туку и како трговец на разна стока. Иако тој не беше толку убав како неговиот побратим Мидин, сепак, којзнае зошто жените него повеќе го сакаа. Речиси во сите околни села Али имаше по некоја тајна љубовница, или муслиманка или рисјанка, некоја вдовица или мома, напуштена од својот армасник, или пак некоја изгорена девесница. Затоа мажите не го сакаа спаијата, како што обично бидува со оние кои пак се сакани од страна на жените. Мидин, колку и да страдаше дека убавата Зоја не му припадна нему, сепак му остана верен на Али. Го чуваше од секакво изненадување и опасност, додека тој, затворен во одајата, цел ден и цела ноќ ја обљубуваше потурчената убавица. Понекогаш, доцна во ноќта, кога сите веќе спиеја, Мидин се приближуваше до вратата од нивната одаја и возбуден ги слушаше нивните зовриени шепотења, дишења и офкања, со часови ќе го залепеше окото на една мала цепотинка и во месечевиот лач, што се привираше во одајата, како во некој аровен сон, повеќе всушност си го замислуваше отколку што го гледаше самовилското тело на девојката, која слатко стенкајќи се кршеше од грубите љубовни наезди на мажот. Али ја насетуваше неговата дива возбуда, особено кога ќе го чуеше немирниот тропот на неговиот коњ, што ја обиколуваше куќата, додека тие внатре водеа љубов. - Тоа е Мидин, велеше небаре за себе Али, многу го сакам, но ќе го убијам ако се обиде да ти стори нешто. - Луд коњ! - ќе изустеше и Зоја. - Убав е Мидин, ти се бендисува, нели? - ја прашуваше тој, со скриено жарче на љубопитство и љубомора. - Ама што зборуваш! - му одговараше таа чиниш навредена. Само ти ми се бендисуваш. - Жими вера, ќе го убијам и него и тебе, ако зад грб ми направите некаква далавера, ѝ велеше тој и почнуваше со поголем бес и со луда страст да ја љуби. Неговата необична грубост уште повеќе ја распалуваше; ја касаше по напупените дојки, по румените образи, по ушите, по колковите, по задницата, по бедрата, ѝ правеше илјада модрици, а таа не можејќи веќе да го запре, го молеше: - Немој, не, ме боли, викаше Зоја и чувствуваше како да ја бие копитото на тежок ат. - Ќе те растурам мори слатка ждребице, забревтано ѝ велеше тој, а таа чувствуваше како да ја врти на ражен. Надвор пак, уште подиво 'ржеше коњот на Мидин. - Сус бре, сус! - викаше возлено Мидин, зашто знаеше зошто така 'ржи неговиот коњ. "Зар и атов ја чувствува близината на таа азган ѓаурка!" - си мислеше, па го бодинаше со острите мамузи и како чалдисан јуреше низ сето поле, да се разлади и да ја растера својата бесотија. Тешко на оној каурин кој ќе му излезе на патот во тие моменти. Особено мразеше двајца, Вангел Мијалков и Панајот Николов, наречен Мурго. Но додека вториов го удираше понекогаш, од првиот секогаш имаше страв. "Ќе му ја отсечам главата со јатаганов, само да ми се даде згоден час!" - се мислеше и цврсто го стегаше студениот балчак на својата сабја. Раздразнет и бесен јуреше по полето, надевајќи се да сретне еден од двајцата селани и да си ја смири крвта со нивната крв. - Каде е Вангел, чапканот? - зловливо ги прашуваше селаните што ги ораа нивите. - Не знаеме, ќе одговореа тие исплашени. - А оној едапсаз Панајот? Мурго пијаницата? - И тој денес не е во полето. Отиде во Кондороби по некоја работа. - Да им кажете на двајцата дека ќе им ја скинам шијата! Така да знаат, крвта ќе им ја испијам! Потоа ќе го удреше коњот по сапите и пак ќе се доближеше до куќата, во која Али и Зоја се љубеа. "Што ли прават цела недела! - гневно си велеше во себе. Ја кулаши, пезевенкот, како кобила. Ѕвер е мојот побратим, но и јас да сум на негово место со таква гиздавица, богами, истото ќе ѝ го правам. И бетер дури! Ќе ја калошам како незаситна атица! Пих, анасана!" - ќе викнеше потоа гласно. "Еј, сус!" - му викаше на коњот. "Бре, мајката, цело поле да беше, досега ќе го изораше!" - си велеше и плукаше од бес. "Цела шума да беше, ќе ја искастреше, 'рсуз ниеден!" Но Мидин добро знаеше каков алчен мераклија беше Али. Тој сиот ѝ се предаваше на похотата. Зар главата немаше да ја изгуби за влакно со поголемата ќерка на Екрем беј од Костур? Три дена ја беше затворил во кулата на нивниот чифлиг, и да не беше Мидин, готов ќе беше Али, зашто нејзините браќа ја насетиле работата, наоружани дошле кај чифлигот, но пак тој, Мидин, ги беше запрел, ги мандосал, а за тоа време Али успеал да ја дувне и да се спаси од сигурната смрт. Браќата ја нашле потечена од милување нивната убава сестра, асолно ја распердашиле, а потоа раскостена и полумртва ја курдисале на еден коњ и ја вратиле во Костур. Мидин, качен на својот коњ, како сејмен, си насумнуваше и на другите љубовници на Али (некои од нив ги имаа двајцата осквернето), но каква што беше Зоја, никој немал вкусено во околните села. Дури и самиот паша, па и Мохамед, си мислеше Мидин, би му позавиделе на Али. "Бреј каква луда среќа има овој човек!" - си повторуваше Мидин и чувствуваше дека полека-полека почна кај него да се јавува извесен манилук, посакувајќи му дури и зло на својот аркадаш. Но во следниот момент, ќе се сепнеше, се покајуваше и си велеше: "Зар за една жена! И тоа ѓаурка! Ај анасана! Та, по десетина дена ќе ја бактиса и ќе ја забатали, и јас ќе му ја преземам!" Таа слатка мисла го успокојуваше и му влеваше сила за да му остане верен на својот пријател. Една вечер, не можејќи да го издржи големото митарство, Мидин го бодна коњот и отиде во Черешница, кај вдовицата Севда, која живееше на крајот од селото, со едно рулче. Севда тукушто си беше легнала, кога заздивениот Мидин тропна на нејзината вдовечка врата! Таа исплашена скокна и праша кој е, а тој наврекнато само ѝ ревна: отвори, ѓаурке Севдо. Вторпат одеше кај неа. Првиот пат тој влезе под нејзиниот покрив откако ѝ се закани дека ќе ѝ го убие рулчето ако не го пушти внатре. Незаштитената жена што можеше да прави, да викнеше за помош, никој немаше да ја чуе, куќата ѝ беше на крај село, а самата беше падната во искушение. И овојпат, малку од страв, малку од копнеж, му отвори. Тој се нафрли врз неа и додека разоглавено ја јаваше, мислеше само на Зоја. "Ах, кузум, кузуме!" - ѝ шепотеше и ѝ ги мускаше набабрените грепки. Уште пред да зарудее небото, Мидин излезе од куќата на Севда, го јавна својот коњ, што за чудо исто така се беше смирил, пак се врати во Дупјак, да чува стража пред куќата каде што беа засолнети Зоја и Али. Во тоа време распојасаниот Али, слушајќи ја Зоја како слатко стенка, ѝ го вовираше својот насучен гнев и некаков голем зулум вршеше врз неа, како божем да ја кореше и казнуваше за сè, небаре го собираше својот богат животен арач, што таа послушно му го даваше, препалена и возбудена од неговата разуздана и непопустлива похотливост. - Моја слатка гулабице, ѝ шепотеше тој, длабоко дишејќи и ревејќи, моја бела кобилице, атицо незаситна... Таа го слушаше неговиот задушлив рев и навистина се замислуваше како да е атица која лета, носејќи го на своите топли сапи омелушениот мажјак, преку шуми и преслапи, преку реки и езера, преку мориња и небесни пространства. Покорни и со бескрајна благодарност му ја постилаше својата вита и раскошна става, налик на бел мек килим, беспоштедно, помамно и пустопашно да ја гази, да ја витка и превиткува, да ја врти и да ја сучи, да ја меси и да ја колчи. Таа се омајуваше од неговата ненаситка, а и нему му се чинеше како првпат да ја прави таа чудесна работа. Додека ја колкаше, тој ѝ велеше и по некој груб и срамен збор, а таа вжарена од ненадеен зазор, се обидуваше да го исфрли од своето меко седло развиорениот јавач, кој се држеше цврсто и знаеше да скроти и најбесна ждребица. Потоа, за да го смири неговиот налет таа со својата нежна дланка фаќаше да му го милува косместото тело, а тој, уште повеќе раздразнет, одново го ставаше на неа својот тежок јарем, немилосрдно ја шибаше и ја опашуваше со својот корбач, за да не клоца и да не шава, и најпосле почнуваше долго и мекамлиски да го врши и да го меле со неа бујното класје на сладострастието. Црните чомбази му паѓаа врз челото, потта како зрна се ронеше од него, и тоа го правеше посуров и пострашен, и сиот беше накострешен, како да копаше нов бунар. Таа го сеќаваше топлиот чомак што се креваше и се спушташе во бунарот и цела ноќ сонуваше како ѝ се полни и ѝ се празни телото, непрестајно. 12. Деветиот ден, откако се одморија малку, и откако тетката Мерса со мелем од тревки чемерики им ги излекува раните направени во нивната помамна љубовна страст, Али и Зоја се качија на црвениот коњ на Али и тргнаа накај Сетома. Пред нив на својот црн ат јаваше Мидин. Лицето на Зоја беше покриено со фереџе. Кога стигнаа на свијокот кон селото, првиот човек што го сретнаа, за несреќа, беше токму Вангел, кој одеше накај своето лозје. Вангел изненаден запре и ја позна Зоја, која седеше на сапите од коњот зад Али, лесно држејќи се за неговата половина. На лицето од Вангел ненадејно се врежа остра црта на тага. Направи неколку чекори надвор од патот и веќе стоеше на маторникот од едно лозје, кога Мидин, кој одеше напред, му викна: - Еј, чапкане! Застани, каде бегаш! Вангел се сврте кон нив. Во неговите очи замолска отсветот од изгрејсонцето. - Што сакаш, Мидин ефенди, рече стамено и со извесна подбивност Вангел. - Ти дојде часот да умреш, кучкин сине! - извика разгневен Мидин и го бодна накај него коњот. Му се приближи на два чекора и јадриот коњ се исправи на задните нозе. Зафрчи, претчувствувајќи зло. Мидин така изгледаше уште пострашен, налик на споменик од некој паша. Вангел фрли еден поглед кон Зоја и со сета сила го зграпчи за уздата исправениот коњ, принудувајќи го да ги спушти наземи подигнатите нозе. - Истај се, мрсно копиле, ќе ти ја смавнам лејката! - крволочно извика Мидин. Али сцената ја набљудуваше од извесен раздалек. - Мидине, му рече на својот побратим, остави го сега, другпат ќе се раскусурите. - Ќе го искастрам! - ревна Мидин и со злоба го засучи својот јатаган. Вангел сиот накострешен, уште ја држеше цврсто уздата на неговиот коњ и го гледаше со вкрвавен поглед. - Насилници! - извика Вангел. - Сус бре ајдамаку! - се разгневи сега и Али, зашто овој упрек повеќе се однесуваше за него. Фрасни го еднаш, Мидине! И додека тоа го изусти Али, разјарениот Мидин веќе замавна, но не со својот бич, како што мислеше Али, туку со јатаганот. За среќа, не го погоди. - Вие сте арамии! - се огласи пак разгневениот Вангел. Ја фрли настрана својата торба и со едно движење го кутна долу Мидина. Јатаганот му одлета пет-шест метри накај трнливиот плет на лозјето. Вангел молскавично скокна врз својот противник и го зграпчи за гуша. Мидин почна да ги кокори очите, но собра сили и нагло се ослободи од цврстиот стег на Вангел. Бргу грабна еден камен и го удри Вангел по главата. Шурна крвав блик низ лицето на Вангел. Мидин веднаш потоа со два-три скока се најде до својот јатаган. Додека да се исправи Вангел, тој веќе го држеше в рака јатаганот и заканувачки ги расчепори нозете, готов да се загне кон својот душман. Неговиот коњ кобно зависка. - Мидине, остави го, се приближуваат некои луѓе откај селото, му рече Али. - За сè ќе платите, крвници! - им се закани Вангел и зеде еден јадар камен, го фрли право во гороломниот Мидин и го погоди во писката од ногата. Мидин силно офна, се расклати, но не падна. Темерутиот поглед му се исполни со лута срдба и одеднаш се сакалдиса. Ја затресе рошавата глава, ликум на граблив рис. Во зјапнатата уста му блесна остриот качор. - Нема да куртулиш сега, калпазану! Нема жив да излезеш од овој џенк! - му се раздра Мидин и зачкрта со забите. Стоеја еден спроти друг, крводушно разѕверени, небаре во тој миг меѓу нив требаше да се реши судбината на две противнички вери. Мидин веќе го држеше високо кренато јатаганот што светкаше како ненадејна утринска молскавица. Вангел, голорак со вкрвавено лице и со надурмени веѓи, крепок и горд, во тој судбоносен миг мислеше како да му се спротивстави на зајадливиот и опак Турчин. Да ја извади камата од својот појас, ништо не ќе направи спроти јатаганот. Али давијата ја гледаше без здив. Помисли да го спречи Мидин, но длабоко во себе,тоа токму сега го беше открил, чувствуваше жолчен презир спрема овој најопасен ѓаурин во селото, кој истовремено му беше и најголем соперник за Зоја. Срцето му тупкаше со некаква потајна радост, чиниш со своите мисли го насрчуваше Мидин да го изврши најпосле долго одлаганиот грозен чин, да го отстрани засекогаш од нивниот живот. А Зоја, не можејќи да ја гледа свирепата срчма меѓу разгневените мажи, ја беше воврела главата зад плеќите на Али, грчевито стегајќи го за половината. Во тој момент откај селото се чу тропот на чекори, неколку селани, чиниш ја намирисаа непогодицата и заитаа надолу, накај местото каде што се решаваше крвавиот спор меѓу двајцата мажи. Мидин погледна во насоката од каде што доаѓаа жожорливите селани, се расколеба малку, а Вангел го искористи тоа и со сета сила се загна кон него. Мидин замавна со јатаганот, Вангел болно крикна и во следниот момент падна наземи. До него се црвенееше лочка крв. Мидин стоејќи уште вкочанет на своето место, со вкрвавениот јатаган во раката, виде само дека од неговиот противник бликна шурка крв, па мислејќи дека му го задал решавачкиот удар, во чуден уплав, скокна на својот коњ и заита накај селото, но не во пречек на селаните, туку одејќи по долниот заобиколен пат. И Али со Зоја зад себе, тргнаа по него. - Мртов ли е? праша таа, сè уште не кревајќи ја главата од неговите плеќи. Али ништо не ѝ одговори. Го минаа малиот чаир под селото и влегоа во авлијата на Алиевата куќа. Алица веќе беше будна, стоеше на чардакот, небаре го очекуваше нивното доаѓање, и штом ги виде дојдените, ги мунѕоса и влезе во својата одаја. Веднаш потоа на чардакот излегоа и четирите девојчиња на Али, кој веќе се качуваше по крцливите басамаци на скалата, а зад него, со извесна нелагодност, со веќе кренато фереџе, одеше Зоја. Мидин влезе во селамлакот на приземјето. Кога девојчињата го видоа татка си, кој им носеше уште една мајка, како по договор, почнаа во хор да бречат и бир-баш пак влегоа во одајата, каде пред малку влезе и мајката. Однатре се слушаше пискливиот глас на Алица, која колнеше по турски. - Што туку ренѕаш, мори чавко, нели ти носам алајка, да ти прави измет! - ѝ згрме однадвор Али, држејќи една чекутка меѓу забите. Седни на скемлево, ѝ рече потоа на Зоја, ова е сега твојот нов меќан. Слезе долу и го извика Мидин од селамлакот. - Слушај, Мидине, му рече, ти веднаш треба да фатиш магла оттука и неколку дена засолни се кај брат ти Музафер во Хрупишта. Кога ќе помине ѓурултијава, врати се назад. Зашто ако те најдат ѓаурите, ќе те заколат, жими вера. Тие за такви работи немаат исав. А и коријата врие од комити. Се прегрнаа побратимски. Мидим фрли еден жалосен поглед кон чардакот, кајшто со наведната глава седеше Зоја. Потоа со еден скок јавна на својот коњ и излета од дворот. Преку ѕидот на авлијата се гледаше само облакот од прав што го кренаа копитата на заитаниот коњ, и уште извесно време се слушаше тапиот екот, што се оддалечуваше во насока на Костур и Хрупишта. - Во Хрупишта нема да го најдат, таму се плашат да влезат ѓаурите, си рече небаре сам со умот Али, качувајќи ги пак басамаците. Зоја скукулена и јадосана седеше на триножникот. - Каде ќе спиеме? - праша таа со сув глас. - Па, сега ќе кондисаме тука, на чардаков. Извесно време овде ќе ни биде брачниот ѓердек. Голем е, широк е, ќе постелиме рогозини, мутафи, ложници, ќе ставам и перде да нè крие од другите, а подоцна ќе го поправам селамлакот или мудбакот и таму ќе се прибереме. Ич не бери гајле, тука ќе ни биде арно, како на теферич. Квечерум штурците ќе нè успиваат, а наутро ќе нè будат веселите биљбили. Зоја погледна долу, во пространиот двор. Под крушите, јаболкниците и дуњите цркотеше јато од врапчиња. Потоа и под стреата слушна слатко црцорење, и ненадејно, од едно гнездо, како црно-бела стрела, излета една ластовица. - За Алица, не секирај се. Таа има да ти стои диван. Ако не, ќе ја заколам, жими вера! Нагло се сврте, науми нешто, и влезе во одајата кај жена си. Внатре се чуја пискотници, потоа гласот на Али кој нешто грубо ѝ префрлаше на жената. Девојчињата плачеа погласно. - Сус бре, шејтани! Што врескате! - им викаше. Не е ова крај на дуњава! Ви донесов смокви и стафиди од тетка Мерса. Долу се, во дисагите, на кашот од седлото. Одете, земете ги. Кога девојчињата слушнаа за тоа, наеднаш молкнаа и истрчаа по скалите, за да ги најдат подароците и да си ги разделат. Потоа Али излезе на чардакот и донесе два ложника и перници. Ги посла на едната страна од чардакот и ѝ рече на Зоја: - Фатиме, легни, одмори се, а јас ќе ја земам пушката. Можеби наскоро ќе пристигнат селаните да го бараат Мидин. А и тебе да те чувам! Подоцна, откај македонското маало. Зоја слушна пронижувачки пискотници. Меѓу нив како да раликуваше два гласа: едниот на мајка му на Вангел, која го извикуваше името на сина си, а другиот, ах, во тоа беше сигурна, гласот на својата црна мајка, која го викаше нејзиното име. Така, тие две имиња, тој ден, соединети во срцеломни плачеви и клетви, го параа небото над селото. Кога Мидин, а по него Али и Зоја тргнаа по чаирот накај селото, оставајќи го Вангел да лежи наземи, неколку селани стигнаа на местото на борбата и се стрчаа да му помогнат на ранетиот. Меѓу нив се најде и брат му Никола. Вангел лежеше замелушен од силниот удар на Мидин, кој со еден замав на јатаганот го погоди по левиот образ и по левата рака. Никола ја соблече и ја раскина својата бела кошула и му ги врза раните на Вангел. Токму во тој момент натаму минуваше Мустафа, качен на својот коњ. - Што е бре луѓе, што се случило? - праша тој слегувајќи од коњот. - Мидин го рани Вангела, ефенди Мустафа. - Зошто, што му сторил? Мустафа беше милостив човек. Иако беше од друга вера, тој мошне добро се однесуваше со селаните. Им помагаше пред властите, им пишуваше писма, арзи, жалби, а понекогаш и ги застапуваше во судот. За него се зборуваше дека во 1908 година го фатиле во некоја тајна организација во градот Кожани. Го затвориле извесно време, но потоа го пуштиле, па влегол во востаничките младотурски чети и така беше стигнал дури до Стамбол. Кога се врати во селото, си ги работеше нивите и овошникот, а ноќе неговото прозорче често беше осветлено. Некои пољубопитни дечиња еднаш се искачиле до первазот и наѕреле дека тој на восочна светлина прелистувал некакви дебели излитени китаби. Веќе две години Мустафа беше останал вдовец, со три мали ќеркички за кои сам се грижеше. - Поможите ми да го качиме на мојов коњ, ќе го однесам кај некој еким во Костур. Никола и уште двајца мажи го ставија ранетиот врз коњот, потоа и Мустафа се качи и тргна накај градот. - Мустафа, сполај ти! За ова добро со добро ќе ти вратиме! - викна по него Никола. Мустафа само одмавна со раката. - Добра душа има овој Мустафа, рече Никола; кешки сите Турци да беа како него, немаше да има ѓурултии. - Ами знаете бре луѓе, рече стариот Глигор Нумов, кој беше прикажлив човек, понекогаш не е важно од која и каква вера си, ами какво ти е срцето. Има, фала богу, и Турци со добро срце, а исто има и рисјани кои сакаат да ти ја испијат крвта. Глигор си ги засучи белите мустаци, си ја измазни брадичката и продолжи, поткрепувајќи се на својата патерица: - Си намнисувам кога бев во Измир на аскерлак, која година беше, не знам, но ќе да беше пред триесетина години, едно младо и лепо Турче, аскерличе, Имер му беше името, многу ни поможваше на рисјаните. Да ти стане еднаш некаква ѓурултија меѓу нас и турските аскерлии, за некоја дребна работа, и Имер, едно две, застана на наша страна. Ние бевме шестмина, кој од Костурско, кој од Леринско, кој од Битолско, кој од Воденско, а Турчиштана да ти бидат цела глутница, триесетина. Кутриот Имер, санким сега го пулам, разгорештен и воомјазен им викаше на своите: "Не гибајте ги, греота се! Срам да ви е!" Турците, се разбира, добро нè спастрија, сите лежевме поснопица. Кога дојде јузбашијата и праша каков е овој русвај и кој е асијата. Турчињата молчеа, збор не гукнаа. Тогаш излезе пред сите Имер и кажа кој ја направи ѓурултијата и зошто. Офицерите бирден казнија неколку аскерлии, а нас нè однесоа во болница, на два-три дена лекување. Бевме раскостени и полни со напорки. Кога излеговме од лечницата, нè пречека страшен абер: некој го беше турнал Имера од една карпа и го нашле мртов во еден трап. Долго го жалевме и го споменувавме тоа младо Турче, кое имаше исав спрема нас. Туку ајде сега да си одиме по лозјата, нè чека многу работа, режење, кроење, копање, и да ги оставиме муабетите. - Точно е дека има себаплии и меѓу Турците, рече Циљо Станишев, но што вреди кога и двајца од нив можат да направат голем пачариз. Затоа ни треба нам еден јуначки војвода, каков што беше Митре Влаот. Од него трепереа и турските башибозуци, и грчките андарти, и оџи, и владици. Откога загина Митре, пак почна да го мачат народот во околијава. - Ех, каде е Митре војводата! - воздивна Гиро Крачов. Бре, да се појави, да речеме, да оживи, жими сè најмило, ќе оставам куќа и ниви, и ќе тргнам под неговиот бајрак по сурите планини! Митре беше од Кономлати, но сетомчани и луѓето од околните села добро го знаеја, зашто уште пред Илинденското востание беше главен како измеќар кај најголемиот костурски беј, кај Абедин беј, кој имаше многу земја и големо стадо овци. Митре му ги пасеше овците. Абедин беј сечеше-печеше и големи зулуми правеше. Кулата му се наоѓаше кај сетомскиот чифлиг, до езерото. Сите се плашеа од него, особено младите и убави жени. Тој беше голем мераклија. Ако му се бендисаше некоја жена или мома, ќе се завртеше околу неа, алчно ќе си ги оближеше усните, ќе си ја измазнеше дотераната лисеста брадичка и ќе ѝ речеше: "Дојди мори ѓаурко во кулата, да поможиш на анамката, сама ести не е кадарна. Имаш бело лице, сонцето ќе ти го поцрни ако останеш на нивата. Ела дома, под сенка да работиш". Кутрата жена што да прави, друго чаре немало, морала да ја послуша заповедта на страшниот беј. А кај него, во кулата, ни анка имало, ни бакрач. И дури селаните си работеле во кучешката жештина, тој си правел ќеф со убавата рисјанка. Понекогаш се слушале пискања во кулата, или други шумови. По неколку часа бејот ќе ја пуштел посрамената да си продолжи со работа, а тој го јавнувал својот бел ат и си одел во Костур. Се случувало, по завршената работа во кулата, осквернетата жена или момичка да излезе расплакана, увилена и разбушавена. Сите знаеле што ѝ се случило внатре, но никој немал срце да му се спротивстави на големиот господар. Тешко на оној што ќе се дрзнел да стори такви нешто. А уште потешко на жената или момата. Така се случи и со Марето на Крачовци, чија тажна историја уште ја паметеа сите. Мара, која во тоа време била најубавата девојка во селото, се љубела со Јане на чорбаџијата Мино. Тогаш беа армасани. Девојката била како цут. Кога ја забележал Абедин беј, иако таа си го криела лицето со бел дуљбен, ја намирисал со волчка насетка и го насучил мустакот. Така, една недела, додека работеле на неговата нива, тој со итрина ја поканил да оди и да ѝ помогне божем на анамката во кулата. Мара, како што беше бела, начас поруменела, како пеперуга се сторила. Се направила како да не ја чула поканата на бејот. Но Абедин беј бил упорен. Сите запреле со работата, и здивот им запрел. Девојката беспомошно гледала во нив, но што можеле да сторат? Абедин бил наоружан со два пиштола, а го чувале и двајца сејмени. Тогаш мајката на Мара Катина, му пристапила на бејот и му рекла: "Бег ефенди, остај ја ќерка ми, малечка е, јас ќе дојдам во кулата, да ѝ поможам на твојата анамка". Бејот презриво ја погледнал, косата да му се крене на човека, и срдито ѝ дофрлил на кутрата Катина: "Мори стара кобило, кој те кани тебе! Јагнето го сакам јас, не овцата!" - рекол и смуртен како црн облак, грубо ја турнал встрана. Покрај десетината жени, биле и тројца мажи, Трпо Линов, полуслеп и со лошо здравје, Глигор Нумов и Доли Крачов, тогаш вратени од солунскиот затвор , со уште пресни рани на глезните од тешките букагии. Тројцата улогавци. Тие вријат однатре, но ништо не можат да сторат. Абедин им наредил на двајцата сејмени да ги вперат во нив пушките. "Сите ќе ве убијам, жими вера, а овој цвет ќе земам во сенката на кулата, да не изгори на сонце. Дојди, џанам, не плаши се!" - ѝ велел на момичето, кое треперело како уплашена птица. Веќе ја влечел накај кулата. "Мамо, не давај ме!" - ја молела тивко мајка си. Но еден сејмен се истопорил пред мајката, не ѝ дава пат, а таа почнала косите да си ги кубе, потоа паднала на колена да се моли за милост. Во тој момент одненадеж во полето пристигнал качен на кобила Митре Влаот, тогаш уште голобрадо момче. Оддалеку ја видел ѓурултијата и го боднал добитокот. Абедин бил на неколку чекори од прагот на кулата, кога Митре му викнал: "Абедин беј!" Овој се свртел, го опулил и му вратил: "Што сакаш бре шејтане! Сега ли најде да ме викаш? Ај врати се во планината кај овците, зашто и тебе ќе колам!" Митре се приближил на неколку чекори од него: "Имам голем абер да ти кажам, бег ефенди". Абедин со својот темерут поглед го прашува. Измеќарот слегува од кобилата и клекнува пред својот господар: "Аман-заман, ефенди, голема зара е направена, голем зијан се стори... - Де, гиди, што е бре, зборувај, не јади ми го срцето!" Митре во молба ги скрстил рацете и уплашено промемолил: "Прости ми, господару ефенди... исав, ти се молам! - Бреј, чапкунот, гракни нешто, или, жими вера со кубуров ќе ти распарчам лејката!" Митре засипнато му вели: "Овците ефенди... - Што е бре, ќутуку, со овците!" Митре преголтнува: "Шеесет грла ми украдоа сношти азбиите. Го убија и големиот 'рт... И јас одвај спасив глава..." Абедин беј пена пуштил од устата, ги очиклил очите. Многу го сакал овој свој чешит главеник зашто му правел разни шеги и далавери, но сега, изгледа му се зашеметил умот, па навистина го измолкнал од својот појас кубурот и чкрапнал право во челото на Митрета, кој ничкум го чекал најлошото, но за среќа, кубурот не испукал, бил празен. Абедин беј јадливо им наредил на сејмените: "Врзете го овој проклет параспурџија, па ќе видиме после што ќе правиме, сега имам работа!" - рекол и ја втурнал во кулата пребледената девојка. Сите стоеле стаписани. Сејмените го врзале Митре Влаот и го кутнале на прагот од кулата, а селаните ги натерале да работат. По некое време откај кулата се чуле вресоци. Катина писнала и се струполила наземи, три-четири жени стрчале да ја повратат. Моминскиот писок од кулата станувал сè посилен и пострашен. Потоа, полека-полека замрел. Тогаш во целото поле настапила грозна штама. Долго време сите стоеле вторачени, како погодени од дамла. Не поминале ни пет минути, кога ги впериле очите накај баџата на кулата каде што се појавила Мара, сосем гола и со расплетена коса. Под неа, се чул громок машки глас: "Стој бре луда ѓаурко!" Но девојката се навалила малку и веднаш скокнала, со тап шум паѓајќи на земјата, токму пред нозете на врзаниот Митре. Сите нагрвалиле кон неа, сејмените сега не можеле да ги запрат; и тие биле збунети од ненадејната случка. Мара уште била жива, дишела, но бела онесвестена. Веднаш излегол и разулавениот Абедин беј со облеката на девојката. "Анасана, улава ѓаурка, што стори!" рекол тој. Жените со своите тела и раце го покриле телото на девојката. Абедин им заповедал на сејмените: "Однесете ја дома. А и вие, сите, џом да ве нема, сиктер оттука!" - накмишено им се развикал. Ја сместиле и онесвестената мајка на другиот коњ од сејмените и како црн облак се упатиле накај селото. По три-четири дена Мара умрела, нешто поради повредите, нешто поради големиот резил. По неа умрела и мајка ѝ Катина. Откога ги истерал сите од чифлигот, Абедин беј му се нафрлил на врзаниот Митре и го фраснал со камшикот. "Ќерата ниеден! Лажеш! Ти си ги продал овците, а не ти ги украле! Си направил некаков алашвериш! Ќе те отепам!" Но сепак, не го отепал, некако му се смилувал. Митре и натаму останал измеќар кај него, но во душата ја носел големата срчма што му ја нанесол неговиот господар, кој не престанал да му се заканува дека ќе го убие или ќе го прати на сургун. Така кај Митрета полека-полека се родила желба за одмазда. А најмногу поради силувањето на Мара, со чија мајка Митре и беше во некое сродство. Во врска со кражбата на овците, некои раскажуваа дека никакви азбии или арамии не му ги украле од планинската нисија, ниту Митре ги продал на шмеќари за златници туку им ги аризувал на комитите. Зашто Митре уште тогаш одржувал врска со нив. Така, еден ден беше слегол со тројца до заби наоружани комити кај чифликот на Абедин беј. Митре добро знаел кој ден и во кое време доаѓа бејот да ги наѕре аргатите кои му работеле по нивите. Жените-аргатки жнееле на една нива. Одненадеж се појавил Митре и ја повикал баба Петкана Гацова која исто така соработуваше со комитите, па ѝ кажал дека на стотина чекори од нив имаат поставено пусија и сакаат да го убијат Абедин беј. За да не видат другите жени, Петкана ги однесла да жнеат на друга нива. Комитите го чекале Абедин беј скриени во еден трап, кај местото Палаизот. Кога го чуле тропотот на неговиот коњ, Митре Влаот излегол на патот, а бејот, изненаден дека го гледа тука во ова време, а не е со овците кај планинскиот аргач, застанал и му се развикал: "Каде си ти бре угурсузу? Тука ти е местото или в планина, кај овците? Или пак сакаш да ти ги украдат шумските арсази..." Но не стигнал да ја доврши речта, кога му се нафрлиле тројцата долгобрадести комити, за миг го кутнале од коњот, а едниот му рекол: "Големи гревови си сторил кучкин сине". И веднаш му го брцнал ножот во гркалнот. Потоа како одмазда за тоа дека имал силувано многу рисјанки, му го отсекле авретот и му го вотнале во муцката. Кога стигнале сејмените го нашле фрлен во трнливиот трап, онака како што го беа ујдисале комитите. Грозната смрт на најбогатиот костурски беј како гром одекнала во целиот вилает. На бирбаш дошла патрола во селото и ги собрала сите мажи и жени, ги однесле во Костур кај кадијата. Тој букоглаво им се заканувал дека редум ќе ги обеси ако не го кажат убиецот, но анамката на Абедин беј ги спасила. Таа му рекла на кадијата: "Ниту еден да не настрада од луѓево, кои ни ги работат нивите. Фатете ги вистинските убијци!" Таа добро знаела каков зулумќар бил Абедин беј и очекувала дека еден ден тоа ќе го снајде. Така, сите ги пуштиле да си одат дома. Но Турците некако беа разбрале дека еден од убијците бил Митре Влаот, па веднаш пратиле потера по него во планината кајшто се наоѓало бачилото на Абедин беј. Кога стигнал таму аскерот, не нашол ни човек, ни овца. Митре со целото стадо на Абедин беј, кое броело околу триста грла, отишол во комитската планина. Никој не знаел да каже што направиле со толку многу овци, но некои велеле дека ги продале за многу пари на епирски Власи, а со парите купиле оружје од Тесалија. Митре Влаот останал во планината со комитите и по некое време станал еден од најстрашните војводи. За него пишуваа во своите извештаи дури и странските конзули во Битола. Најголема итроштина на Митре Влаот сепак беше тоа како го надмудрил Павлос Мелас, главниот грчки офицер, кој со лажни документи, како трговец-самсар неколку пати се префрлал од Грција во Македонија, заедно со неколку други офицери, членови на атинскиот "Македонски комитет!, преку еден таен канал што се провлекувал по реките Венетико, Гревенетико и Бистрица, па преку Палјокастро и Сачишта, излегувал во селото Бугацко, кајшто се делеше на повеќе клонови. Повеќето грчки андарски чети од Богацко обично се префрлуваа во Чуриловскиот манастир, чиј игумен беше верен агент на костурскиот митрополит Каравангелис и кој манастирот го имаше преобразено во главно скривалиште на андартите. Каравангелис ја имаше ујдисано работата со турските власти дека Павлос Мелас и неговите четници не дошле да се борат против Турците туку против македонските комити за да го искоренат славјанството од Македонија. Затоа турските патроли не ги гибале многу грчките четници. Павлос Мелас беше најнадарениот офицер на грчката пропаганда во Македонија и бил мошне омилен од Каравангелис, кој, од друга страна, воопшто не го трпел Митре Влаот, чија чета тогаш дејствуваше не само во Корештата и во западниот дел на Костурко, туку и во Леринско, па дури и во Битолскиот вилает. Тој беше страв и трепет и за турските патроли и за андартите на Мелас. Костурскиот митрополит направи обиди да го поткупи, да премине на негова страна, но Митре беше непоткуплив. Единствена цел му беше да го брани македонското население од турските башибозуци и од честопати немилосрдните андарти. Најпосле митрополитот Каравангелис му нареди на Мелас, покрај главите на опасните војводи Васил Чакаларов, Пандо Кљашев и Иван Попов, по секоја цена да му ја донесе и главата на тој "ќерата Влав", како што го викаше. Во почетокот на октомври 1904 година Павлос Мелас со седумдесет андарти извршил напад во селото Нерет за да убие неколку селани, по списокот што го добил од Каравангелис. Но селаните отвориле оган и ги принудиле андартите да отстапат. Потоа Мелас решил да замине со четата кон село Желево, за да се сретне со андартскиот војвода Каудис, кој му бил потчинет, но не го почитувал и не одговарал на неговите писма. Повеќето андарти не се согласиле со неговото решение и едни заминале за Елеово, други за Белкамен и само триесет и пет души останале со Мелас и го придружувале на патот кон Желево. Минале покрај село Турје и стигнале во Статица, кадешто кондисале да се одморат. Попладнето, на 13 октомври, на Мелас му јавиле дека од село Кономлати накај Статица тргнал турски аскер. Тој имал доволно време за да преземе нешто или да се засолни, но, верувајќи му на Каравангелис, кој му зборувал да не се плаши од турските патроли, спокојно останал во Статица. Турците влегле во селото и неколку аскерлии припукале, пробивајќи се до куќата во која кондисувал капетан Мелас. Кога тој сфатил дека е тоа некакво недоразбирање и дека се наоѓа во опасност, воомјазен се појавил на чардакот и извикал колку што го држел гласот: "Јанлаш, јанлаш!" Но веднаш бил пронижан од еден куршум и тешко ранет паднал на подот. Куршумите веќе фучеле од сите страни и во тој ненадеен метеж големиот капетан не стигнал на аскерот да му објасни дека е Павлос Мелас, а не страшниот комита што го бараат. Најпосле, гледајќи како по чардакот се тркалаат златниците што се истуриле од неговата пазуварка, а што ги чувал за поткупување на селаните, поповите, учителите и калуѓерите, како и за аризување на вдовиците чии мажи биле убивани од неговите четници, тој почнал очајнички, претсмртно стенкајќи, да мемоли: "Моите пари... моите пари..." Грчевито посегајќи кон нив, ја испуштил својата душа. Исплашените андарти веднаш се разбегале, оставајќи му го на турскиот аскер мртвото тело на капетанот. Дури тогаш Турците сфатиле кого застрелале. Зашто тие тргнаа да го убијат Митре Влаот, кој во тоа време навистина со својата чета се наоѓаше во околните села. Митре беше разбрал дека во неговото родно село Кономлати стигнала турска војска во потера по него, а преку своите луѓе беше известен и за движењето на четата на Мелас, па се послужил со лукавство; пратил една жена во Кономлати, за да им каже на Турците дека Митре Влаот кондисувал во таа и таа куќа во Статица. Турците, верувајќи на лажната изјава на жената, го нападнале селото Статица и така, по грешка ("Јанлаш! Јанлаш!" - викал Павлос Мелас колку што го држел гласот), го убиле славниот грчки капетан. Раководителите на грчкото движење за ослободување на Македонија, биле изненадени поради убиството на Мелас и во почетокот не знаеле што да прават. Каравангелис не сакал да признае дека убиениот е Мелас, а турските офицери, кога утврдиле дека е убиен капетан Павлос Мелас, им изразиле сочувство на грчките власти. По смртта на Павлос Мелас, капетанот Каудис и предавникот Павле Киров ја прибрале во Белкамен неговата растурена чета и слушајќи ја наредбата на Каравангелис сите се повлекле во пограничните грчки села. Подоцна Каравангелис му наредил на Каудис да оди во Богацко и да ја доведе во Корештата новодојдената чета на Критјанинот Катехакис, наречен капетан Рувас, офицер на грчката армија, кој бил пратен од страна на атинскиот "Македонски комитет" со дваесет и пет андарти, како замена на убиениот Мелас. Првата задача на капетан Рувас била свирепо да се одмазди за смртта на својот претходник. Тоа се случи на 13 ноември 1904 година на една свадба во леринското село Зеленич: шеесет андарти тајно, ноќе, биле доведени во селото од платениот агент Суљо, Турчин од Зеленич. Андартите во нападот убиле тринаесет невини луѓе, жени, старци и деца. Едно девојче живо го спалиле, а петмина селани раниле. Неколку години турските патроли и грчките андарти сакаа да го фатат жив или мртов Митре Влаот, во што им помагаа и македонските предавници Коте од Руља и Вангели од Стребрено. Митрополитот Каравангелис имаше потплатено многу луѓе за да дојде до трагата на Митре Влаот, кој тогаш стана околиски војвода. И еден февруарски ден во 1907 година, преку некој свој агент Каравангелис разбира дака Митре кондисувал во село Жупаништа, веднаш ги извести турските власти и во договор со костурскиот кајмакамин, заедно со турскиот аскер пратил и неколку свои наоружани луѓе, на чело со Христо од Шестеово, кој добро го познаваше местото. Војводата се обидувал да се извлече од повеќе страни, но отсекаде го чекал непријателски оган, и на крајот, по долга и јуначка борба, загинал заедно со уште двајца реонски војводи. 13. Зоја, сега под името Фатима, седеше на едната страна од чардакот, каде што привремено им беше брачниот ѓердек и го чекаше Али да се врати од полето. Беше доцна вечер. Небото беше посеано со гроздови ѕвезди и целата вселена трепереше омајно. Така се чувствуваше и Зоја. Во неа трепереше некаква чудна светлина, а околу неа катаден се пластеше по една темна ципа. Веќе измина една недела откога се всели во куќата на спаијата Али, чија жена не престана да роптае и да цимолка, а ги тераше и девојчињата да бречкаат, да липаат, за да ѝ стават до знаење на новодојдената дека не ѝ е местото во нивниот дом. Кога Али беше отсутен, ѝ дофрлаа по некоја турска пцост, по некој грд прекор, ја мунѕосуваа, но таа безропотно поднесуваше сè, надевајќи се дека со времето ќе им мине возленоста и дека барем девојчињата ќе смогнат да ја прифатат. Зоја не се осмелуваше да им проговори, но благо им се насмевнуваше или ги погалуваше двете помали девојченца, кои наеднаш се тргаа, и бегаа расплакани, како да беа нажурени од коприва. Зоја не смееше да излезе од куќата, а одеше само до ѓеризот и до савакот што се наоѓаа во авлијата. Од чардакот гледаше само мал дел од светот, неколку овошни дрвја во дворот, едно парче небо и капецот на планината Вич, што порано го гледаше и од својата куќа. "Зошто денес толку задоцни?" - се прашуваше таа, чекајќи го со нетрпение. Кога Али беше покрај неа, се чувствуваше безбедна и среќна. Сакаше да го гледа како седи до неа, со разградена бела кошула, долго да витка цагарчаге, потоа да ја стави цигарата во својата стара симсија, опкована со сребро. Таа чекаше на широкиот отворен ѓердек Али да се врати, да ја легне и полека, мекамлиски да ѝ ја разголува кршната става, да ѝ ги гали нозете и бутините, да ја пушта својата чапарда под неа, да ја мазни по задницата и нагло да ѝ ја подигне целата долна половина на телото, потоа да ја подели како лубеница на два дела и да ја спушти набабрената чука, како чомак од ленгер во најдлабоката длапка на брзата река, вмиг да застане целата вода и да се врти околу набиениот колец во вителот на понорната матица, да го слуша неговото тешко дишење, како да весла наспроти спускот на слаповите, неумоливо фатен од лудиот вител што го влече надолу во поголема длабина, во самото дно, да шлапка со здравата лопатка, снажно, грчевито, како пред смртоносно давење, а кога таа ќе почне омелушена од исконскиот уплав да вика за помош и да се тресе, да збива ликум на ранета ѕверка, погодена непогрешно со острата џида право во утробата, кога лотката ќе се продупчи и во неа наедаш ќе почнат да навлегуваат несопирливите бликови, и кога најпосле ќе почне, едностојно вртејќи се во налуничавиот вир, да тоне сосе веслачот кон другата страна на матицата, тој, веќе закрепен, сигурно ушанчен, да ѝ ја затнува устата со дланката и да слуша како ѝ реве: "Сус, ќе ги разбудиш девојчињата!" А таа, сета обземена од непопусливата маѓија на давењето, занесено да му гука: "Ах, пушти ме, нека потонам, нека умрам, така... умирам... откорни ја чуката... не, нека потонам подлабоко..." и да сеќава како тој со еден силен преграб ја спасува во последниот миг, ја извлекува од брзиот слап на немирната и разбеснета матица, додека од нејзиното врело тело џуркаат јадри капки, како крупни гравушки пот, и ја спушта кроце, неповредена и задоволна, на брегот од постелата... Таа така мечтаеше, но Али сè уште не се појавуваше. На Зоја денешниот ден ѝ почна лошо уште од зорнина. Прво, кога се разбуди, славеите не пееја откај овошникот, ластовичките не чрчореа во седалото под стреата, и најпосле, она што најмногу ја сепна, Али го немаше покрај неа на чардакот. Или тој порано заминал или таа подолго спиела. Подоцна, околу пладне, кога поголемата Алиева ќерка Максума ѝ го донесе ручекот, (Максума тоа го правеше по наредба на татко ѝ, а ѝ го фрлаше грубо, како на кучка, во еден чанак, по наредба на мајка ѝ), и колку што почна да јаде, гадејќи се малку од невкусното јастие, надвор, од сокакот, слушна да пеат неколку македонски девојчиња: Што стори, Зое, што стори, та ми се млада потурчи, та ми го зеде Алија, Алија тој наш спаија, спаија, асли бегшија... Девојчињата што таа не ги гледаше, вчасот се витосаа со грохотна смеа. По извесно време, откога малку се смири, слушна други девојки, веќе повозрасни, нејзини другачки, како пееја: Аман Фатима, ѓузел Фатима, кој ми те тебе каноса, те каноса, те тељоса? - Бре Алија,ти спаија, ме каноса, ме тељоса твојата тетка Мерсија. Песната ѝ се стори како некаков тажен упрек, па наеднаш ѝ се стегна срцето, се јадоса и за првпат откога се потурчи заплака болно. По еден час, враќајќи се веројатно од Света Петка, кај што биле да запалат свеќи, пак ги чу врсничките да ја пеат истата песна. Веднаш, откога тие си заминаа ќерките на Али, веќе ги потпевнуваа првите два стиха, се разбира, подбивно, за да ја навредат парамајката. Целото попладне Зоја чувствуваше тежок укруп на душата. Затоа со нетрпение го чекаше Али, да му ја каже својата жал. Кога ќе дојде, си мислеше, ќе го замоли одвреме навреме да ја пушта надвор, да оди барем до изворот по вода, да земе ава. Пред полноќ слушна тропот на коњ, се стресе, како порано. Тоа беше Али. Влезе во авлијата, слезе од коњот и, држејќи го за уларот, го одведе во авурот. Потоа кроце се качи на чардакот. - Али! - тивко викна таа. Гласот ѝ беше полн со радост. - Зар не спиеш? - рече тој. - Те чекам, одговори таа и му се фрли на вратот. - Гровнат сум, воздивна Али. Работев и на нивите, а бев и до Хрупишта, да продадам некоја плажица, прчаци и придачи. Таму го видов и Мидин, па испивме по две-три чоканчиња ракија. Тој сака да си дојде во селово, но му реков да почека уште малку. На тој угурсуз Вангел уште му е свежа раната. Туку, шуќур, се спаси токмакот, зашто ќе станеше голема ѓурултија. Разбрав дека тој бил поврзан со комитите, кои сакале да му се одмаздат на Мидин, па дури и мене ми се закануваат поради тебе. Треба да се вардиме. Зоја му раскажа за она што ѝ се случи преку денот. - Море сите ќе ги ставам под нож! Голема срз ме фаќа. И моите ќерки ќе ги заколам, жими вера, ако не ти чинат риза! - срдито рече Али. По кратко време, како што беше истегарен на миндерот, вовлекувајќи одвреме навреме чад од цигарата, што прилегаше на светулка во темнината, тој заспа и почна да 'рка. Зоја не можеше да заспие. Тешка грутка ѝ беше легнала на градите, се жеравеше, се исправаше, ги слушаше таинствените ноќни шумови, некој писок на дрозд во далечината, или виј од кобна лишка. Потпирајќи се на дрвените трпузани од чардакот, одненадеж, кај мрачно свиснатите грмушки од јоргованите, зад ѕиданата ограда, таа забележа грска залутани светулки; една, најјадрата, вмиг се оддели од јатото и треперејќи влезе во авлијата, се гасеше и пак се палеше, како пред малку цигарата на Али. На омаената Зоја, бојазливата светулка ѝ заприлега на некаква осамена и заскитана душичка што бара засолниште во пустата ноќ. Таа волшебна светулка, која одеднаш застана во воздухот, изненадена од присуството на една друга залутана душа, крајно беспомошна пред испружената рака, дозволи да биде заробена. Зоја си ја стави светулката на челото, како ѕвезда. Потоа, ненадејно обземена од навчас бликнатите спомени од детството, си легна во постелата, до Али, и заспа со нејасното чувство дека нејзиниот живот, или нејзината љубов, ќе трае додека живее таа светла дамка на нејзиното осрамотено чело. Кога утредента таа се разбуди, Али пак го немаше во постелата. Зоја посегна кон своето чело. Светулката веќе беше разнебитена. Наеднаш ѝ се стегна срцето. "Ах, помисли разочарана Зоја, некои работи значи светат само ноќе; при допирот со светлината на денот ја губат својата моќ и исчезнуваат..." Студени морници ѝ полазија по телото, зазорлив руј ѝ пламна по образите. Како светкавица ѝ мина низ ум морничавата мисла: "Како ќе се појавам одново во светлината на селото, пред погледите на луѓето? Зар и јас ќе светам додека сум затворена во мракот на турската куќа? Тоа ли сакаше да ми каже светулката? Толку ли е кратка љубовната среќа?" На неколку чекори од нејзината брачна постела, во одајата откај што напираше мирис на таан-алва и на пелте од вишни, ќерките на Али, во зајадлив хор, пак го пееја брецливиот рефрен: Аман Фатима, ѓузел Фатима... И грохотно се смееја, имитирајќи ги македонските девојчиња, кои по вообичаениот кушлук, како злобливи телалки, гласно ја пееја навредливата песна, божем ѝ даваа некаков ишарет на Зоја. Што ли сакаа да ѝ намнисаат преку песната? Тој ден Али дојде порано, на зајдисонце, и таа имаше време подолго да разговара со него. - Саклет ме фаќа тука. Како да сум затворена во темна зандана. Пушти ме да одам малку надвор, на ава, до меркезот на селото или до муслукот, да наполнам вода. - Што! Седи си мадро дома. Ти си анамка! - отсечно ѝ рече Али. Поминаа неколку дена, а Зоја севезден го кандисуваше својот господар да ја пушти надвор за да видат селаните и да пукнат од мака дека е анамка. Али ги начумери веѓите, го исплука сертиот тутун што го џвакаше од јад, па ѝ рече: - Бреј, остана ѓаурка! Што лезет ќе најдеш ако одиш до баздливиот меркез или до оној батал муслук! - Сакам да ме видат дека сум жива! Али се замисли: - Ѓаволот живее во женската душа! Добро, излези утре, ама не сама, туку со поголемите ќерки, со Максума и Мелиха. Селскиот мунадија го огласуваше петтиот намаз, јацијата, и пред да одекне гласот на оџата Аљко од минарето, Али влезе во одајата кај Алица и ќерките. Однатре замириса на јаг донесен од аџилак. Али секогаш за време на јацијата влегуваше кај своите, а Зоја сама се молеше на чардакот. Таа всушност и не се молеше, туку само молчеше и слушаше како во куќата сите тивко мемолеа: "Алах акбар... алах ил алах..." Кога Али излезе по завршувањето на намазот, ѝ рече на Зоја суво: - Јас сега одам да направам една обиколка во полето и ќе спијам во колибата на чифлигот, а ти, ако излезеш утре, не заборавај го фереџето! Следниот ден, токму на денот на свети Вртоломеа се случи незаборавен настан во селото. Поради некое предание, на Вртолом селаните не одеа на орање, ниту ги впрегнуваа воловите, зашто на тој ден се вртело небото и сонцето, и светрум можело да фатат диви виулици и непогодоци. Стариот Глигор Нумов, по црковната служба, седнат пред меаната на сретсело, добро расположен, на насобраните селани им раскажуваше зошто на тој ден не се одело на орање. - Ѓоамити, велеше тој, си бил некогаш некој Турчин, чифлик-сајбија, еден сажен висок, бурлија, но и голем инаетчија, Исмаил се викал. Тој не се грижел многу за каурскиот празник, па насилно ги натерал чифличките момци да ораат, иако тие се опирале. Но, сакале тие или не, најпосле, ги впрегнале воловите и почнале со орањето. И ете ти чудо невидено! По првиот заорок, небичас задувал толку луничав ветер и се кренале такви виулици, што не се виделе ни орачи, ни волови, ни плуг, ни плужница. Сè се вртело во огромен клопак од прав и со загушлив 'рскот и плускот се удирало од земјата. Оттогаш џенабетлијата чифликсајбија не само што не ги кандисувал момците да ораат на Вртолом, туку уште пред цел месец прашувал: "Кога е бре тој Врти-удри, или како му беше името?" Уште не беше го довршил дедо Глигор кажувањето кога одненадеж откај турското маало се слушна таинствено шавање, како таласамски повеј да се беше кренал и да идел право накај нив. Сите ги вперија очите натаму, и што ќе видат! Токму тогаш излезе една стројна жена, облечена во свилени сини шалвари и со црно фереџе на главата, во рацете носеше златнобакарни ибрици, а од лево и десно со по едно бардаче одеа две момичиња, на половина чекор по неа. Жената чекореше гордо и услупно, како да беше везировата анама. - Зоја! - се чу жожорлив шепот. Некои од селаните си ги триеја очите, не можејќи да си веруваат на опулот. За неколку мига цело село се собра и жени, и деца, и старци; безбели и добитокот излезе за да го види чудото. - Еве ја Зоја... Зоја... - викаа гласно очавчените луѓе. Вревата стануваше сè поголема, некои се поткашлуваа, некои ги стискаа патериците, некои подзамижуваа, за да видат подобро, а некои и плукаа. Девојчињата се туркаа напред, за да ја видат поодблизу, во изразот на момците се згрчија цртите со извесна презривост, но и восхитеност, жените веќе почнаа да саскаат, да шмркаат, и одненадеж, откај другиот крај на селото, се чу еден срцеломен вресок, а потоа се појави една жена во црно, сета гровната, со бели перки коса под црната шамија, кршејќи ги рацете и фрлајќи молњи од своите сматни очи. Тоа беше Лена, гламјосаната мајка на Зоја. За неполн месец, беше сторена како стогодишна баба. Небаре цел век не беше излегла од своето мрачно дувло. Луѓето гледаа де во едната, де во другата жена. Две жени ја фатија за мишки несреќната мајка, која од големата немошница веќе беше клапнала, колената ѝ се свиваа, и кога Зоја стигна до неа, таа зеде воздух, полнејќи ги своите свиснати и грчави гради, за да може да каже само еден единствен збор, во кој ќе биде собрано целото проклетство на ранетото мајчинско срце, и викна: "Резил!" Потоа пласна наземи. Зоја за првпат се затетерави, ѝ се наруши малку чекорот, но, најпосле, се созеде, нејзината отменост не ѝ дозволуваше да се покаже слаба, да претрпи пораз, примката ја избегна, сега можеше слободно, со јасна свест на господарка да го измине и останатиот дел од патот, па надмено, веќе без никаков знак на малодушност, сврте и тргна по патеката што водеше накај изворот со шуморливите чешмулки, да наполни свежа вода во своите ибрици, и пак да се врати по истиот пат, оставајќи ги зашеметени недоветните селани. Двете мали Турчинки, ќерките на Али, одејќи за еден чекор по неа, дури сега видоа дека втората кадана на татко им не е обична жена, туку царица, пред која се поклонуваат сите. Тогаш и во нив се роди чувството на надменост и смело чекореа по неа. Кога по десетина минути се враќаа со садовите наполнети со свежа вода, народот, жеравејќи се, уште беше насобран на сретсело, но сега веќе беа излегле и турските жители, и стоеја во две долги редици, оставајќи само една тесна празнина од околу три аршина, по каде врвеше Зоја, со двете придружнички. Додека минуваа, од македонската страна се слушаше по некој роптеж или пцост, а кога Зоја минуваше крај својата веќе освестена мајка, од нејзината уста слушаше погрдни клетви. Зоја се направи како ништо да не чула, дигноглаво го мина својот пат и со позабрзан чекор влезе во турскиот сокак. По кратко време сите се разотидоа, а само една јадра, ставита фигура остана на сретсело, како огромен стамен стожер, втренчено загледан накај тесниот сокак кајшто пред малку беше исчезнала Зоја. Тоа беше Вангел. 14. Повредите на Вангел од свирепиот судир со разјарениот душман веќе заздравуваа. Тој беше свесен дека она што се случи меѓу него и Мидин, неминовно требаше да биде така, а сето тоа можеше да заврши и многу полошо. Вангел знаеше дека во нив не се судрила само нивната долгогодишна лична омраза, туку и суровиот исконски талк, тој жолчен заостаток од една поголема и позамрсена злоба. Едниот од нив ја носеше мрачната и жестока дрчност на своите предци, а другиот светлиот порив на својот угнетен народ. Затоа Вангел не му беше лут на Мидин, туку го сметаше како закоравен, но сè уште жив дел од некакво старо проклетство, што требаше набргу да се истреби и да се заборави. Неизбежен е оној момент, си мислеше Вангел, кога лошите страсти и пороци на еден народ ќе им отстапат место на неговите полезни добродетели и кога омразените противници ќе бидат принудени да станат пријатели, зашто од таквото разборито пријателство ќе зависи опстанокот и честа. За тоа општо прочистување, мислеше Вангел, мора да се пролее и крв. Ете, првите капки тој веќе ги беше пролеал и сега се чувствуваше некако освежен и поблагороден. Тоа е така и со болниот добиток: ако му го резнеш малку увцето, наеднаш ќе шурне болната крв и по извесно време во жилите ќе почне да струи здрава крв, потоа животното пргаво ќе истрча напред, кон блажената сончевина. Вангел можеше веднаш да го истави од својот пат Мидин, само да ги насрчеше своите другари од комитаџиството. Но што ќе постигне со тоа? Во личноста на Мидин ќе го исчисти оној дел што е само негов непријател, а не и оној заостанат и штетен набој што беше составен дел од општото непријателство, преку кој Мидин се поврзуваше со сè што беше пакосно во крвта на луѓето од неговиот сој. Како да се искорени општото зло? Тоа е прашањето за кое треба да се најде правиот одговор, мислеше Вангел, а не да се задоволиме со еднострана, лична пресметка, која бездруго ќе роди нов отпор и нови пресметнувања, до бесконечност. Народното зло има длабоки и подмолни корени, тоа е замаскирано и разнолико; за да се дојде до полн успех, нужно е да се помогне созревањето на добрите инстинкти кај двете непријателски страни. Беше доцна вечер кога Вангел излезе од црквичето Света Петка и тргна накај селото. По извесно време сети дека некој го настасува. - Вангеле, викна оној што доаѓаше зад него. Вангел нагло застана. - А, тоа си ти, Мустафа! - рече Вангел и го почека, а потоа двајцата чекореа по надолницата. Мустафа молчеше извесно време, не знаејќи како да го почне разговорот, па одненадеж рече: - Претчувствувам дека ќе се случи нешто лошо. - Од пишаното не се бега, - спокојно рече Вангел. - Да, но некои работи, ако бидеме претпазливи, можат поинаку да се завршат. Мислам, можат да завршат подобро, Вангеле! Знам дека ти не си обичен клисар и пцалт. Пак одеа молкум. Врвицата беше слабо осветлена од месечината. По некој грагор ќе се стркалаше од нивниот чекор, како клопче што пара една нишка од темното мавило на огромната штама. Вангел гледаше кон чивитното кубе на небото кајшто достоинствено доминираше вечниот симбол на исламот, златниот алем, српестиот полумесец. Ѕвездите беа штедро посипани на небото и трепереа како жарчиња на саѓав и калпав сач. Ненадејно една ѕвезда се откина од својот раскошен грозд и падна над езерото, правејќи голем светол лак, како некој да фрлил златна јадица во ноќен риболов. - Ни ѕвездите не живеат во слога и рамновесие, рече задумано Мустафа, алудирајќи на паднатата ѕвезда, - а камоли луѓето. Мустафа бараше да најде некое древно муслиманско толкување за паѓањето на ѕвездите, за да го збогати нивниот скржав разговор, но ништо особено не му паѓаше на ум. А знаеше дека е тоа голем предзнак. Во близината залаја пес. Стигнаа на горната веѓица од селото. Селото беше потонато во сон. Откај блиските гробишта се ширеше напната тишина и безмолвно го покриваше сиот божји свет. Тие одеднаш подзастанаа, небаре да чујат нешто во длабоката спотаеност на ноќта. Тука всушност се делеа нивните патишта. На лево се наоѓаше турското маало, а на десно македонското. - Во Костур имам еден добар пријател, праматар, јашлија човек е! Со него сум лежел во една зандана во Кожани. Тој ми рече дека наскоро ќе има војна. Вангел се зграгори. Иако го сметаше за чесен и мирољубив овој човек што му помогна кога беше ранет од Мидин, сепак, не можеше наполно да му верува. "Од друга вера е, си мислеше, ластун од друго семе". Затоа беше претпазлив и ништо не му одговори. - Знам дека одржуваш врска со комитите, се осмели да му каже неочекувано Мустафа. Вангел занеме. Да беше дење. Мустафа ќе забележеше дека неговиот соговорник е вцрвенет. Како да беше фатен во ненадејна склупца. Но сепак, тоа да му го речеше друг Турчин, ќе се исплашеше, а сега само неизбежно се збуни. - Јас нема да те предадам. Сметам дека ти и твоите другари имате право да се борите за слобода, а ако тоа не ви успее вам, ќе им успее на вашите деца и внуци. Вие сте питом и добродушен народ, но во вас тлее и борбен дух, зашто ја сакате слободата. Мустафа зборуваше тивко, речиси низ шепот. - Чувај се од Мидин. Наслутувам дека тој има лоши намери. Еднаш ти ја избегна смртта. Стоеја на чекор еден до друг. - Ако имаш какви-годе тешкотии, му рече на крајот Мустафа, подавајќи му ја својата рака, сметај на мене: колку можам ќе помогнам. Вангел збунето ја прифати раката на Мустафа. Првпат се ракуваше со Турчин. Целата снага му беше наежена од некаков непознат трпнеж. - Сполај ти, прошепоти Вангел одвај чујно. Потоа се разделија. Вангел се приближуваше накај дома, сè уште возбуден поради необичната средба со добродушниот Турчин. Ненадејно, од другата страна на патот се чу тропотница на копита. Вангел со еден скок се најде во сенката на една авлиска врата. По некое време, на неколку чекори од него минуваше Мидин, качен на својот црн коњ, налик на некаков проколнат челебија. Зад него, на своите клапушести атови, врвеа неколку вооружени стробјаци-суварии. Сите носеа бели саруци на вишнобојните фесови. Вангел не дишеше; беше на штрек. Темерутите сенки на необичните коњаници минаа покрај него, потоа тој виде дека одеднаш скршнаа по патеката што водеше накај Света Петка. Малку потоа Вангел повторно се размири. Во далечината, под селото Апоскеп, на полјанката пред Костур, се виореше огромен пожар, чии пламења и чадови веќе го достигнаа златниот алем на полумесецот и набргу го покрија. Бесниот пожар како да беше запален од секавичниот допир на онаа падната ѕвезда. Утредента, еден ненадеен патник донесе глас во селото дека синоќа непознати азбии му ги запалиле куќата, налбатницата и сиот имот на кутриот Радован, кој заедно со жена си се пеплосал во пожарот. "Значи, налуничавиот Мидин го почна својот одмазднички налет!" - си помисли Вангел јадосно, потоа слезе во дворот, грабна еден дебел штекол и брзаничкум тргна накај коријата. Кога се приближи до Шестевската Бука, ги забележа комитските колиби и со овчарско свиркање даде знак дека доаѓа. Од една колиба се појави крепок гороломник, чие лице беше покриено со рошава брада; во раката држеше, како потпорка, долга малихерка, беше опашан со реденици и имаше држење на војвода. Вангел се качи на една карпа и мавна со раката. Војводата само ја крена пушката, во знак на поздрав и пак влезе во колибата. Високо, во празнината остана да кружи еден орел, како набљудник на целиот крај. Иако сè уште беше рано и по вршките на дрвјата висеа парчиња од руното на маглата, Вангел почувствува жед. Се наведна врз лочката дождовница задржана на длапката од карпата и повте да се напие една-две голтки, но само ги допре усните во мирното водено огледалце, како што правеше кога беше мало овчарче, пред многу години, не можејќи да најде во близината изворче или слапче вода. Извесно време си го гледаше лицето и за првпат забележа неколку бели влакна во својата црна густа коса, и една брчка на челото, која на левиот образ продолжуваше со лузната добиена во борбата со Мидин. Ги брцна прстите во сребрената водичка и си ги накваси перчињата. Потоа почна да се искачува накај комитските колиби, подзастанувајќи и обѕирајќи се назад, кон селото, и кон налбатницата на Радован, која уште чадеше. "Радован беше ѓуптин, но ја сакаше слободата. И ни помагаше нам..." - си мислеше Вангел, а во очите му навреа две искри. 15. Зоја веќе три и пол месеци живееше во куќата на Али. Иако влезе септември, сè уште не беше заладено времето и Али, зафатен со работа на спаилакот и на продажбата на плужниците, одлагаше да го поправи запустениот селамлак или стариот мемлосан мудбак, кајшто требаше да се вселат и да ја минат есента и зимата. Зоја секој ден го молеше да направи посебно савак и ѓериз за неа, но тој секогаш наоѓаше некаков изговор, де немало плитари, де немало вар, де е гровнат од работа, а таа понекогаш слутено и гличаво ќе му подвикнеше: "Па кај шаваш цел ден и цела ноќ, да не си фатил некоја ченгија во градот, или некоја дизлија во Корештата!" Но мажот прво гледаше на сермија да се најаде и напие, потоа да се истргне на миндерот, со главата потпрена на една голема перница, да си го земе стариот цигарлак со азлакот од ќелибар, да завитка цигара, па мекамлиски да си ја запали со трат и кремен или со својот од дедо му аризуван чакмак, и да си отпочне по тевна, слушајќи го чрчорот на распргавените џивџани во градината или успивното мошолење на дождот врз сачакот, мераклиски мускајќи го богазот на чоканчето со ракија или на ѓумчето со вино шарабија, и мемолејќи си во себе: "Кога овој довлет би траел за навек, ништо друго не ми треба..." Потоа од бадемите и од виното, а и од соблазнивите движења на раскошната Зоја, навчас ќе му набрекнеа жилите на слепоочниците и на ќулумот, како ѓерест врат од мисир, и почнуваше ракопашно да таслачи, со часови, двајцата јачкајќи, крцкајќи, воздивнувајќи и слатко сумтејќи, севдалиски шепотејќи, гукајќи и кликајќи, поплавени од сите шумови на светот, напоени со илјада мириси и со безброј вкусови, со безброј мелушења и со нераскинливи давања и земања. Таа во тие моменти забораваше на сè, целосно се прелеваше во друго суштество, му простуваше за сите гревови и грубости, во другиот свет ги оставаше селамлаците, мудбаците, абдеслаците, и јастијата и питијата, и облеките и калчуните, и ќемерите, и чеврињата и јашмаците, му се предаваше само на неговото цврсто кормило, што ја пронижуваше до срцето, за да ја носи и да ја фрла кај било, сеќавајќи го неговиот думен длабоко спуштен и внедрен во својот љубовен утроб. Ах, ова да трае за навек, си мислеше таа, да нема враќање во животот, да нема уѕур и седење, туку само делкање, само копање, само лулеење, само таслачење... Но кога ќе спласнеше страста, кога веќе не го чувствуваше неговото држалје, кога ќе се стишеа шумовите и сластите, таа пак се враќаше во обичниот живот, го слушаше здодевниот џивџан под стреата, во ноздрите ја удираше мирисот на буламачот, на ѓомлезот, на чомлекот и на набабрениот амур, пак го слушаше шепотот на дневните молитви во одајата на Алица, и едно темно клубе почнуваше да ѝ се мота во срцето, а во душата ѝ се собираше укруп. Тогаш стануваше од миндерот, слегуваше во бавчата, кинеше свежи рози и правеше ѓулсија, па за миг замирисуваше чардакот. Ја мачеше саклет, се чувствуваше како затвореница, немаше со кого да проговори, освен со Али, кого сè подолго го чекаше да се прибере дома, ѝ се чинеше дека тој веќе почна полека да ја батали, се беше наситил веќе од нејзиниот цветник, стануваше сè погруб и невнимателен, дури дозволуваше и пред него да ја навредуваат домашните, веќе не ги караше толку ќерките и подолго остануваше во одајата на анамата. Кога одеше на чешма, покриена со црното було, сите ја одбегнуваа. Сакаше малку подолго да се задржува кај изворот, гледајќи како шурка свежа вода од лулето на чешмата, вдишувајќи ја во градите пресната ава од густата букова шума на Шестеовската Црна Гора, но сè ѝ се чинеше ѓучно. Се враќаше дома и чмаеше зад решетките на чардакот. Понекогаш ќе чуеше некоја македонска песна што ја пееја нејзините врснички, на некоја седенка или на некој селски сведен, и наеднаш срцето ѝ се стегаше, во очите солзи ѝ навираа. А кога на некоја свадба ќе зататнеа тапаните, срцето несопирливо ѝ думкаше. • доаѓаше да стане и да истрча меѓу другите веселбари, да се фати на орото и да ѝ олесни душата. Но не смееше, не се дрзнуваше, таа беше отпадник, вероломница, предавница. Само го слушаше бумтежот на свадбата и со бескрајна жал заспиваше, сонувајќи ја понатаму веселбата. Веќе во неа жугна желба да си ја види куќата, баба си, па и мајка си. Во куќата на Али, понекогаш доаѓаа македонски жени, за да сошијат некоја руба кај сестра му на Али, Ајрула, која беше позната шивачка. Еден септемвриски ден дојдоа Тинка Костовица и Проша Гацова, за да си ги земат сошиените фустани. Проша ја виде кутрата Зоја сама, седната крснозе на миндерот, налик на увилено клопко. • падна жал за несреќницата, па на излегување ѝ рече: - Зое, се слушаат гласови дека бргу ќе се смени светот, ќе дојдат грчките андарти и ќ е ги погубат сите потурчени жени. Врати се дома, будало, што седиш тука скукулена како некоја црна кукавица! И мајка ти стана како гламја, плачејќи по тебе... Зоја се вцрви, срцето ѝ затупка; потоа, со очајнички глас, од што и самата се изненади, ѝ рече: - Златна тето, кажи ѝ на мајка ми дека барам прошка. Сакам да се вратам дома. Потоа ги ничкоса очите, а Прошка и преку булото виде дека ѝ капнаа неколку солзи од убавите очи. - Не сакалдисувај се, чупо, мајчиното срце простува сè. Зоја чиниш наеднаш живна, ја крена пак главата, го тргна малку булото и срамежливо рече: - Ми се пријаде свинско... Потоа Прошка отиде кај мајка ѝ, кај окаената Лена Чочева, да ѝ го пренесе аберот. Лена залелека велејќи болно: "Боже мили, ја услиша мојата молба! Знаев дека ќе помогнат рисјанските мајови и унери. Секоја ноќ одев пред вратата на Али и ја прскав со црковна вода, а во авлијата фрлав разни работи, за да ѝ станат одвратни турските адети и нивната вера, и да бега, да се врати дома. Да се ослободи од проклетата маѓија!" Веднаш почнаа да прават план како да ја грабнат од куќата на Али. Лена го повика Вангел. Доцна вечерта, откако направи абдест, Зоја се потпре на пармаклакот од чардакот и мечтаеше, додека на неколку чекори од неа веќе сумтеше Али како заклан. Тогаш забележа дека некоја сенка се мерка пред куќата. Светна една кибритка и пак згасна, како онаа залутана светулка што ѝ влезе еднаш во авлијата. Зоја кроце слезе и се приближи до оградата. Го подигна лостот и ја подотвори вратата. Надвор, во бледата месечева светлина го препозна божественото лице на Вангел. - Вангел! - изусти таа исполнета со среќа. - Зоја... - Ах Вангел! Кажи ѝ на мама утре при првиот мрак да излезе кај каурската чешма. Толку сакам да ја гушнам! - рече Зоја со треперлив глас и нагло се спушти долу, му ги гушна нозете, стискајќи го своето лице во неговите колена. Вангел во привот момент беше зашеметен од постапката на Зоја, но веднаш се созеде, ја фати за рамената и ја исправи простум. Зоја како да се срамеше да се расплаче пред него, па бргу се искачи по скалите и се загуби во мракот на чардакот. Утредента, штом падна првиот мрак, Зоја ги зеде двата големи ѓума и тргна накај чешмата да наполни вода. Али, како и обично, уште не беше вратен дома, акаше негде по полето. Во последно време таа почесто одеше да полни вода од изворот. Кога стигна кај чешмата, таму немаше никого. Мрак и штама. Само шопурката шумеше со буен блик, како да не беше вода, туку светлина. Капките прскаа наоколу како зраци. Горе, обесена на небото висеше месечевата изедина, како сматна ламба со мувосерки. Ѕвездите зачкиваа, се жеравеа, слично на рој блештукави инсекти. Зоја се возбуди кога ги забележа милите сенки. Ги остави ѓумовите под шопурката да се полнат и со брзи чекори тргна угоре. По извесно време таа се најде во прегратката на мајка си, чии раце беа обвиени како бршлен околу телото на Зоја. Долго стоеја така, не можејќи да си кажат ни збор. Вангел стоеше малку настрана и тие му се видоа како две од памтивек меѓусебе сраснати пенушки. Немаше време за ништо, дури ни за солзи. Само душите им плачеа. Нивните две души и душата на Вангел. Зоја мораше веднаш некаде да најде засолниште и затоа бргу се разделија. Вангел тргна накај Света Петка, а двете жени слегоа во селото. Прво отидоа кај Мара на Гена Ширкова. Тропнаа на вратата, и кога Мара виде дека е Зоја, се плашеше да отвори. - Жити господ, отвори, Маро, ја молеше Лена. Ако нè фати Али, двете ќе нè погуби! - И мене тоа ќе ми случи ако ја најде во нашава куќа. Одете на друго место, - рече опсекливо испреплашената Мара. Одеа од куќа до куќа, но никој не им отвораше. Некои дури и ја навредуваа Зоја. Циљо Станишев подбивно ѝ рече: "Пули ја, пули ја! Си го тргнала зарот од суратот! Ај, тргни ми се од пред очи, вртиопашко, да не ја грабнам ластегарката и да те распердашам!" А Ганговица Трендова, штрбаво клештејќи се, ѝ засаска: "Не те примам зашто се потурчи! Си ја продаде верата, кучко една! Нашата куќа е чесна и православна!" Тогаш заминаа во Апоскеп, кај некои братучетки на Лена. Но и тие не сакаа да ја прифатат Зоја. Се плашеа да не им напакости разбеснетиот Али. Најпосле Лена реши да ја сокрие ќерка си во една напуштена плевна на крајот од Апоскеп. "Остани овде, гулабице моја, дури да најдеме некое друго чаре. Јас ќе одам дома, зашто Али со дружината прво ќе те бара кај нас. Утре ќе дојдам и ќе ти донесам облека и храна" - рече Лена, и бидејќи сето ова ѝ се чинеше како да е сон, без каков и да е страв, во ноќта, тргна прекутрупа за Сетома. Тукукшто се врати дома, некаде пред полноќ, на вратата чу силно тропање. Знаеше кој може да биде во толку позна доба. Отиде до вратата, се созеде, како некогаш, пред повеќе од две години, и праша: - Кој е? - Отвори, кучко! Ќе ве заколам сите! - грмеше однадвор громкиот глас на Али, бездушно тресејќи го каркелот, од што се нишаше целата куќа. Лена отвори, немаше друг избор. - Што е спаијо... - праша таа, правејќи се недоветна и спокојна. - Каде е, мори ќерка ти? - Не знам, спаијо! Јас веќе немам ќерка... Таа ми избега и ја промени верата. Али грубо ја турна встрана Лена и со фенер в рака се втурна во куќата. Надвор стоеше и Мидин, настаменет на својот коњ, а исто така, малку потаму, Лена го забележа и накмишениот и разорлавен Таир, крволочникот, кој се топореше на својата клучава кобила. Наоколу имаше и други коњаници. - Ќе ве заколам сите! - арлукаше Али, кој веројатно имаше главоболка, бидејќи место со чалма главата му беше обвиена со бела крпа што мирисаше на ракија. Неколку прамни му ѕиркаа накострешени и така изгледаше уште пострашен. Влезе во одајата кајшто лежеше баба Кузевица. Али ја зграпчи кутрата гавеста старица и почна оѕверено да ја дрмоли: - Каде е Зоја, мори караконџолке! - Не знам бре биро, јаска ништо не знам! Мене бре џанам, никој ништо, ести, неми кажва. Ни видов, ни чув, - се расцимоли жебуравата старица. - Жими вера, сите ќе ве кладам под нож! - викаше избезумен Али и како бунџоглава ала ја претресуваше целата куќа, редум ги расклапа долапите и сергените, излезе во тремот, ја дигна чекмата на амбарот, за да се впули внатре, потоа со еден замав ги преврте ноќвите, па ковчезите, што ги имаше направено Стојан и во кои се чуваше чеизот на Зоја, се растркалаа по душемето топови басма, клашни, астари, шајаци, чевриња, гајтани, дуљбени, плетени чорапи, вешки, макари, чебрази. Отиде и во килерот, и таму направи дармадан, разбоздиса две-три буриња и каци, најпосле, држејќи го високо фенерот, се качи на таванот, ги изрошка мутлите, низ капандурата излезе на покривот, газеше над слемето, се вѕираше де ваму де таму, фенерот трепереше, соседите се разбудија од викотниците, палеа ламби или свеќи, ги подаваа низ окната раскоштравените глави и се чудеа, и се прашуваа, каков ли е тој таласам со фенер што снове над куќата на Чочевци. Некои дури скришум се присламчија да видат што се случува, но аздисаниот Мидин и чулавиот Таир им свикаа да си се вратат дома. - Аман, спаијо! Ти се колнам дека Зоја не е тука, - пекаше Лена. - Каде е мори чолто! Ќе ви го истребам сојот! - викаше Али сиот разгорештен, давејќи се од бес. Од устата му излегуваше пена. - Кардаш, му викна однадвор Мидин, ајде да одиме на друго место. Јас знам каде се крие пилето. Мидин прво ги одведе кај црквата. Сега не се плашеа да стават нога во рисјанскиот божји дом, но кога таму не најдоа никого, Мидин им предложи да проверат и во Света Петка. Проверија, но попусто. Потоа го претресоа целото село, отидоа и во Апоскеп, кај братучетките на Лена, ама никаде не ја најдоа Зоја. Но на Мидин му падна сомнително и нешто друго. Никаде го немаше ни неговиот дин-душман, Вангел. "Аха, си помисли тој, сучејќи си го мустакот, ете каде лежи зајакот!" Своето шубе му го кажа и на Али, кој уште повеќе се возли. - Ќе го фатам, каде и да се крие, и жив ќе го гламјосам на шиш! Ташаците ќе му ги столчам, топрак ниеден! Се дрзнал да краде анамка! Потоа се сврте кон Мидин: - Како не те пуштив тогаш да му го пресечеш калпавиот аврет! 16. Следниот ден, токму на Крстовден, конквечеру, во Сетома дојдоа комитите. Али и Мидин ги јавнаа коњите и фатија думан накај Дупјак и Хрупишта. Сите Турци и гркомани се скрија во своите куќи и не излегуваа надвор. Се ѕуреа низ дрвените мушебаци и туртуреа од уплав. На сретсело, се топореа дваесетина до заби наоружани комити, со малихерки и кубури, со ками и реденици, со фишеклаци и фрчеви. Имаа бушарести бради и гавранести долги мустаци. Страв до коски да го фати човека. Како црн облак да се спуштил врз селото. Напред, на еден тупурест бел коњ, исправен и стамен, над сите се извишуваше познатиот војвода на Пополе, Иван Попов. Од очите му светкаа молскавици. Неговата бујна коса, иако немаше ветер се вееше во кадрави локни. Тој им даваше наредби на своите борци. Меѓу комитите само еден беше голобрад, со убаво светло чело, ванѕлив, узунест, и смајаните селани се стаписаа кога во тој прекрасен комита го препознаа селскиот пцалт и клисар Вангел Мијалков. Првпат Вангел така ашиќаре се појави во друштво на комитите. Војводата Попов заповеда сите селани да се соберат овде зашто сакал да им говори. По кратко време, препалени и жеравејќи се, тие се собраа во круг околу војводата и комитите. Неколку комити беа распоредени по разни ќошиња во селото. Скраја, стоеја двајца грамадни комити кои држеа две магариња натоварени со малихерки, како нарамници суварки. Попов само вртеше со коњот околу стожерот, небаре вршеше некакво невидливо класје. Потоа проѕуни громкиот глас на војводата, чунки се одѕиваше од скрките: - Селани, дојдов да ви кажам две думи. Ние се бориме за ослободување на Македонија. Кој сака доброволно нека земе пушка (и посочи со раката кон двете натоварени магариња) и нека излезе со нас да се бори, или да си ја држи дома пушката, за секој случај, ако затреба. Но не гибајте ги добрите Турци, туку ќе се борите само против душманите, против турскиот аскер и башибозуци, како и против андартските чети дојдени од Грција. Чувајте се и од арнаутските азбии. Ако не убиваме ние, нас ќе нè убијат. Имајте го тоа на ум! Толку сакав да ви кажам. А сега со ваш ум пресечете! Војводата со дружината по малку време се упати накај Шестеовската Бука. Со комитите заминаа и некои голобради сетомски момчиња. Во селото останаа само двајца комити, како стража, Дине Грежов од Тиолишта и Кољо Панго, родум од Шестеово. Тие им раздадоа пушки на селаните, кои ободрени се разотидоа. Двајцата комити се упатија накај куќата на куциот Таир, крволочникот, на кого со години му го собираа инаетот. Во турското маало владееше штама, како за време на чума или на некаков мараз. Комитите громовито затропаа со кундаците на дворната врата на Таира. Заклукаа и со 'рѓосаната жапка, небаре наумија да го расклапат черчевето сосе вѕиданото клепе. - Отвори Таире, џамбазу! - му викаа тие. Музафери ти дојдоа, бре, постели ја софрата! Кутриот Таир, сиот станат како жолток, отпрвина се направи како да не ги чул траскотењата и викотниците. - Слушаш бре, гидијо! Разбираш ли каурски или не? Отвори, зашто ќе те запалиме сосе анамки и максами! Не прави се глув, ако си чулав! Таир тресејќи се како лист на топола, виде не виде, најпосле им отвори, мазнејќи си ја косата и запетлувајќи си ја мулијата, сакајќи да им даде на знаење дека го изненадиле за време на џунуп, па затоа не им отвори навреме. - Бујрум, им рече тепкајќи со пола уста. - Море, ако си џимрија, покажи се еднаш саглам сајбија! - му рекоа комитите, шумно нагрвалувајќи во неговата куќа. Соседите ѕиркаа зад мушебаците, исцибрени како корупка од лимон. Влегоа двајцата стробјаци во гиздавиот селамлак, се курдисаа крснозе на меките миндерлаци, охо, велат тие, намигнувајќи си, а потоа, Дине Грежов шеретски му подвикнува: - Аман, бре, ова ли е муслиманска каршилама! Јазак да ти е тебе и на твојот турски шан! - Па, што ќе нè керасаш, душману на рисјаните? - подзема и Кољо. - Што ви сака душата... - тепка со јазикот и трепка со очињата, злогласниот душевадник, небаре на врвот од јазикот му излезе ештерица а на клепката јачменчок. "Баш овие бре, се погодија, анасана!" - мислеше Таир, намнисувајќи си на пакостите што им ги правеше со години на ред, кога му работеа ангарија и кога им го собираше бегликот за овците и козите. "Мав ми е работата..." - си велеше во себе и ѕемнеше од јанѕа. - Не чувме, што рече? - прашува серто Кољо. - Што ќе ви посака душата, чорбаџи... - повтори малку погласно Таир, не знаејќи каде да погледне. - Ние не сме чорбаџии, гламен Таире, му згрмнува Кољо Панго, туку комити, бре ајвану, баш-комити. Зар толку не пулиш? - Пулам, пулам, се тресе Таир, и си ги ука рацете, како да е сред зима. - Ајде, свари ни прво по едно кафе, заповеда Динето Грежов. - Утурнус, мемоли Таир и ѝ вика на жена си да направи кафе. Комитите, држејќи ги пушките на своите колена, се пулат наоколу во раскошната одаја. - Цук-цук! Многу азна си имал џанабет Таире! Како си ги спечалил сите овие билјури и јалдази, го зајадува Кољо Панго. Потоа тој стана, отвори неколку сергени и чекмеџиња и пак се сврте кон него: - Полни ти се орманите и чекмеџињата со џеваири, со мисури и со скап чамашир, а знаеме дека периз не правиш, да не си во карабет со некој ѓавол, бре караѓозу! А не си да речеш некој мастрафчија, твојот титизлук е познат во целава околија! Со што си го спечалил сето ова богатство, бре џелепину! - Со труд и со пот, да е жив Алах, одговара тој, жеравејќи се како на жар. - Каков труд и каков бакар, бре ќелешу! - му подвикнува сега и Дине Грежов. Азбија си бил цел живот и си ги крадел сиромасите! - Не, жими Алах... - мумелка тој, а во себе си мисли: "Бре, беља со луѓево, адапсази ниедни, ќе ми направат некаква дубара..." - Каков Алах, бре асијо, тука бог царува. Христос воскресна! "Е, сега го обравме бостанот!" - си помисли Таир и од жолт стана зелен, како жапката на портата; неговите чулави уши уште повеќе се собраа, па заличи на прле. Тогаш од мудбакот се чу крескав глас. Таир скокна и повте да влезе кај жената. - Каде бре! Кој ти даде изин да станеш! - му се закани со кундакот Кољо Панго. - Да го донесам кафето... - Седи мадро! - му грмнуваат двајцата комити. Малихерките ги имаа потпрено на кулчаците од ногавиците. Таир, како испопарен, пак се скукулува карши нив. Очите ги ничкосал и се пули вземи. Потоа, му скимнува нешто, ја пика раката во пазуварката и вади килибарни бројници, колку за да се занимава. - Анамката Таирица да го донесе кафето, вели заповеднички Дине Грежов, и го засукува својот гавранест мустак, црн како зифт, чиниш го имаше бојадисено со сурма. - Речи ѝ да ни направи чапраздиван, како што нашите жени им правеа досега на Турците. Таир, крпосан, како да пропадна в земја. - Викни ја анамката, што чекаш! - се развика и Кољо. Ќе остине кафето, па ќе ти го туриме на тилот! - Аман луѓе, имајте исав... - тепка сипкаво избезумениот Таир. - Сус бре! - удира Дине Грежов со кундакот по душемето. Иако е кибарно душемето, прав се дига од него. Како што рековме, така да правиш! На Таир му игра вилицата; најпосле собира сила и ја вика жената. Таирица кроце влегува, и под фереџето се гледа дека е исплашена, тасот со полните џезвиња и со филџаните ѝ се тресе в раце. - Пушти го врз софрата подавалникот и остани тука, да ни правиш диван, - ѝ вели Кољо Панго. Жената го спушта тасот украсен со шарби, и полека се исправа. Стои простум, гувее, им прави чапраз-диван на суровите комити. "Бре овие гороломници не знаат за шака" - си вели во себе Таир, а потоа молежливо им вели: - Нека си оди сега... адетот наш е друг... - Сега веќе не е турско, бре фушкијо! - го сече Дине Грежов. Чу ли бре чулавко, ова не е турско, туку дојде каурското време! Потоа стана и со еден замав го тргна фереџето од лицето на Таирица. Турчинката се стаписа, пожолте, си ја голтна плунката, но не гукна. Погледна во Таира божем од него да побара помош, но тој се беше фатил за главата, ни гледа, ни слуша. Дине Грежов и Кољо Панго почнаа да вртат цигари. Извади Кољо огнило, трат и кремен, штракна неколку пати и зачадија. - Ти не пиеш тутун, Таире? - прашува подбивно Динето Грежов и му намигнува на Кољо. Таир си ја држи главата во рацете, а не знае каде му е. Запелтечи нешто како не, не... Комитите полека, на тевна, си го пијат кафето и пуштаат валма чад од цигарите. - Бре серт тутун, вели Дине Грежов, како беговски бес. - Качак тутун е, затоа е толку серт, забележува Кољо Панго. Си муабетат така, тие, со усул, спокојно, време имаат бол. И туку ќе сркнеа одвреме навреме од филџаните. - Многу шеќер си ставила, мори Таирице, ја прекинува штамата Дине Грежов, оближувајќи си го мустакот, - сиромасите толку трошат за цела недела! Кољо погледнува кон стутулениот Таир: - Таире, ти остина кафето, нема ли да го пиеш? - Јок, одвај чујно процедува Таир. Тој во устата сеќава отров. - Де бре, де, што си се начумерил така! - го подбуцнува задорливо Дине Грежов. Едно време, како што стоеше диван, анамката наеднаш почна да се тресе. Таир ја гледа; душата му се кине и пак ги моли да ја ослободат. - Ќе ви дадам по една лира... - ѓучно им вели тој. - Зар толку ти чини анамката, бре стипсо? Таир првпат се вцрве откога му се натрапија страшните музафери, и гледајќи ту во жената, која сè повеќе трепереше, ту во двајцата дојденци, замумелка: - Ќе ви дадам по две лири, рече и пак му се врати претходниот изглед: пожолте, шафран се стори. - Таире, самсару! Гледаш дека сме мирни гости, ни биеме, ни ѓурултија дигаме. Зошто ни го расипуваш ќефот? Сакаме додека пиеме кафе и цигари, жена ти чапраз-диван да ни прави! - му вели Кољо Панго. - Е, гледаш ли како е Таире, се јавува и Дине Грежов, - зар добро беше, ести, што сте им правеле вие на нашите жени? И ние имаме 'рз, што мислевте вие? Сега знаеш како ни било нам тогаш! Кога најпосле го испија кафето и ги докрајчија цигарите, ѝ дозволија на анамата да излезе од зачурениот селамлак. Таа како зашеметена отиде во својата одаја. Тогаш Дине Грежов ја извади камата. Таир пак позелене. Убаво се виде дека тој се испомоча во бечвите. - Ајде да си одиме, за денес е доста, рекоа со скомраз двајцата комити и си заминаа, оставајќи го Таир сам со срамот. Вечерта во Сетома се случи уште нешто. Леко Петровчето го уби оџата Аљко. Тој со години имаше гарез на оџата и чекаше погоден момент да го казни, да му врати мило за драго, зашто алчниот оџа, правејќи некаква далавера со костурскиот тапиџија, му ја потомори најдобрата нива. Веста за страшната посета на двајцата комити кај чулавиот Таир и за неговиот голем срам, за черек час се прошири низ целото село. Муслиманското население стрепери од јанѕа. Сите се засолнија во своите меќани, вратите ги затворија со мандала и резиња, со заврници и сурмиња, со катанци и со лостови, ги затворија и капиџиците, и аркапиите, и капандурите. Само оџата Аљко не се исплаши. Топорејќи се фодулски, за да им даде пример на другите муслимани, тргна накај џамијата и се качи на минарето да си ја врши службата. Одозгора светот му изгледаше поубав, помирен, луѓето помалку опасни, поситни, просто да ги сожалува човек, особено човек набожен и милостив, каков што беше тој. Единствено нешто што му ја заматуваше таа слава и предност светот да го набљудува од птичји опул, беше проклетата селска камбанарија, и тоа не толку поради висината, зашто неговото минаре за два и пол сажни се наткреваше над христијанската градба, туку затоа што кога почнуваше да го пее езанот, повикувајќи ги своите верници на молитва, оној едапсаз селски клисар Вангел Мијалков, истовремено, безбели за инает, побесно ја биеше краставата камбана, за да го заглуши неговиот глас. "Така ни треба, си мислеше намусен оџата, кога ѝ дадовме право на рајата да си изгради своја црква! Нели Алах е единствен, значи треба да има и една црква, муслиманската џамија! А случајно да не им помага нешто нивната камбана? Пак се топуци и торлаци! Само главата ни ја забучува тоа ѓаволско ѕвечало! Е, само во ова згрешил, чинам, нашиот премудар султан. Но, којзнае, можеби го присилиле рисјанските џенабети, кои сè повеќе почнаа да креваат глава! Туку, ајде ја да си ја вршам својата работа, а за тоа друг нека бере гајле..." Кога оџата се качи на галеријата од минарето, и со чувство на господар над целиот крај погледна наоколу, правејќи три круга под позлатениот алем, пред да го викне езанот, начу некаков шум на скалите под галеријата, но си помисли дека е тоа сигурно некоја мачка или глушец, па го почна акшам-намазот со зборовите: "Алаху-екбер!", извикувајќи ги четири пати, притоа правејќи четири круга на китнесто оградената галерија. И кога почна да го прави петтиот круг, оџата сети како едно цврсто менгеме го стегна за рамената, не му даде ни да здивне, ни да крикне, а следниот момент го џитна од минарето, и оџата пласна со тапав шум наземи. Турците замандалени во своите куќи, штом го чуја оџата да ги повикува на вечерна молитва, веднаш почнаа да се клањаат и да ги повторуваат довите на кои ги учеше тој, но сите се стаписаа кога по четвртото извикување на "Алаху-екбер", залудно го чекаа следниот повик "Ешхеду ен ла-илахе ил-алах". Оџата замолкна. Дури по извесно време, откога ги чуја викотниците кај џамијата, тие сфатија дека се случило некакво зло. Повеќемина од нив истрчаа таму и што ќе видат: оџата лежеше сплескан и во лочка крв. Некои изустија: "Алах икме! Кутриот умре од бога!" Но оние Турци на кои повеќе им сечеше умот, знаеја дека и ѓаволот можел во таа непогодица да ги замеша прстите, па аздисаа. Некои дури и почнаа да им се закануваат на каурите дека ќе им ги запалат куќите, ќе им го уништат имотот и ќе им ги погубат децата. Затоа, враќајќи си се дома рисјаните добро ги затворија и ги залостија портите. 17. Откога остана само во напуштената плевна, Зоја се почувствува бескрајно снемоштена и замелушена од умора. Наеднаш толку беше напуштена и отфрлена од сите во една таква неприлична и грда положба, што ѝ се присемни дека се наоѓа на самиот почеток на светот, во некое диво, првобитно време, каде што не владеат човекови закони и ред, туку свирепи, ѕверски инстинкти и алчни, крволочни пориви. Одненадеж на грбот сети студен тласок; во очите ја боцнаа чекулци како со денови да не спиела. Клекна ничкум наземи и почна чипаво, несмасно да си прави постела од слама. Потоа легна, ги замижа очите, но никако не можеше да заспие. Животинскиот уплав со илјада морничави осилци ѝ проникнуваше до коските. Веќе не си го сеќаваше телото, целата беше вкочанета и бездвижна. Густата темница и напнатата штама, соединети во едно, имаа добиено некаква спотаена тежест, па силно ѝ ги притискаа градите, ребрата, зглавките и глезните. Кога во Сетома дојдоа комитите со војводата Иван Попов, Лена го искористи бегството на Али и Мидин во Хрупишта, на ѓутуре наполни една бовча со облека и храна и поита накај Апоскеп. Некој да ја видеше оддалеку, ќе помислеше дека таа лета на невидлив ат. Завчас го префрли ридот што ги делеше двете села и што беше наконтен со стурени лозја, како полни дисаги, со по некој утар, и по некој прегар без слогови, а со суви пенушки и резници. За да го скрати патот Лена минуваше и низ лозјата, ги прескокнуваше плетовите од трња, кои ѝ откинуваа парче од волнената облека што остануваше на шилецот од тељот или на трнушката, како тулупчиња руно кога минуваат овци; и најпосле излезе кај скржавите стрништа и на стремот над селото, а кога стигна на прагот од плевната, веќе беше свечерено, и последниот блед гајтан од светлина половеше на сртот од коријата; Лена погледна назад и штом се увери дека никој не ја следи, ја турна кроце вратата, која не беше залостена и влезе во полумрачната просторија. - Зоја! - викна таа тивко. Никој не се оѕви. На кутрата мајка ѝ запре здивот. Потамина се доближи до оној ќош на плевната, зад вилјаците од сено, слама и лисник, кајшто ја остави синоќа. Кога ја виде, ѝ се успокои срцето. Зоја безметежно спиеше врз постела од сламки и лисја, како во кукавичино гнездо, со рацете меко поставени на гради. Зоја нагло се тргна од сонот, и повеќе насети отколку што чу дека некој се присламчил до неа. - Јас сум, ѝ шепна мајката. - Ах! Малку придремнав! - изусти Зоја, успокојувајќи се. Лена брзоплето ја одврза бовчата, извади еден дамаџан опточен со гајтан и чичек, потоа нејзината сакана саја и друга топла облека, а најпосле измолкна и една паница со сирење и маслинки, како и парче пресник; го спростре губерот што го носеше под мишка, врз него посла чисто бело чевре, ја стави паницата и ѝ даде знак да јаде. Зоја, гладна цел еден век, со граблив ламтеж се нафрли врз јастието што ѝ се стори превкусно, како најслатка господска гозба. Од кога немаше каснато мајчинска храна! Лена извади од бовчата и една буклија со вода, ѝ ја подаде, а Зоја пиеше со полно грло и дури до дното на душата почувствува освежување и закрепнувачка преснина. Кога се навечера, длабоко воздивна. Лена клекна до неа и ја гушна. "Пуста мајчинска душа, си помисли Зоја, колку е голема, колку е милосрдна, колку проштевна!" Зоја ја прегрна цврсто мајка си, со бескрајна љубов, како во најраното детство, во времето на совршената невиност, кога чувствуваше дека е неразделен дел од неа. Посака да останат двете во оваа вечна блажена прегратка. Но тогаш мајката се тргна, иако и во неа тлееше истиот инстинкт, да остане трајно во тоа возвишено единство, во тоа најсвето душевно сплотување со својот единствен плод, со цутот на својата утроба. Зошто се случува така, и зошто е таа свирепа казна, созреаниот плод наеднаш да се откине од родната гранка! - Треба да си одам, рече мајката и со неизречна болка почувствува како некаков невидлив посек ја кине светата нишка, оној магичен јаток што го поврзува папокот со утробата. - Ќе ти најдам некое посигурно место за криење од Али, додека не му помине бесот. Сакав да го замолам Вангел, да ти помогне, но тој отиде денес со комитите. Сега засега овде си безбедна. Утре ќе дојдам пак, - рече Лена и насобра в срце многу храброт за да може да си замине. Зоја се криеше од Али иако сега се прашуваше дали тој воопшто постоел во нејзиниот живот. Го чувствуваше далечен и сè што имаше меѓу неа и него како да беше кошмарен сон. Врз нејзината душа падна потполн мрак. Поминаа неколку дена, но Лена не можеше да најде подобро засолниште за Зоја. Никој не сакаше да ја прими во својот дом таа убава грешница. Али, кој со својот побратим Мидин пак се врати во селото, не ѝ даваше мир на Лена, ја тормозеше, ја демнеште по цел ден, за да ја надушка трагата и да го открие тајното дувло на Зоја. За среќа, во селото сè почесто доаѓаа комити, па Али беше принуден да се крие, и тогаш таа го користеше неговото отсуство и одеше кај Зоја, ѝ носеше храна и абер за настаните во селото. Најпосле, Зоја мораше да се помири со таквата неволничава судбина и наеднаш почна да прилега на вистинска испосничка, истовремено добивајќи црти на возрасна жена; моминскиот изглед веќе беше исчезнал од нејзиното лице, но беше останата нејзината убавина; па дури доби и извесна таинствена, светечка убост што се случува по големите страдања. Еден ден, одненадеж во плевната влегоа неколку наоружани мажи, со неуредни бради и со вкрстени реденици. Зоја се острелуши. Тие зборуваа на јазик од кој таа одвај одбираше по некој збор. - Тук Èе прекараме ноÈа,1) рече нивниот водач. - Добрè капитане,2) се согласија другите пет души. Капетанот се вслушна. Нешто му стана шубе. Потамина, со помошта на некое чудно сетило, тој почна да се приближува накај местото каде што се криеше Зоја. Сламата шушна. - КоŸ? е там! - извика капетанот. Веднага излÔгваŸ, задèто Èе стрелÔм!1) Зоја виде не виде, целата треперејќи, излезе од скривалиштето. - Охо, каквì Ôребица!2) - изусти капетанот Се собраа и другите и вчудовидено гледаа во исплашената убавица. Им се чинеше дека гледаат вистинска самовила. - Всички вÍн!3) - им нареди капетанот. Потоа се сврте со особена љубезност кон Зоја: - А какво правиш тук, хубавице?4) - А? - стори Зоја, не разбирајќи го добро. - Шо правиш тука, го повтори прашањето еден од војниците, со чист македонски акцент, веројатно Македонец. Драгоман. - Се кријам. - От кого? - Од Турците! - Од Турците! - извика капетанот. Не боŸ се, ние Èе те браниме од клетите Турци, НиŸ сме БÍлгари, вÍрховисти. ДоŸдохме да ве освободиме!5) Ја измери од глава до пети и се восхити од нејзината ретка убавина. - Как те казват?1) - А? - не го разбра Зоја. - ТвоŸто име? - Зоја. - Зоја! Хубаво име. Аз се казвам БоÔн.2) - Бојан? - повтори Зоја. "По нашински личи, не е турско, ни грцко", си помисли таа. - Не боŸ се, ниŸ БÍлгарите сме тук. …е ги изпÍдиме Турците непремèнно!3) Ја погали по русата долга коса, потоа по вратот, најпосле, лесно и божем утешно, ја прегрна. Зоја потрепери. Првпат, по Али, ја милуваше друга машка рака. Кожата вмиг ѝ се наежи. Капетанот возбудено почна да ја бакнува по лицето. Зоја отпрвин сакаше да се тргне, или да го гризне, но не презеде ништо. Некако ненадејно ја совлада тој галежен допир по телото. Ја јавнаа непознати морници, главата ѝ се замелуши, но веќе следниот момент со сета сила го турна од себе разгорештениот капетан. Тој пак се загна кон неа, но тогаш надвор се чуја истрели, и капетанот, алчно погледнувајќи ја уште еднаш Зоја, ја напушти плевната. Кога падна мрак, Зоја со страв очекуваше секој момент да се појави Бојан. Но наместо него, ненадејно слушна други гласови. Зборуваа на јазик сличен на нејзиниот, но таа пак не го разбираше добро. - А бре Гојко, бог те убио, где смо сада? Које је ово место?4) - Не знам, богме, капетане Милан, изгубили смо се, а знам да смо далеко од наше чете. Добро нам је говорио онај старац, кога смо срели малопре, да смо овде на погрешном путу, требали смо иÿи према север, а не према југ.1) - Ала је ова нека проклета земља, рече третиот, јеботе бог, човек не зна од кога више да се боји, од турске патроле и башибозуке, од андартских, арнаутских и не знам од које каквих још чета и четника! Мајке ми, овде можемо и главу да изгубимо, него дајте да што пре на—емо пут и да се вратимо куÿи. Нема ништа боље, море, од моје Шумадије, добре шљивовице, лепе цуре, мирно село, рај божји. Ово овде је бре прави пакао! Не знам шта су толико запели наши владаоци - Македонија, па Македонија! У реду, не да није лепа, прелепа је, али шта вреди!2) Милан ги начули ушите. –ути! - шепна тој. Има неког у плевњаку.3) Ја открија Зоја. - А, голубице! Шта ти овде радиш?4) Зоја препалена ги гледаше новодојдените, слични се како вчерашните, но сепак други. Нешто разбира од нивниот јазик, но не сè. Повеќе по инстинкт го разбира прашањето. - Се кријам од Турците, изусти потоа. - Бојиш се Турака? Немој више да се бојиш, ми смо ту. Ослободиÿемо вас, и од Турке, и од Арнауте, и од Грка.1) - Ќе нè ослободите? Кога? - Него де реци, ја прашува друго капетанот, како се ти зовеш, лепојко?2) - А? - изусти Зоја не разбирајќи го сосем прашањето. - Твоје име, рече Милан. - Зоја. - Зоја. Богами лепо име. А и ти си права лепотица!3) Тој им намигна на своите придружници да излезат. - Иза—ите, бре, шта сте се укочили ту? Чувајте стражу вани! - им заповеда. Да не наи—у изненада фалангисти, па да нас покољу као овце!4) Милан нежно ја фати за рака Зоја, како вчера Бојан и ја прегрна. - Не бој се,5) ѝ шепотеше, и раката ја пикаше меѓу нејзините меки бутини. Зоја се отимаше, се обиде и да го удри, да го касне, да го турне, но набргу беше совладана од допирите на мажот, кој ту беше нежен, ту груб и див. Тој беше убав и кибарен човек. - Што си ти? - праша таа чувствувајќи се слаба. - Ја сам Србин.1) - Србин, изусти Зоја и веќе го сеќаваше во себе врелиот напир на неговата машкост. Оф, изусти таа и несвесно се фати за него. По целото тело ѝ пројури чуден трпнеж. - Појешÿу те... - шепотеше замелушен мажот; растуриÿу те! толико си слатка...2) - Полека, му викаше Зоја, држејќи го цврсто. Го клоцаше, го касаше, го гребеше, но не сакаше да се оддели од неговиот бодеж. - Лепо ти је, а?3) - мрмореше Милан и се напрегаше, небаре постојано пикаше дрва во распаленото огниште, што го спотнуваше со својата вжештена маша. Но тогаш откај влезот на плевната некој викаше: - Капетане, брже, брже, устај, долази нека андартска чета. А можда су и Арнаути! Брже!4) Милан, претпочитувајќи го повеќе животот отколку сладострастието, наеднаш скокна, си ги подигна панталоните, си ја запетла мулијата, го опаша кожниот ремен со пиштолот, ја крена од земја својата шајкача и ѝ рече на Зоја: - Опет ÿемо доÿи...5) И излета од плевната како куршум. - Јао, каква жена! - им велеше Милан на другарите, забревтано бегајќи накај скрката. Морамо се опет вратити по њу...1) По извесно време Зоја слушна нови гласови во плевната. Нагрвалија десетина мажи, исто така наоружани до заби и зборуваа грчки: - Pou eimaste bre Petro;2) - праша едниот, кој им беше како водич. - Gamot', nomizw pwV caqikame, kapetan Giwrgo.3) Јоргос ги начули ушите. - Кој има внатре? - викна тој, нишанејќи во темницата. Зоја се исплаши и излезе. Сите се стаписаа од нејзината убавина. Тогаш капетанот им нареди на другите: - Сите надвор! Потоа ѝ се приближи на исплашената Зоја. - Со праис тука? - ја праша капетанот на калпав македонски јазик што го беше научил на некој андартски курс колку за да се разбира со мештаните. - Се кријам. - Од кој? - Од Турците. Почна нешто да ѝ зборува на грчки, но кога виде дека Зоја ништо не разбира, пак сврте на македонски: - Не пласи се. Нија сме тука, разбирас, да ослободиме Македонија. Како се викас? - Зоја. - Грцко име, рече тој. - Македонцко е, му вели Зоја. - Лепа цупа си, ѝ рече потоа капетанот. Таа се вцрве. Ги наведна убавите очи. - Лепи оци имас... Таа го погледна. Беше строен, узун маж. Имаше мала брадичка и танки мустачиња. Тој направи еден чекор кон неа, ја погали по русата коса и почувствува ненадеен копнеж. Потоа ја погали по образите, по рамењата, како да ѝ всадуваше морници по целата снага. Зоја инстинктивно се изви малку, за да се одбрани, но тој веќе цврсто ја држеше. - Капетане, капетане! - се чу еден сипкав глас, како да доаѓаше оддалеку, дури од неговиот роден остров, од Крит. - Што се случува? - Доаѓаат Арнаутите! Скокна капетанот, си го стегна ременот ја стави капата со сјајната челенка, ги опаша редениците, ја зеде дуљбијата, го настамени и пиштолот и истрча од плевната. "Бре, што жена е оваа?" - си велеше андартинот и иташе, сопкајќи се, по својата чета. По кратко време Зоја чу неразборни и груби гласови. Се вслуша повнимателно; не можеше да разбере ни еден збор. Отиде до вратата, ѕирна низ глуждливото окце, виде седум-осум скоклести стробјаци, чудно облечени, во бели фустанели и со широки црвени појаси од сукно, до заби наоружани со кубури и ками со кожни патрондаши и со малихерки. Носеа бели, шајачни потури, со тесни пртеници, а на нозете имаа шилести опинци, стегнати со дебели опути. На главата имаа бели ќепиња. Грабливо се пулеа и посочуваа лево-десно, се договараа нешто, потоа едниот од нив, несмасен и измрсен дангалак, тргна накај плевната. Зоја веднаш се скри во купот од слама и ѝ сопре здивот. Уплавот ѝ се вовре во коските. Таа првпат сети гроза и одвратност од мажи. Кои беа тие, од каков сој? Очекуваше да ѝ се случи нешто најлошо. Низ една мала проѕирка на сламата, виде како страшниот натрапник ја подотвори кроце вратата од плевната, која болно скрца со 'рѓосаните шарки, потоа направи еден чекор навнатре, а другата нога му остана надвор. Во едната рака држеше голем кубур, во другата му светкаше остра кама. Тој ги подзамижа очите, за да види подобро во полутемнината и ги начули ушите. Вратата полека престана да скрца. Откога се увери дека нема никој, туѓинецот направи уште еден чекор, па и другата нога му беше внатре. Зоја го слушаше неговото диво бревтање; тој се наоѓаше на неколку чекори од неа. Снопчето светлина од баџата токму паѓаше врз неговото лице, со остри и искривоколчени црти, со нададени ливотни вилици и со напупчени јаболчници; веѓите му беа како густа четина, мустаците накострешени, брадата бушареста, а очите во длабоки глобови, па како што ги имаше подзамижано, прилегаа на празни длапки; носот му беше издаден, клунест, а ноздрите раширени и растреперени како на дивеч, кој и без да го види, ќорлемечки го насетува пленот. Зоја ниту со око не шавнуваше; доволно беше едно клепнување со трепките, и тој ќе ја откриеше и ќе ја расчеречеше. Стробјакот направи уште два чекора; сега веќе таа му беше на дофат. Падна една сламка, тој кучешки трепна, се острелуши, виде дека е само сламка, се вѕре во купот од слама, сламата не дишеше, а потоа се врати накај излезот, ширум ја отвори вратата, таа пак чкрипна, и тој излезе надвор. Дури тогаш Зоја зеде воздух, зашто долго време беше нурната во стравот. Наеднаш се осмели, излезе од сламата, се истресе, повторно го залепи окото во глуждливото окце на вратата и виде дека тие, налик на огромни, исполински чапји, обѕирајќи се наоколу, клапушесто тргнаа накај првите куќи од селото. Таа сосем смрлушена поради згрозеноста од непознатиот, потамина отиде до своето скришно легло и длабоко воздивнувајќи, се спружи да оддивне. Кога по извесно време стана, надвор одново ги слушна неразборните и диви гласови. Пак стана, отиде до цепнатината на вратата и тогаш виде дека тие беа седнати вкруг под една грчава горница и алаво го лапаа привлечниот плен што го зеле од некој кокошарник во селото, откаде што се слушаа лаежи загушени во блиските пуздерки. Гледајќи им ги раздвижените џвала, на Зоја ѝ се стори како тие да расчеречуваат со светкавите ножеви и со лигдавите раце живо месо што го јадеа во јадри чопенки, без да го џвакаат, голтајќи го направо. Од прстите им капеа румени капки крв, а во воздухот се вееја пердуви. Тие јадеа наврапито, разграбливо, на штрек, како да немаа многу време. Потоа еден од нив извади од торбата глембава полна мешина, си ја подаваа од уста на уста и ја цицаа алчно, како откината, полнокрвна женска боска, бидејќи по нивните бради не капеа беломлечни, туку црвени капки, што си ги бришеа со маслосаните ракави. Сепак, си помисли Зоја, можеби не беше крв, ами румено вино она што им капеше од прстите. Помамно наднесени над суровото, но сигурно слачно јастие, тие изесници со ѕверски лица и со кожувчиња на грбот, на Зоја, која бревташе од јанѕа, ѝ се гледаа као да беа полулуѓе. Размрданите челусти им штракаа, како 'рѓосани запчести менгемиња; мласкаа шумно, како да ги јадеа и коските, што крцкаа меѓу нивните заби. Двајца од нив, гавесто клештејќи се, при што им паѓаа слинките, тргаа голем јадец, не, тој јадец не можеше да биде од еребица, си мислеше Зоја ниту од јаврија, ами од некој ѓерест петел или од крупна јамбол квачка. Извадија уште една надуена боска и пак си ја подаваа од уста на уста, ја мускаа нејзината грлашка, како да свиреа на тушник од безгласна гајда, и крвта или виното клокотеше во нивните грла, а оревчето на гркланот им се креваше и спушташе, како јазлестиот тилник на старите жебурави мисироци. Со ножевите или со чатлите на своите прсти го боцкаа расчереченото месо и си го колкаа во устите, како да немаа дуј и насит. Тоа не им беше доволно, ами од своите тагарчици и од пазуварките извадија и некакви зрнести јастија и плодови, слануток, сушени ѓузлемиња, тарана, па дури и јарма, пченкарни грумаци, глогинки, желади, колумбри, сирки, најпосле, еден од нив стана, ја затресе чкорлавата горница, зашуме дожд од дробни плодинки, слично на ненадејни градушки, ги наполнија грсниците, потоа пак ја грувнаа жулавата горница, како витлавица да ја свиваше и одново се чу шуморењето на градобитницата. Откога ги иззобаа и жудливите горници, собирајќи ги усните од скомина, крвожедните месојадци, како во некаква исконска гозба, пак се настаменија вкруг, измолкнаа тутун од кожните тутунарки и завртеа цигари, што ги палеа со огнило и кремен, како што правеле дивите луѓе. Најгрозниот меѓу нив, оној што преѓеска влезе во плевната, одеднаш скокна, како да му скимнало нешто во главата, ги отпегна рацете и пак тргна накај плевната, но по неколку чекори, скршна малку настрана и застана меѓу еден густ капињак и една глогинка стурена од црвеникави плодови, налик на капки вино. Другите останаа да седат крснозе, околу некаква невидлива софра, страсно пушеа и наеднаш го зачурија целиот воздух, како да имаа запалено оган од рошки. Тој што застана зад капињакот, ги отпетла своите груби бечви, ја рашири мулијата, светнаа неговите бели гашти и како од канелка на бочва, шурна жолткав блик. Од препал се стресе една сачка од глогинката и светрум одлета едно муштриче. Стробјакот одненадеж се наведна и зграпчи еден смок што се измушна од капињакот. Зоја ги замижа очите, не можеше да гледа. Кога таа повторно ги отвори очите, огромниот мажјак веќе го имаше задавено смокот и беше тргнал накај другите, поревајќи се малку во чекорот, некако исцрпен, но и олабавен, се одрешија во него некои длабоки нагонски јазли, па се истргна наземи и за зглавје си ги стави двете ковчести тупаници, ги склопи очите и сигурно заспа, зашто оддалеку се слушаше неговото 'ркање. Кога се свечери, тие станаа, ги растресоа од трпкавицата своите мускули, ги оптегнаа чапардите, си го подигнаа одземи оружјето и влегоа во соседната плевна, која беше понова и поспастрена. Оној што ги вадеше мешините од торбата, остана надвор, веројатно да чува стража, се навали на черчевето од вратата, која ја оставија отворена, па уште некое време се слушаа однатре, како да напираа од мрачна пештера, нивните неразбирливи гласови. Надвор веќе сосема се стемни, месечината ја запали својата ламба, ѕвездите бесшумно се зажеравија по целото распнато кубе на небото, штурците почнаа да црцорат, во блискиот честар кресна една сојка. Начасничавите и безразлични звуци на ноќта, полека-полека го исполнија сиот мрачен свет. Зоја се чувствуваше бескрајно осамена и повторно ја обзеде стравот од првата ноќ што ја помина овде. "Утре ќе станат гладните месојадци и ќе ме расчеречат, како јарица, или како чопенките на петелот и на големата квачка!" - си мислеше Зоја. Се сети дека во плевната имаше еден стар 'рѓосан анџар. Наџбара во темнината и го најде. "Не, на овие нема да им се дадам си мислеше, ако треба, ќе умрам". И го стегаше во раката студениот анџар. Лежеше но не можеше око да склопи. Цела ноќ беше на штрек. Порано само инстинктивно се плашеше од мажите, но сега, покрај огромниот уплав, имаше чувство и на бескрајно гадење. Дури во мугрите заспа, но наскоро се пробуди од дивата врева на разбојничката глутница. Додека да трепне над неа, расчекорен, со светнати очи и со ѓаволска насмевка, стоеше грозниот стробјак.Тој ја сврте главата накај вратата и им викна нешто на другите натрапници, кои стрвно нагрвалија накај неа. На нивните лица заиграа сперливите црти на похотливи животински инстинкти. Испуштаа некакви неартикулисани диви гласови. Во тој момент некаде во близината се чуја истрели. Оѕверените мажи со белите ќепиња стрепнаа, ги начулија чулавите козји уши и за миг останаа како зграгорени. Зоја ја искористи нивната недоумица, го зграпчи 'рѓосаниот анџар и се втурна кон излезот; но глембавиот разбојник, оној кој сношти чуваше стража, со два скока ја стигна и ја истурка назад кај леглото. Двајца се фрлија врз неа, но Зоја успеа да се оттргне и ја крена високо раката со анџарот, за да си го забие во градите. Тогаш првиот стробјак се загна и ѝ ја зграпчи раката; од нејзината рака падна анџарот и Зоја ги затвори очите, за да не види што ќе се случи. Само ги слушаше несмасните гласови, што се раправаа, кој прв ќе легне над неа. Цврсто ѝ ги држеа рацете и нозете, не можеше ни да мрдне. Кога се почувствува сосем беспомошна и изгубена, и кога потоа сети еден одвратен бездлив здив што се бижеше кон неа, одненадеж се чу истрел и до неа падна еден тежок труп. Зоја ги отвори очите и го виде стробјакот, кој веќе ги имаше турнато бечвите, како лежи, вкочането, со крвава дамка на градите. Другите, кога го чуја истрелот и кога падна нивниот водач, избезумено нагрвалија накај излезот од плевната и ја спраштија надвор. Тогаш таа го виде Вангел со два пиштола во рацете, пукаше и викаше по нив. Зоја застана на прагот и гледаше. Разбојниците бегаа како споулавени, нагоре по трапот, накај каменестата скрка. Од силно бегање краиштата на нивните фустанели се дигаа високо, им ги покриваа главите и потсеќаваа на перчелници од ветерница. Повеќе не се виде на каде фатија; се загубија во капињакот. Зоја силно му се фрли в гради на Вангел и го прегрна. Тој првпат го сети нејзиното прекрасно тело, како дише обесено на неговите гради, се замелуши, ги склопи очите и за миг почувствува неискажлива сладост. Зоја сеќавеше дека нема право да го допира овој чист и свет човек, но уште посилно се впиваше во него. Вангел беше дојден овде за да ја одведе и да ја засолне оваа мила девојка во црквичето Света Петка, и таму, така тој чувствуваше цело време, со својот живот докрај да ја брани нејзината душа. По половина час, пробивајќи се низ копачината на коријата, тие стигнаа до црквичето. Вангел отклучи и влегоа внатре. Зоја редум почна да ги бакнува иконите, а Вангел ја гледаше возбуден. Таа се добижи до него, молчеше и трепереше. Се гледаа во очите без да трепнат. Колку убава беше Зоја! Колку убав беше Вангел! Светлината на кандилото призрачно ги осветлуваше иконите по ѕидовите. На најголемата икона беше претставена света Петка, а Зоја се стресе од нејзиниот строг и упреклив поглед и од нејзиниот блескотен меч. Вангел дотури масло во кандилото кое зеде задушка и се засили. Пламенчето заплапоти како разиграно јазиче. Тој знаеше дека е гладна и ѝ понуди храна, а таа веднаш почна да јаде, без да се прекрсти. Се сепна, бојазливо погледна кон Вангел, кој беше восхитен. Нејзе ѝ се стори како да ја прекорува, брзо се прекрсти, а тој се насмевна. Таа продолжи да јаде. Вангел ѝ подаде и матарка со вода; се напи неколку голтки. Кога Зоја заврши со јадењето, Вангел ѝ рече: - Јас треба да одам сега, легни си на скамијата и спиј; ќе се вратам бргу. - Остани со мене, - го замоли таа одвај чујно. Тој сакаше да остане со неа, да ја гледа, да ѝ се восхитува, но мораше да замине. Во Шестеовската Бука го чекаа комитите, тој им носеше абер од селата. - Се плашам да останам сама, рече Зоја. - Тука е света Петка. - Токму од неа се плашам... - Таа знае да простува! - рече Вангел, погодувајќи ја нејзината мисла, а истовремено како да сакаше да ѝ го искаже и своето мислење преку лицето на светицата. Потоа тој излезе, Зоја ја залости вратата, го зеде кожувчето од скамијата, го посла под иконата на светицата, клекна пред неа и почна да се моли, "Ако треба, пресечи ми ја главата, мемолеше таа, убиј ме, сега веќе не се плашам". На 18 октомври 1912 година, по повеќе договори и тајни анекси за поделба на Македонија, сојузничките балкански држави Бугарија, Србија и Грција ѝ објавија војна на Турција. Српските и бугарските војски, настаменети на северната граница на Македонија, дејствуваа под заедничко заповедништво на српската врховна команда. Српските трупи своите дејства ги развија во две основни насоки. Третата српска армија се движеше по реката Лаб кон Косово Поле, та потоа по долината на Јужна Морава од Врање кон Куманово и Скопје, и понатаму по Повардарјето. Источно од Првата српска армија дејствуваше Втората српска армија во насока на Ќустендил, Крива Паланка, Страцин, Кратово и Штип. Во нејзиниот состав се наоѓаше и Седмата бугарска Рилска дивизија, и тоа по текот на реките Струма и Брегалница, во насока на Солун, каде што се составија двете групи. Во прочистувањето на Македонија од турските војски најжестоки битки се водени кај Куманово и Битола. По битолската битка турската војска во безредие се распадна. Еден нејзин дел се разбега кон Струга и Албанија, а поголемиот дел, преку Лерин и Воден, се повлече кон Солун и натаму, низ Тракија, кон исток. Српската војска гонејќи ја турската, преку Косово и Метохија, на запад стигна до Јадранско Море. Другиот нејзин дел низ Македонија допре до Лерин и Гевгелија, каде што се состана со грчката и бугарската војска. Така, во текот на октомври, српската војска го окупира вардарскиот дел од Македонија, а бугарската војска цела Источна Македонија од Средното Повардарје до реката Места и до бреговите на Егејско Море. Грчката војска, во помали судири со остатоците на турската војска, се движеше главно во две насоки: на север кон Лерин, со цел да ја зафати Југозападна Македонија, и кон Солун, за да го заземе Долното Повардарје. Првиот дел на грчката војска стаса до Лерин и до планините Ниџе и Кожув, а вториот дел од Гевгелија, каде што се сретна со српската и бугарската војска. По енергични дипломатски барања на грчката влада, француската влада му нареди на својот конзул во Солун да му дозволи на Константин Рактиван да влезе во градот и да воспостави грчка власт. Во исто време и штабот на бугарската војска, на чело со генерал Тодоров, се смести во Солун и настојуваше да воспостави бугарска власт во градот. И српскиот воен штаб направи обид да се смести во Солун, но соочен со присуството на бугарските и грчките војски во него, се повлече, а под притисокот на грчката влада, отстапи и од Лерин. Неколку врховистички чети се обидоа да навлезат во Југозападна Македонија и да воспостават бугарска власт, но поради присуството на грчките војски во тие краишта, тоа не им успеа. Така, за месец и пол, Македонија се најде окупирана и раздробена од страна на сојузничките српски, грчки и бугарски војски. Веднаш по прогонувањето на турските војски и власти од Македонија, српските, бугарските и грчките воени власти се зафатија со формирање привремени воено-полициски и управен апарат на теренот што го окупира нивната војска. Во натпреварот за завладување колку што е можно поголема територија во многу македонски градови и села беше воспоставена заедничка власт во вид на двоен, па и троен кондоминиум. Во Гевгелија владееја тројцата окупатори; Струмица и Штип ги држеа српските и бугарските власти, во Солун и во неколку села меѓу Кукуш и Орфанскиот Залив постоеше грчко-бугарска управа. Новите воено-полициски и административно-управни власти во трите дела на разделена Македонија, беа доведувани од предвоените предели на Србија, Бугарија и Грција. Пред објавувањето на војната на сојузниците против Турција, во Пополе, во Корештата и во цело Костурско крстареа разни туѓи чети и разбојнички дружини, кои вршеа грабежи и злосторства по селата и сееја страв и трепет меѓу населението. Зоја, засолнета во црквичето Света Петка, живееше во постојана неизвесност и јанѕа, иако Вангел сè подолго остануваше со неа. Дури понекогаш се задржуваше и по цела ноќ во црквичето, и таа, правејќи се дека спие на постелата од губер и кожув, го гледаше како пред треперливото светлинче на кандилото прелистува некакви хартии и тетратки, што потоа ги криеше внимателно. Еднаш, кога Вангел беше отсутен, Зоја ги пронајде тие хартии, но не разбираше какво значење имаа и што пишуваше во нив, а знаеше дека тие чкртаници нему му значат многу. Таа сè повеќе чувствуваше некаква чудна приврзаност кон тој прекрасен маж, што не се изразуваше низ телесна врска, преку допири и страст, туку со една бескрајна внатрешна топлина и нема благодарност и восторг. Зоја му се восхитуваше на Вангел и имаше желба да му се предаде целата, но не знаеше на кој начин да го стори тоа. Насетуваше дека и кај него ботеат слични желби, забележуваше дека и тој се колеба, сака нешто да ѝ соопшти, но се премислува, се повлекува и молчи. Напати го чувствуваше сосем близу зад себе, божем за малку ќе ја допре, но ништо, кога таа ќе се свртеше, маѓијата се губеше. Една ноќ Зоја се разбуди од сонот. Кандилцето со бледо пламенче го осветлуваше црквичето. Вангел лежеше на вообичаеното место, покриен со кожув. Таа стана, ја распрета жарта во мангалот, потоа, сета растреперена од несмирлива возбуда, легна до него и почна нежно да го милува, по образите, по вратот, по рацете, му ја откопча кошулата и го прегрна со сиот оган на својата душа. Тој наеднаш жегнат од нејзиното топло тело, малку се подигна и следниот момент, таа ослободена од својата облека, се најде под неговата тежина. Веднаш се почувствува соединета со него, но не сеќаваше никаква тегоба, а само задоволство и неизречна среќа, што ѝ лазеше од полите и утробата кон сите делчиња на нејзиното суштество. Го имаше обвиено со рацете и нозете и не му даваше ни за миг да се оддели од неа. Толку беа сраснати еден во друг, како да беа така родени, како да беа преточени во едно тело, кое пулсираше во совршено блаженство. Ништо не зборуваа, само длабоко дишеа и задоволно воздивнуваа. Светите лица на иконите среќно се насмевнуваа и ја молитвеа нивната љубов. Кога по два дена Вангел влезе во црквичето и ѝ рече дека најпосле може да ја одведе дома, бидејќи Али, плашејќи се од комитите, избегал од селото и се криел во Дупјак, на Зоја ѝ се стегна срцето. Всушност, таа сакаше да си оди дома, но беше свесна дека цел свет ќе ѝ биде пуст ако Вангел не е постојано крај неа. Сакаше да му го каже тоа, но не се осмелуваше, особено кога ќе помислеше која беше таа во однос на неговата духовна чистота. По неколку дена, откога Вангел ја врати дома, една ноќ, на вратата им затропа некој. Лена мислеше дека е тоа пак Али, кој можеби се вратил од своето скривалиште, но таа се вангелоса кога на прагот го виде мажот Стојан, кој по долги години комитаџиство и сургуни, најпосле се врати жив. На радоста како да ѝ немаше крај, но само по неколку дена Стојан дочу за семејниот срам и, не искажувајќи никаков бес и лутина поради тоа, следниот ден взори излезе од дома и со спокоен чекор се упати кон блиската корија над селото. Утредента дрварите го најдоа неговото мртво тело и не се знаеше, ниту пак подоцна се дозна, како престанало да му чука срцето. На закопот на Стојан додека поп Динко тржествено ги пееше псалмите пред отворениот гроб, околу црквата се појавија дваесетина вооружени крџалии јавнати на коњи. Вангел го препозна гласот на Мидин кој им даваше наредби. И на поп Динко му стана јасна работата и продолжи со пцалањето за да му даде време на Вангел да отстапи. Тој ја измени вообичаената пцалтска реч, и така пеејќи му рече на Вангел да се засолне во црквата. Селаните почнаа да се жерават, насетувајќи ја блиската коб. Се знаеше дека Мидин пристигна овде со другите Турци од Жервени за да го убие Вангел и да ја одведе Зоја кај Али во Дупјак. Во еден момент Зоја, која беше сета во црно, на чуден начин со ситни невидливи движења на рацете му даде знак на Вангел тој прв да влезе во црквата и дека таа веднаш потоа ќе му се придружи. Знаеше дека Турците нема да пукаат во неа, зашто на Али таа му требаше жива. Кога селаните фрлија грски земја врз сандакот на Стојан и кога веќе го ставија крстот, Вангел со долги и брзи чекори влета во црквата, и веднаш беше проследен со плотунски истрели на турските малихерки чии куршуми ја продупчија црковната врата. Настана мешаница. Некои селани што присуствуваа на закопот се разбегаа безглаво, а женските погребни лелеци прераснаа во кобни врисоци. Во еден момент кон црковната врата се стрча и Зоја, а истрелите навчас престанаа. Но пред да влезе во црквата Зоја беше зграпчена од еден крџалија што итро се симна од коњот и јурна кон неа. Вангел ја подотвори вратата и го прострела со нагантот крџалијата. Веднаш кон Зоја пристапија уште двајца крџалии; Вангел успеа да го убие едниот, но вториот ја дигна Зоја на коњот и отстапи кон групата Турци. Сега Вангел не се осмелуваше да стрела зашто можеше да ја погоди и Зоја. Турците им наредија на селаните што присуствуваа на закопот на Стојан, веднаш да се разотидат по дома. Извесно време само Лена даваше отпор и се нафрлаше кон Турците за да си ја земе ќерка си, сè додека еден Турчин по наредба на Мидин не ја удри по глава и ја онесвести. Поп Динко и уште некои селани што беа тука, ја однесоа на раце дома кај слепата Кузевица. Вангел се искачи на камбанаријата и пукаше од едно окно што му служеше како мазгалка. Одозгора можеше добро да го набљудува движењето на крџалиите, а посебно го имаше на нишан Мидин, кој, пак, свесен за тоа, постојано ја држеше Зоја до себе. Вангел имаше на располагање две малихерки и нагант, што ги извади од скривалиштето, но муницијата му привршуваше. Пукаше одвреме навреме во оние што се обидуваа да се приближат до вратата, и веќе имаше прострелано петмина. Настана затишје. Беше веќе пладне, а карџалиите со врзаната Зоја за седлото на Мидиновиот коњ, клечеа под сенките на дрвјата слично на растурено крдо кое пладнува и жеволи. Вангел се искачи на врвот на камбанаријата и почна силно да ја бие камбаната како да им даваше знак на комитите во Шестеовската Бука. Под силните удари на Вангел ѕвонот толку громко одекнуваше што сигурно се слушаше и во околните села, а можеби дури и во Костур. Гласот на камбаната ги возбуди срцата на Вангеловите соселани. Тоа беше ѕун што допираше до нив од домот на нивниот бог. И тогаш, тројца-четворица ги грабнаа скриените пушки што им ги разделија комитите на војводата Попов, и излегоа да му помогнат на Вангел. Но карџалиите беа на стреш, ги забележаа селаните, истрелаа неколку куршуми кон нив и ги натераа да се повлечат. Вангел долго ја биеше камбаната, како да сакаше со тој звук што извираше од црквата, од светите пазуви на христијанството, да ги исплаши и да им го загорчи денот на дрчните натрапници. Ја биеше камбаната и со громкото ѕвонење го будеше заспаниот народ. Мидин, токму кога Вангел гледаше кон Зоја, ја измолкна камата и ја доближи до грлото на девојката. Веднаш престана гласот на камбаната и настана гробна тишина. - Душману мој, слези долу само јас и ти со ножевите да решиме кој од нас ќе живее понатаму. Давам чесен збор... А сега, ако сакаш, пукај во мене! - му викна бесно Мидин на својот вечен непријател. Потоа се симна од коњот, истапи неколку чекори напред, на мегдан, го соблече и го фрли својот минтан наземи и ја раскопча кошулата, разгрнувајќи си ги влакнестите гради. Вангел почувствува дека дојде судниот час. Тоа беше предизвикот на неговата печална судба. Истрела во воздухот неколку куршуми, но Мидин не трепна. Вангел го фрли долу празниот нагант кој се заметка до нозете на Мидин. Потоа почна да слегува по скалите. Ја отвори вратата и се покажа како светец симнат од фреските на ѕидот. Ножот му блескаше в рака. Тргна накај Мидин кој со најожесточена злоба се нафрли на Вангел. Почна ракопашниот бој меѓу двајцата карпести мажи што се родија и што растеа во исто село, но судбината им определила да се мразат уште од деца. Зоја силно крикна и се онесвести. Двајцата мажи, смртно ранети, со зашеметени и крвави погледи, грчовито посегнуваа со рацете за да се докрајчат. Во нив гаснеше животот, немаа сила да ги држат ножевите, па се зграпчија со рацете. Недалеку од нив се чуја истрели и јуришни повици. Крџалиите вид виделија фатија накај Апоскепскиот превалец. Десетина комити стигнаа до црквата и застанаа вџасени. Пред нив лежеа двете тела, зграпчени едно во друго, како да беа вкочанети од искона, па човек не можеше да каже со сигурност дали тие крвнички се бореа или се гушкаа во една братска, проштална прегратка, божем си простуваа еден на друг за огромната омраза, која со векови се пластела и се прелевала од колено на колено, од крв на крв. Одвај ги одвоија. Тогаш дотрчаа и селаните. Зоја ја освестија но таа пак се изгуби, фрлајќи се врз мртвото тело на Вангел. Капетанот нареди телото на Мидин да се однесе на тезгере и да им се предаде на Турците во селото, нека си прават тие џенеза по нивниот тертип, а за Вангел да се ископа гроб горе, на ридот, покрај црквичето Света Петка. Кога го погребуваа Вангел, поп Динко на крајот од вообичаените псалми, со солзи во очите, наместо амин, рече: "Долу мракобесието! Да живее светлината!" По смртта на Вангел, Зоја се чувствуваше исто така мртва. Тукушто го имаше фрлено црното фереџе, таа се забради во црна шамија, и секој ден одеше и палеше свеќа на гробот на Вангел. За да може да се задржува подолго време таму, Зоја се задолжи наместо старата Маневица да ги пали кандилата во Света Петка. Сите мислеа дека е во црно поради татка си. Поминаа неколку дена и во едно матно утро, во селото екнаа грчки маршеви и топот од тешки копита и од војнички скорни, излитени и изботеани од долги, несмасни и бајалдисани пешачења и јазења. Најнапред, на бел коњ, следен од неколку други шкобави коњаници, еден војник, со победоносна и горка насмевка го вееше синото знаме со бели риги и со голем бел крст на горниот агол. Зад војниците, од кои џуркаше пот помешана со дождецот, туткулаво ганѕајќи и поревајќи се, врвеше сперлива турма од бугавци, шашливци, чапкундари, миткачи, кодоши и батакчии, бабуњосани и глембави мурдари, азарџии и калпазани, едни удирајќи на тарабуки и дајриња, други дувајќи на гајди и во пискливи зурли, кревајќи врева дури до облаците. На чело на тој бунџав џган, како шенлив и разгаштен ороводец, со набабрени пазуварки и со полни дисаги преку рамо, водејќи на синџир белорунест овен, гордо одеше нивниот водач Мано, новиот черибашија. Во левата рака држеше плетена камџија и ту го камшикуваше воздухот, ту овенот кој жално брееше. По тој шумоглав џумбуш, во еден црн пајтон, влечен од клучава маска, пристигнаа на сретсело тројца луѓе во цивилна облека, со црни паларии на главата, во гумени калоши и со чадори. Едниот од нив, низок, џбиток и пргав човек, едно излегување од пајтонот, проѕемливо праша: "Кој знае грчки?" Иако двајца-тројца селани, кои оделе на гурбет во Грција, добро знаеја грчки, сега молчеа, недоветно гледајќи вземи; се плашеа да не треба да сведочат нешто или да не ги земат со себе како драгомани или како заложници. Селската мудрост ги имаше научено дека понекогаш е подобро да траеш одошто многу да знаеш. Виде не виде, пргавиот човек, веројатно некој гркоман, им проговори на македонски: - Има ли во селово потурчени жени или чупи? - Зоја Чочева, одговорија одеднаш неколку жени. Се распрашаа каде седи и стропаа на вратата на Чочевци. Се појави Лена. - Ти ли си Зоја? - Не, рече Лена, мислејќи дека се работи за некоја нова пакост. Јас сум ѝ мајка. - Нека излезе Зоја, ќе ја носиме во Костур; митрополитот сака да ги врати во христијанска вера сите потурчени Гркинки. - Ама Зоја не е Гркинка, Македонка е. - Исто е сега тоа, важно не сме Турци... па ни Бугари, додаде тој. А ако не сака да се врати во нашата вера, тешко ќе ѝ се пише, да знаеш. Лена ја натокми Зоја, со расток и сурма ѝ ги обои веѓите, ѝ стави руменило на лицето, кое по смртта на татко ѝ и на Вангел ѝ беше бледникаво, ја наконти и натаври, потоа ја оседлаа и нивната стара маска, си ставија црни шамии на глава и тргнаа накај Костур, во митрополијата. Во дворот на митрополијата чекаа многу жени. • дојде ред и на Зоја. Влезе во големата одаја, митрополитот со еден поглед ја опфати целата, замрда малку со мантијата, за да се види дека е жив човек и ја праша: - Колку години имаш? (Во салата беше и човекот кој знаеше македонски; тој преведуваше.) - Седумнаесет. - Добро, си била малолетна, простено ти е. Но отсега натаму, не смееш да грешиш, ѝ рече строгиот митрополит, заканувајќи ѝ се со прст, зашто господ еднаш простува. Треба да ѝ бидеш верна на православната грчка вера. Зашто само таа е права вера. Митрополитот замолчи малку, а потоа ја праша: - Кое име ти го дале Турците? - Фатима. - А кое беше твоето поранешно христијанско име? - Зоја? - Отсега нема да се викаш ни Фатима, ни Зоја, туку Зои.1) До митрополитот, на една маса натрупана со разни хартии и книги, седеше еден измазнет човек, со мали окалки и запишуваше сè. Кога беше готов документот, митрополитот го зеде и пак се сврте кон Зоја, изјавувајќи ѝ свечено: - Ќерко моја, мое изгубено и вратено јагне, отсега почнува твојот нов живот. Ти си граѓанка на нова велика Грција. Оди си со здравје и раѓај ѝ многу деца на вечната грчка татковина. Зоја тргна да си оди со документот в рака, но митрополитот, на кого многу му се бендиса Зоја, и цело време го блазесуваше Турчинот кој ѝ го зел кајмакот, ја запре со прашањето: - Дали знаеш да читаш и да пишуваш? - Не, одговори срамежливо таа. - Од утре ќе пратиме грчки учител и грчки поп и во вашето село. Ги прогонивме разбојничките славјански учители и попови што ги праќаше Бугарија во оваа света земја! Да ја посетуваш наставата по грчки јазик, ќерко моја, ѝ рече тој, пиејќи ја со очите, мислејќи си во себе: "Како би ја научил јас, но таквите работи не ѝ доликуваат на мојата света мантија!" Деновите се врвчеа брзо, како мониста. Помина Митров ден, и Божиќен пост, и Св. Никола. Се ближеше Коледе големиот христијански празник. Од снегот не се гледаа ни нивјето, ни лозјата, ни гробиштата. Сите патишта беа завеани и ни жива душа не излегуваше од селото. Иако измачени и изгладнети од војните и од другите зулуми, селаните со сета душа и срце се готвеа да го прослават рождеството на нивниот севишен бог. Таа голема утеха им го ублажуваше тешкиот и неснослив поминок. Главно е да се преживее, велеа тие, да се опстане. Сè друго е божји подарок. Се собираа во селската кафеана и, пушејќи серт тутун и пиејќи лута ракија, со часови вртеа секакви муабети. - Да, да, ќе подземеше некој, смукајќи од чибукот, гледате ли што сè се прави? Во Костур веќе им градат споменици на сите загинати грчки андарти, на Павлос Мелас, на капетан Вардас, на капетан Давакис, на капетан Лазу, па дури се слуша дека митрополитот сакал да им подигне споменик и на македонските предавници, капетаните Коте Христов од Руља и Вангели од Стребрено. А каде се македонските борци, војводите Лазар Поп Трајков, Пандо Кљашев, Митре Влаот и другите? Зар тие не се бореа за слободата на Македонија? - Еми што да кажеме за нашиот Вангел Мијалков? Какво мажиште и јуначиште беше! - рече веќе погласно и посмело Гиро Крачов. Кој го споменува сега? Само кутрата мајка. - Слушајте да ви кажам една дума, се замеша и Циљо Станишев, вистинските херои ги споменуваат само нивните мајки! Туку да ги оставиме настрана тие бош лафови, зашто, жими крст, надвор пак се војва лутата сенка на хорафилакот1) Манос. - Бре! до каде наваксавме, ѓуптин да ни биде хорафилак... - огорчено забележа Гиро Крачов. - Таков ни е таксиратот нам, на Македонците, промумелка и овчарот Пено, кој стадото си го имаше повлечено од планините и го затвори во својата плевна. Готово е со нас... - Не е така, рече со извесна возбуда во гласот Христо Мијалков, кој тие денови се врати од Америка, не е баш така, браче Пено; ете, кога слегов од бродот во Солун, влегов во една задимена кафеана, што ја знаев од порано, и таму сретнав двајца познати. Тие ми рекоа дека Сандански е уште жив и готви ново востание. - И Чакаларов е уште жив! Ова го чув вчера од воденичарот Митко Чачанов! - рече тептаво Панајот Николов, кој веќе капка не ставаше в уста, правејќи шега на тоа, божем дека го жалел Мидин. Тогаш Христо Мијалков ја извади од џебот златната табакера и запали американска цигара. Воздухот лесно замириса на нешто далечно и привлечно. - А бре луѓе, пак се замеша Циљо Станишев, зошто сте букоглави? Ви реков, надвор снове сенката на Манос. А ѓупскиот авџија има најдобар 'рт. Што мислите, зошто митрополитот од толку милиони Грци токму него го најде да ни биде хорафилак? Надвор, затуткан во дебел војнички мундир, со волнен шал околу вратот, со пушка на рамо, увкајќи си во рацете, настојчиво демнеше силуетата на Мано, стариот ѓупски кодош. Покрај него ѕемнејќи и скокајќи врз снегот, циволкаше едно шкобаво црно куче, чија пасмина беше дури од Атина. Помина и Коледе, и Божик, и Василица. На Водици сите рисјани од селото беа собрани кај јазот на црквата, и новиот поп, папа Теохарис тукушто го имаше фрлено сребрениот крст во водата, а неколку момци полуголи се пикнаа да го бараат, кога ненадејно се појави, како жалосно богојавление, стариот учител Божин Лазов, родум од Апоскеп, кого грчките власти го имаа затворено во злогласниот затво во Лариса, каде по примирјето од четврти декември беа испратени на заточение повеќе македонски учители, попови, калуѓери и комити. Божин Лазов, кој тогаш имаше над шеесет години, го пуштија дома зашто беше многу слаб со здравјето и не можеше да го издржи затворскиот режим и тешкиот ќотек на свирепите затворски чувари. Кога го однесоа в затвор, по наредба на митрополитот, му ја запалија куќата, му го зедоа целиот имот и му го дадоа на еден грчки доселеник од Пелопонез. Сега Божин Лазов стоеше, дрипав, неизбричен, рошав, изѕемнет и гровнат, налик на питач, и во зимскиот самрак на луѓето им се стори како да го гледаат самиот Христос; сите се прекрстија, но кога го препознаа стариот учител, му свртија грб и продолжија да го набљудуваат древниот црковен обичај. Единствено Зоја го сожали учителот и го повика дома, му даде да јаде, му тури и една чаша вино, и кога тој малку врати душа, таа го праша: "Стрико Божине, сакаш да останеш кај нас? Татко ми умре, во куќава немаме маж. - Ама, мене за ништо не ме бива, дете мое, ѝ одговори зачудено бившиот учител; сега ми преостана само да одам по селата и да питам. Немам сила ни балтија да фатам, да исцепам дрва, ни волови да спрегнам. Таков, клекав и болен, не сакаа да ме задржат ни во затворот". Рече тој и почна да кашла. "Јас ќе се грижам за тебе, ќе живееш во нашава куќа, тука ќе се храниш, ако ми направиш едно добро". - му рече Зоја со светнати очи. "Какво добро?" - Зина Божин. "Да ме научиш да читам". - "Што ти е, жено, знаеш дека јас знам само славјанско писмо, затоа и ме затворија..." Зоја му ја стегна раката. "Токму тоа сакам да ме научиш. Можеш ли?" Учителот вчудовиден ја гледаше и не можеше да сфати што ќе ѝ е нејзе сега славјанското писмо, кога тоа е забрането и кога за тоа се оди в затвор. "Чуму ти е сега такво писмо..." - цедеше тој низ штрбавите заби. "Не, јас сакам да научам само славјанско писмо". Зоја беше настојчива. Божин Лазов, отфрлениот учител, колку и да му изгледаше невистинит таквиот договор, најпосле, собирајќи си ги рамената, се согласи. Стариот и болен Божин Лазов остана да живее кај Чочевци, а во сите околни села како молскавица се пренесе веста дека Зоја Чочева го зеде за домазет стариот учител Божин Лазов од Апоскеп. Злобните мажи и жени велеа: "Па кого друг ќе најдеше таа грешница по големиот резил што го направи со Али!" Зоја не обраќаше внимание на озборувањата, речиси преку цел ден, згрбавена покрај учителот, учеше славјанско писмо. Мајка ѝ едностојно се крстеше, мислејќи дека ќерка ѝ се штукнала од умот, па одеше кај баба Депа, пак ѝ правеше разни унери и мајови. Деновите се редеа, помина Прочка, па Младенци, Цветници и дојде Велигден. Зоја веќе знаеше да чита и да пишува, но пред тоа учеше дење-ноќе. Убавината како да ѝ беше вечна; продолжи да цути и под нејзината црнина. Момците и повозрасните мажи не можеа да се начудат што имаше најдено таа азган жена кај тој изветреан и подгрбавен старец. Некои се присламчуваа во нејзиниот двор и со часови чекаа кога таа ќе си промени облека или кога ќе си ги мие бујните пазуви. Доаѓаа да ја видат и најубавите момци од околните села, па дури и некои гиздави граѓани. Еден ден ја побара и еден критски офицер што ја видел додека бил андартин во околината. Но таа не сакаше ни врата да му отвори. Луѓето раскажуваа дека и Петре Рофјата, најголемиот заводник, што на вдовиците и на убавите жени им влегувал и низ оџак, дубел, што вели народот, и на глава, но не успеал да ја кандиса. И грчкиот млад учител Николас неколку пати ѝ отиде до дома да ја кани да оди на училиште не толку за да ја учи писмо, колку за да може да ја гледа, но таа секогаш наоѓаше начин да се извлече. Некои тврдеа дека и Али, престорен како друг, еднаш се прикрал во куќата на Зоја, но таа толку студено го примила, што тој другпат никогаш не се дрзнал да се појави пред неа. Подоцна, еден патник им кажуваше на селаните дека Али го видел дури во Анадолија и своето бројно семејство, што си го повлече уште со време од Сетома, го хранел на тој начин што работел како чифлигар и продавал плужници, распонци, придачи и други урутки, а еден друг патник тврдел дека го сретнал во Стамбул, кајшто имал отворено мала бакалница, и најпосле, трети го препознале во некој турски товарен брод, кајшто работел како огнар, сиот поцрнет и алосан. На третиот ден од Велигден, Зоја ја облече својата црна руба, се забради со црната шамија, зеде две свеќи и отиде да запали свеќа на гробот на татка си, а потоа се искачи до Света Петка, да запали свеќа и на гробот на Вангел. Потоа влезе во црквичето. Дотури масло во кандилцето, фитиљот доби сила и пушти поголемо пламенче. Зоја беше необично возбудена. Ја залости вратата и отиде кај скривалиштето, каде што Вангел ги чуваше документите и испишаните тетратки. Со треперливи раце ги извади тие толку мили работи и се приближи до кандилото, седна на столчето. Ја отвори едната тетратка. Почна да чита, отпрвин полека, сричајки слог по слог, а потоа сè потечно и посигурно, сета озарена, небаре и од нејзиното тело зрачеше некава таинствена светлина. Таа првпат читаше туѓ ракопис. Тоа беше дневникот на војводата Васил Чакаларов, што Вангел го имаше добиено на чување. Зоја дури сега сфати зошто Вангел со таква страст ја прелистуваше оваа излитена тетратка. Потоа, разгледувајќи ги другите документи, нејзиното внимание го привлече една мала и тенка тетратка, на чија површина не пишуваше ништо. Отвори и виде дека е тоа еден друг дневник. Очите на Зоја ѝ се замаглија од возбуда. Срцето почна силно да ѝ бие. На едно крајче, на првата страница, горе, прочита: "Дневник на Вангел Мијалков од с. Сетома". Зоја си ги избриша очите, длабоко воздивна и сета намовната од напирот на бујните чувства, почна да го чита финиот ракопис од раката на најзиниот најмил човек. Читаше полека, буква по буква, не сакаше ни една цртичка да ѝ избега од видот. 25 октомври 1911. Вчера имав средба со војводата Иван Попов. Тој ми рече дека сега, по избувнувањето на турско-италијанската војна, е вистинскиот момент да се организираме добро и да дигнеме востание, во што ќе ни помогнат и соседните балкански земји. Ми дадоа многу задачи, а и неколку значајни документи на чување, меѓу кои и две тетратки од дневникот на војводата Васил Чакаларов, што го пишувал за време на Илинденското востание. Колку возбудливо четиво! Веќе не можам да го пуштам од рака! Војводата ме поттикна и мене да пишувам дневник. "Секој збор што ќе го напишеме, ми рече еднаш, ќе биде светол знак за нашите потомци, кои ќе бараат да откријат зошто сме се бореле". Колку е тој силен и мудар човек. Таков треба да изгледа секој народен водач Денес кај чешмата ја видов Зоја. Току е убава, што ми го одзеде здивот. Веднаш отидов во црквата и ја удрив камбаната, со ѕвонењето за да си го смирам срцето, а истовремено и да го возбудам срцето на Зоја. Дали таа ме чу? 8 ноември. Арангелов ден. Во последно време забележувам дека Мидин ми оди по трагите. Да не открил нешто дека сум член на Организацијата? Треба да се вардам. Ковачот Радован ми рече дека Мидин веројатно е шпион на грчкиот владика од Костур. 6 декември. Свети Никола. Денес е именден на брат ми и дома ќе имаме многу гости. Утринава падна првиот снег. Кога се разбудив, првата мисла ми беше З... (Нечиток ракопис, а потоа два-три прецртани редови, Зоја се мачи да прочита нешто, но ништо не одгатнува.) Се искачив кај моето омилено место во коријата. Потоа, на својот црн ат, се појави Мидин. Кога стигна на триесетина чекори од мене, коњот му се вкочани, не мрдаше. Мидин се врати назад. Бог е на моја страна. 26 декември. Вчера беше Рождество Христово. Војводата Попов ни предложи, мене, на комитите Коста и Доне, како и на воденичарот Митко Чачанов, за да ги плашиме Турците, да им уфрламе во куќите разни рисјански предмети, облека и друго. Но Турците се сомневаат дека тие пакости ги прави оживеаната душа на Томе Минкин, па ѝ се закануваат на Гена Минкина дека ќе ѝ ја запалат куќата. Треба да прекинеме со тоа. Неколку дена не сум ја видел Зоја. Зошто не излегува? Се чувстувам грешен спрема неа поради она што ми се случи онаа ноќ со Рина, жената на братучед ми Христо,кој веќе три години е во Америка. Каква опасна жена! Не ми дава мир. А колку е невина Зоја! (На Зоја ѝ се замаглија очите.) Кога го пишувам нејзиното име, мастилото ми мириса на вруќ леб. 6 јануари 1912. Водици. Кога падна првиот снег, светот ми изгледаше како слика на слободата, но сега снегот е раскашавен од трагите на луѓето, на ѕверовите и од колските тркала. Врз снегот се гледаат илјадници изгреботини и лузни, па од вишинката на Света Петка, во студениот вечерен примрак, сè изгледа како бедно, разголено и суро ропство. Мрачните гранки на дрвјата се издигаат како затворски решетки. 23 април. Ѓурѓовден. Денес првпат по два-три месеца ја видов Зоја. Со своите пријатлки Лена Маркова, Љопа Гирова, Тома Гацова и Евгенија Лазова, беше кај големиот даб; имаа направено лулашка и се лулаа. Зоја на својата убава руса коса имаше ставено венец исплетен од ѓурѓини, боливач и незаборавки, а во раката држеше прачка од мирта. Се смееше, но, ах, некако тажно! Забите ѝ блескаа како нов ѓердан. Ги ширеше рацете и ми се чинеше дека секој момент ќе полета. Од неа ли целата природа го добиваше тој опоен мирис? Бев готов да тргнам кон нејзините усни како кон бисерен кладенец. 12 мај. Во селото се прави свадба. Се мажи Лена Маркова, прва другарка на Зоја. Приквечерта ја видов Зоја кај чешмата, полнеше вода. Ми се виде некако отсутна, бидејќи ѓумот ѝ бликаше преполнет, а таа не го забележуваше тоа. • помогнав, ѓумот ѝ го носев до Марковата куќа. Толку бев збунет што не знаев што збор да ѝ прозборам. Се обидував да изгледам смирен, но срцето ме нишаше. Нешто ѝ зборував, но не знам што. Ах, колку ја... (Пак нечитко место. Како да капнала солза, си помисли Зоја.) 16 мај. Зар е можно! Подобро да удри гром! Да нè убие двајцата! И мене и Зоја. Низ цело село одекна веста дека таа побегнала со Турчинот Али. Кога сонцето денес заоѓаше, ми личеше на месечина. 11 јуни. Вртолом. Денес Зоја првпат излезе од куќата на Али, облечена како анамка, со црно фереџе преку лице. Придружена од двете ќерки на Али, отиде да наполни вода на чешмата. Сите излегоа да ја видат. Од едната страна стоеја рисјаните, а од другата муслиманите. Нашите се попарени како од слана. Таа сакаше да се покаже горда, но забележав дека малку се пореваше во одот. Особено коа го слушна пронижувачкиот крик на мајка си. Каков резил! (Зоја се штрекна, во нејзините очи навреа солзи.) 29 јуни. Петровден. Денес ги косеа ливадите. Цел свет замириса. Дали и Зоја го вдахнала тој освежувачки мирис? Градите ми се полни (со љубов!) 13 септември 1912. Ах, има бог! Денес Зоја побегна од куќата на Али. Колку ја жалам! Толку беше исплашена! Каде ќе ја скрие Лена? Ако ја фати Али, сигурно ќе ја погуби. Или ќе ѝ помогнам или и јас ќе загинам! 14 септември. Крстовден. Четата на војводата Попов влезе во селото. Им дадовме оружје на селаните. Вечерта се случи несреќа. Од минарето падна оџата Аљко и умре на место. Кој го сторил тоа? Да не е Леко Петровчето, затоа што оџата му ја присвои нивата? Турците се исплашени. 24 септември. Денес ја спасив Зоја од една крволочна арнаутска чета. Стигнав токму на време. Тие ја нападнаа, имаа намера да ја силуваат. Го убив нивниот водач, еден грозен стробјак, другите се исплашија и бегаа како зајаци нагоре по трапот кон орманот и се загубија во капињакот. Нивните фустанели, поради силното бегање, високо им се креваа и ги покриваа. Сега боже, таа е тука. Колку ми е мила! Како да паднала од небесните градини! Ќе ја чувам. Никому не ја давам. Ах, знам, нејзиното тело, не, но нејзината душа ми припаѓа само мене. Еден ден и таа ќе го сфати тоа. Дали ќе биде предоцна? Ах, каде свети нашата ѕвезда? 27 септември. Ја запалив печката во црквичето, ставив казан со вода да се топли, за да се измие Зоја. Чекав надвор, смртно возбуден. Кога влегов внатре, црквичето мирисаше на женско тело, а Зоја светеше. Изгледаше како преродена. Вечерта ми рече: "Ја сум веќе друга". Зоја е роднина на ѕвездите. 5 октомври. Се видов со војводата Попов. Ми даде некои задолженија. "Македонија е во опаснот", загрижено ми рече војводата. Не разбирам, како можеме да бидеме во опасност кога целиот Балкан е на наша страна! Какво претчувство има војводата? Деноноќно сум буден, зашто Зоја е мојот сон. 7 октомври. Колку е убава! Во муграта станав и ја видов. Левото рамо ѝ беше откриено, а исто така, о боже, и еден дел од градите! Обли, мазни и бели, како две грутки снег. При дишењето, таа се поткреваше и се спушташе малу! Што сонуваше? Денес слегов во селото за да земам храна. Сирење, маслинки, 'ржен леб. 8 октомври. Синоќа беше студено и добро го зажарив мангалот. Црквичето се стопли. Слабото кандилце таинствено ја осветлуваше долната половина на нејзиното тело. Таа лежеше наземи, врз кожув. Мирно спиеше. Покривката беше тргната и (дали случајно?) колената ѝ беа високо разголени. Крвта наеднаш ми се крена во главата. Сиот треперев. Никогаш не сум бил обземен од таков порив. За да не го осквернам местото, и за да не ја осквернам и неа, да не направам грев, набрзина си ја облеков гуњата и излегов надвор. Свежиот ветер ме шибна и долго лутав во примрачната корија, накиснат од поројниот дождец. 9 октомври. Денес цел ден врнеше дожд и цело време бев со неа. Храна имаме од вчера. Разменивме само неколку обични зборови. Но некаков чуден заеднички пламен како да гори во нас. Мислам дека двајцата имавме по еден грамаден збор да си кажеме, но не можевме да го изговориме, затоа молчевме со часови. Кога би можел да го изговорам тој збор, чинам, од мене ќе протече река среќни зборови... Со денови надвор дува силен ветер, а во црквичето горат два огна. 13 октомври 1912. Зоја ме покрива со среќа како што баба ми, кога бев малечок, навечер ме покриваше со чергиче. Што се случи ноќва? Ах, конечно, се соединивме! Таа ми дојде во постелата, токму во моментот кога мислев дека ноќва нема око да склопам и постојано собирав сили да појдам кон нејзината топлина. Таа беше похрабра! Затоа ја боготворам! Какви беа тие среќни гукања што излегуваа од нејзиното грло, колку омајно мирисаат нејзините стројни пазуви, како ме опијануваше нејзината мазна кожа! Во каква градина сум пропаднал, боже! Сега знам, без нејзината љубов, секој мој чекор ќе ме води кон смртта. Таа ми се предаде со таква искреност и страст, што заборавив на сите страданија во животот. Така бевме соединети, во таква совршена изедначеност, како да бевме родени заедно. Како да бевме близнаци на љубовта. Сега спие. Како ангел е. Лицето ѝ свети украсено со блажена насмевка. Целата небесна светлина е собрана на нејзиното лице. Кога изгреа сонцето, го почувствував како топла утринска постела. Така завршуваа записите на Вангел. Зоја го стави дневникот во своите пазуви и долго го гушкаше. "Ах, тој никогаш не дозна дека ме оплоди таа ноќ!" По два месеца Зоја роди здраво машко дете. Кога дојдоа пред крштевката да ја прашаат за името што треба да го добие нејзината рожба, Зоја со зачудувачка гордост и од дното на душата рече: - Вангел.